Свет
Зеленски: Русија набргу ќе ги испрати Севернокорејците во борбените зони, ова е ескалација
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија планира да распореди севернокорејски трупи во борбените зони од 27 до 28 октомври повикувајќи се на разузнавачки информации.
„Според разузнавачките податоци, се очекува Русија да ги распореди првите севернокорејски војници во борбените зони на 27-28 октомври. Ова претставува руска ескалација“, напиша Зеленски на „Икс“ по добивањето на информацијата од врховниот командант.
Зеленски не појасни во кои борбени зони треба да бидат испратени севернокорејските војници, ниту даде други детали.
Украинската воена разузнавачка служба вчера соопшти дека првите севернокорејски војници веќе биле забележани во руската погранична област Курск, каде што украинската армија оперира од инвазијата во август.
Речиси 12.000 севернокорејски војници, од кои 500 офицери и тројца генерали, веќе се во Русија и нивната обука се изведува во пет воени бази, соопшти разузнавачката служба.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека зависи од Москва како ќе го спроведе договорот за партнерство со Пјонгјанг за кој нагласи дека вклучува клаузула за заемна помош за секоја страна за да ѝ помогне на другата да одбие надворешна агресија.
Путин не негира дека севернокорејските војници се во Русија.
„Ова е наша работа“, нагласи тој. Западните сојузници велат дека нивното учество во конфликтот во Украина би било голема ескалација.
Зеленски смета дека Западот не треба да реагира на вклучувањето на Северна Кореја „со рамнодушност или нејасни коментари, туку со опиплив притисок и врз Москва и врз Пјонгјанг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сијарто: Европа е зафатена од воена треска, се подготвува за конфликт со Русија
Европа е зафатена од „воена треска“ и сè поотворено се подготвува за војна, предупреди унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, коментирајќи ја намерата на Европската Унија да му испрати на Киев речиси 200 милијарди евра за оружје и функционирање на државата.
„Кога зборуваме за мобилизација на 60 милијарди евра европски пари за вооружување на украинската армија или за испраќање 130 милијарди евра во Украина, тешко е да се нарече тоа поинаку освен подготовка за војна“, рече Сијарто во емисијата „Борбен Час“.
Според него, наместо да придонесува за мирот, Европската Унија сè подлабоко тоне во политиката на конфронтација, што може да има далекусежни последици за безбедноста на континентот.
Сијарто истакна дека единствениот пат до стабилност е „евроазискиот дијалог“, бидејќи без Русија, како што рече, не е можно да се создаде реална и одржлива безбедносна архитектура во Европа.
„Нереално е да се мисли дека Европа ќе биде безбедна ако Русија остане изолирана. Безбедноста е можна само преку соработка, а не преку санкции и конфронтација“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Фото: принтскрин
Свет
Порака од Првата светска војна пронајдена на австралиска плажа
Пораки во шише напишано од двајца австралиски војници неколку дена по заминувањето со брод на фронтот во Франција за време на Првата светска војна се пронајдени повеќе од еден век подоцна на брегот на Австралија.
Шишето од брендот „Швепс“ е пронајдено веднаш над линијата на водата на плажата Вартон во близина на Есперанс во државата Западна Австралија од страна на Питер Браун, кој со својата ќерка Фелисити бил на една од редовните семејни експедиции со квадбајк за чистење на плажата од ѓубре, потврди неговата сопруга Деб Браун, пренесува АП.
„Многу чистиме на нашите плажи за никогаш да не поминеме покрај парче ѓубре. Значи, ова мало шише само стоеше таму чекајќи нè да го собереме“, рече Деб Браун.
Внатре во проѕирното, дебело стакло се наоѓале весели писма напишани со молив од војниците Малколм Невил (27) и Вилијам Харли (37), датирани на 15 август 1916 година. Нивниот воен брод тргнал од Аделаида, главниот град на Јужна Австралија, на 12 август истата година, на долго патување до другата страна на светот, каде што австралиските војници требало да го зајакнат 48-от австралиски пешадиски баталјон на Западниот фронт во Европа. Невил бил убиен во акција една година подоцна, а Харли бил ранет двапати, но ја преживеал војната, за да умре во Аделаида во 1934 година.
Војникот Невил го замолил оној што ќе го најде шишето да го достави писмото до неговата мајка Робертина Невил во Вилкават, сега практично„град на духови“ во Јужна Австралија, додека Харли, чија мајка починала до 1916 година, напишал дека ќе биде среќен ако оној што ќе го најде шишето ја зачува неговата порака.
Внуката на Харли, Ен Тарнер, рекла дека нејзиното семејство било апсолутно запрепастено кога ја пронашле пораката на нејзиниот дедо во шише. „Едноставно не можеме да веруваме. Навистина изгледа како чудо и навистина се чувствуваме како дедо да ни се обратил од гробот“, изјави Тарнер за Австралиската радиодифузна корпорација.
Пранункукот на Невил, Херби Невил, рече дека неговото семејство било обединето од „неверојатното“ откритие. „Звучи како да бил доста среќен што отишол во војна. Толку е тажно што се случило. Толку е тажно што го загуби животот. Каков човек беше“, рече Невил.
Фото: принтскрин
Свет
Израел по новите напади врз Газа: Повторно ќе го почитуваме примирјето
Израелската војска соопшти дека повторно ќе го почитува примирјето во Појасот Газа, откако во текот на ноќта извршила воздушни напади како одговор на напад врз нејзини војници.
Според соопштението, израелската армија бомбардирала десетици цели, при што биле убиени повеќе од 30 вооружени лица што имале командни позиции во палестинските вооружени групи.
Палестински медицински извори пренесуваат дека во нападите загинале најмалку 104 лица, јави Ројтерс. Ако бројките се потврдат, тоа би бил најголем број жртви од почетокот на примирјето на 10 октомври.
Израел ја обвини организацијата Хамас за заседа во Рафа во која загинал израелски војник, но Хамас го негира тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, и покрај новите инциденти, примирјето останува на сила и дека „ништо нема да го загрози“, додавајќи дека Хамас вети дека ќе го почитува договорот.

