Свет
Зеленски: Путин повторно зборуваше сам со себе, а тоа беше пренесено на телевизија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно ги отфрли обвинувањата на рускиот претседател Владимир Путин дека Украина е вмешана во терористички напад на периферијата на Москва. За време на своето редовно обраќање, Зеленски рече дека Путин сите освен себе ги смета за терористи.
„Денеска Путин повторно си зборуваше сам со себе, а тоа беше пренесено на телевизија. Повторно ја обвинува Украина. Болно и цинично суштество. За него сите се терористи, освен самиот тој, иако веќе две децении го води теророт. А кога ќе замине, кај него ќе исчезне и барањето за терор и насилство, бидејќи тоа е негово барање. Ничие друго“, изјави синоќа Зеленски.
Зеленски им се заблагодари на сите што работат на отстранување на последиците од најновите руски напади. Тој нагласи дека е исклучително важно да се внимава на оние на кои им е потребна поддршка.
Инаку, Зеленски вчера учествуваше на ифтар, специјална вечера одржана во текот на месецот Рамазан, пишува Украинска Правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Парламентот во Бугарија одби воведување на еврото

Претседателката на бугарскиот парламент, Наталија Киселова, го отфрли предлогот на претседателот Румен Радев за организирање референдум за воведување на еврото, велејќи дека тоа е спротивно на уставот, објави бугарската новинска агенција БТА.
Радев предложи одржување референдум за воведување на еврото следната година.
„Дали се согласувате дека Бугарија треба да ја воведе единствената европска валута „евро“ во 2026 година?“ е прашањето што би се поставило.
Владата го критикуваше ова, а еден министер рече дека тоа е обид за саботирање на нејзините напори за воведување на еврото.
Враќајќи го предлогот, Киселова рече дека тој е неконзистентен со неколку членови од бугарскиот устав и договорите на ЕУ, како и со одлуката на бугарскиот Уставен суд.
Бугарскиот Уставен суд претходно го отфрли барањето за организирање референдум за воведување на еврото.
Бугарската влада планира да го воведе еврото во јануари доколку Европската комисија и Европската централна банка во јуни оценат дека земјата ги исполнила сите критериуми.
Свет
Америка потврди: Ако дојде Путин, доаѓа и Трамп

Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, пензионираниот генерал Кит Келог, изјави дека САД се надеваат на пристигнување на Владимир Путин на преговорите во Истанбул. Ако тоа се случи, рече тој, самиот претседател Трамп ќе дојде.
„Сакаме да постигнеме сеопфатен прекин на огнот во Украина, а дури потоа да ги отвориме прашањата за територијата“, изјави Келог за „Фокс бизнис“.
Американските медиуми претходно објавија дека одлуката на Трамп да дојде во Истанбул зависи од тоа дали Путин ќе се појави на разговорите.
Администрацијата на Трамп потврди претходно денес дека ќе ги испрати Келог и Стив Виткоф во Турција за да ги претставуваат САД во потенцијалните преговори меѓу Русија и Украина.
Свет
Мерц: ЕУ е подготвена да воведе построги санкции кон Русија доколку нема напредок во преговорите

Европската унија е подготвена да воведе построги санкции против Русија доколку оваа недела не се постигне напредок во преговорите за прекин на војната во Украина, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц, наведувајќи дека веќе е подготвен нов пакет санкции.
Мерц на прес-конференција по разговорите со својот грчки колега Киријакос Мицотакис во Берлин изјави дека Брисел чека рускиот претседател Владимир Путин да се вклучи во преговорите и дека санкциите ќе бидат заострени доколку нема вистински напредок во преговорите оваа недела, објави Ројтерс.
Германскиот канцелар изјави дека ЕУ ќе разгледа и воведување нови санкции против Русија во областа на енергетиката и финансискиот пазар. Мерк оцени дека би било неразумно доколку украинскиот претседател Володимир Зеленски се согласи на нови компромиси во врска со преговорите и изјави дека се согласува Зеленски да се сретне со руските претставници во четврток.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека подготовките на Русија за преговорите со Украина во Истанбул продолжуваат. Песков истакна дека Кремљ не планира да дава други коментари за планираната руско-украинска средба во Истанбул, објави Тасс.
Путин предложи продолжување на директните преговори со Украина без предуслови, кои беа прекинати во 2022 година, и дијалогот да започне на 15 мај во Истанбул.
Зеленски се согласи на разговорите во Турција на 15 мај, но од самиот почеток рече дека сака лична средба со Путин. Русија сè уште не објавила на кое ниво ќе учествува, пренесува Танјуг