Свет
Зеленски му честита на Трамп: Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на новиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му честиташе на Доналд Трамп по прогласувањето на победата на американските избори.
„Честитки за импресивната изборна победа на Доналд Трамп. Се сеќавам на нашата одлична средба во септември, кога детално разговаравме за Украина и САД.
Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп за пристапот „мир преку сила“ за глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да го приближи праведниот мир во Украина. Се надевам дека заедно ќе го спроведеме на дело.
Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп. Сметаме на континуирана силна двопартиска поддршка за Украина во САД.
Ние сме заинтересирани за развој на заемно корисна политичка и економска соработка од која ќе имаат корист и двата наши народи. Украина, како една од најсилните европски воени сили, е посветена на обезбедување долгорочен мир и безбедност во Европа и трансатлантската заедница со поддршка на нашите сојузници.
Со нетрпение очекувам лично да му честитам на претседателот Трамп и да разговараме за начините за зајакнување на стратешкото партнерство на Украина со Соединетите Американски Држави“, напиша Зеленски на X.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Инциденти по протестот во Белград: Петпати фрлија солзавец, но луѓето бришат солзи и не се откажуваат, летаат јајца и шишиња по полицијата

Голема толпа народ не се повлекува од улиците на Белград иако студентскиот протест, преку кој испратија порака за предвремени парламентарни избори, заврши. Полициски кордони има насекаде и се обидуваат да ја потиснат масата луѓе. Граѓаните на многу места фрлаат со шишиња, лименки, камења и јајца по полицијата, се жалат дека се чувствува солзавец во воздухот, но велат дека нема да се откажат.
„Бевме пред кордонот полиција, во првиот ред. Петпати фрлија солзавец, но луѓето бришат солзи и не се откажуваат. Доста е страв, нема понатаму. Ова е нивен крај, не наш. Остануваме до крај“, вели за српската телевизија „Н1“ студентка која на протестот е со мајка си и не сака да си замине.
„Спуштете ги штитовите“ извикуваат граѓаните и не сакат да отстапат. Ставаат маски на лицата и пренесуваат повик „да не се откажуваме, се додека сме мирни, ништо не можат“.
Студентскиот протест на кој беа пренесени пораките за предвремени избори заврши мирно, а инцидентите почнаа во моментот кога студентите ги соблекоа елеците.
Регион
(Видео) Студентите на протестот во Белград ќе развеат знаме „какво што не се очекува“

Студентскиот протест во Белград почна со огромен број луѓе кои се уште се слеваат кон плоштадот Славија. Студентите за вечерва најавија дека ќе развеат знаме „какво што досега не е видено“. Откога почна протестот тие на социјалните мрежи објавија кусо видео од последните подготовки за изнесување големо знаме на улица со најава дека „тоа ќе биде знаме кое не сте го очекувале“.
Biće to zastava koju niste ocekivali pic.twitter.com/qeFNGlGmHD
— Žaklina Tatalović (@zaklina_prva) June 28, 2025
Протестот е предвидено да заврши во 21 часот кога истекува рокот кој студентите го дадоа на власта за распуштање на Народното собрание распишување предвремени парламентарни избори како и растурање на протестот во Пионерскиот парк каде некои студенти на контрапротест три месеци кампуваат и бараат продолжување на универзитетската година. За се што ќе се случува по 21 часот, студентите кажаа дека не се надлежни, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, попладнево рече дека очекува насилство, токму во периодот од 21 до 22 часот.
Регион
Плоштадот Славија во Белград се преполни, реки луѓе доаѓаат од сите страни на видовденски протест

Под слоганот „Се гледаме на „Видовден“ попладнево плоштадот Славија во Белград, Србија се преполни луѓе. Српските медиуми јавуваат дека реки народ се уште доаѓаат кон плоштадот од сите страни на државата.
Студентите, поддржани од огромен број граѓани имаат две барања од властите. Првото барање е распуштање на Народното собрание и распишување предвремени парламентарни избори до 21 часот денес, а второто барање е да прекине протестот на некои од студентите кои бараат продолжување на универзитетската година и три месеци кампуваат во Пионерскиот парк во центарот на Белград.
Студентите кои го организираат протестот најавија дека тој ќе трае три часа, треба да заврши во 21 часот и се огласија за ненадлежни за се што ќе се случува по 21 часот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека очекува насилство на протестот кое ќе почне меѓу 21 и 22 часот.