Европа
Зеленски: Русија се подготвува за нова офанзива, а не за крај на војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руската војска не се подготвува да ја заврши војната, туку презема чекори, што, како што вели тој, укажуваат на подготовки за нови офанзивни операции.
Во објава на социјалните мрежи тој им се заблагодари на лидерите на ЕУ за нивната поддршка за независноста и за територијалниот интегритет на Украина и нагласи дека единството на ставовите не смее да биде загрозено повикувајќи ги партнерите дополнително да го зголемат притисокот врз Русија.
I am grateful to the leaders of Europe for their clear support of our independence, territorial integrity, and precisely such an active approach to diplomacy that can help end this war with a dignified peace.
Indeed, we all support President Trump’s determination, and together…
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 12, 2025
„Заедно разговараме за прашања што се однесуваат на безбедноста на Украина и на Европа. Секоја одлука мора да придонесе за нашите заеднички безбедносни капацитети. И ако Русија одбие да го запре убивањето, таа мора да ја сноси одговорноста за тоа“, рече Зеленски.
Тој исто така го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за одржување самит со рускиот претседател Владимир Путин. „Навистина, сите ја поддржуваме решителноста на претседателот Трамп и заедно мора да формираме ставови што нема да дозволат Русија повторно да го измами светот“, рече Зеленски.
Тој додаде дека сè додека војната и окупацијата продолжуваат, сите мора да продолжат со притисокот – преку воена сила, санкции и дипломатија. „Им благодарам на сите што помагаат. Мир преку сила“, заклучи украинскиот претседател.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

