Свет
Зеленски се предомисли: За контраофанзивата ни треба повеќе време, не сме подготвени

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на украинската армија ѝ треба повеќе време да ја подготви очекуваната контраофанзива со цел да ги потисне руските окупаторски сили.
Тој истакна дека би било неприфатливо да се изврши нападот сега бидејќи ќе бидат изгубени премногу животи.
„Со она што го имаме можеме да напредуваме. Но, би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо. Затоа треба да почекаме. Ни треба уште малку време“, рече Зеленски.
Украинската контраофанзива се очекува со недели. Украина добива напредно западно вооружување, вклучувајќи тенкови и други оклопни возила, како и обука на Западот за своите војници додека се подготвува за очекуваниот напад.
Силите на Кремљ се длабоко вкоренети во источните региони на Украина со слоевити одбранбени линии длабоки до 20 километри.
Контраофанзивата на Киев, најверојатно, ќе се соочи со мински полиња, противтенковски ровови и други пречки, пренесува „Асошиетед прес“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Европската комисија и’ се закани на Унгарија со мерки ако донесе закон против невладините организации

Европската комисија се закани со мерки против Унгарија доколку владата на премиерот Виктор Орбан усвои контроверзен закон со кој се ограничува работата на невладините организации (НВО).
Воведувањето закон за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги регулативи за невладините организации финансирани од странство кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија.
Нацрт-законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, според Комисијата е сериозно кршење на правата на ЕУ. Извршното тело на Европската унија повика на повлекување на нацртот од законодавниот процес.
Доколку законот биде усвоен според очекувањата, Комисијата на чело со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека нема да се двоуми да ги преземе неопходните мерки.
Комисијата може да покрене посебни постапки за такви случаи на прекршување, што ќе резултира со високи казни за земјите-членки кои не се во согласност со правото на ЕУ.
Нацрт-законот дозволува невладините организации финансирани од странство кои можат да влијаат на јавното мислење да бидат ставени на црната листа. Тие организации потоа можат да добијат материјална поддршка од странство само со одобрение од даночната управа на земјата во која работат. Ако една невладина организација се финансира со други средства, мора да плати 25 пати поголема сума на државата како казна, во спротивно ќе биде распуштена и забранета.
Свет
Жената која избоде 18 лица во Хамбург ќе биде сместена во психијатриска установа

Судија нареди 39-годишната жена осомничена за напад со нож на главната железничка станица во Хамбург да биде предадена на психијатриска установа, соопшти полицијата во саботата. Во напад со нож во петокот беа повредени 18 лица во овој северен германски град.
Осомничената, која набрзо по инцидентот е приведена, доби кривична пријава за обид за убиство на 15 лица со тешки телесни повреди. Според претходните полициски извештаи, нападот не бил политички мотивиран.
„Напротив, постојат многу јасни индиции дека осомничената е ментално болна“, соопшти полицијата.
Осумнаесет повредени се на возраст од 19 до 85 години. Три жени на возраст од 24, 52 и 85 години, како и еден 24-годишен маж се пренесени во болница со повреди опасни по живот. Полицијата во саботата соопшти дека сите се стабилни. Седум други лица се тешко повредени, а седум се здобиле со полесни повреди.
Нападот бил прекинат благодарение на храбрата интервенција на двајца случајни минувачи.
Свет
Голем прекин на струјата во Кан во екот на филмскиот фестивал

Голем прекин на струја во јужниот француски град Кан го наруши последниот викенд на меѓународниот филмски фестивал. Околу 160.000 домови во крајбрежното одморалиште и соседните општини беа погодени од прекин на електричната енергија од околу 10 часот во саботата по ноќниот пожар во електраната, објави операторот на електроенергетската мрежа РТЕ на „Икс“.
Се претпоставува дека пожарот во општина Танерон бил намерно предизвикан, изјави портпаролката на полицијата. Сепак, таа не можеше да каже дали има поврзаност меѓу инцидентот и филмскиот фестивал.
Фестивалската палата има свое независно напојување со електрична енергија, па фестивалската програма генерално продолжи нормално. Сепак, проекциите на филмови во Синеум, мултиплекс кино лоцирано надвор од центарот на градот, беа прекинати.
Доделувањето на наградите на филмскиот фестивал ќе се одржи според планираното во сабота навечер, соопштија организаторите. Тимови од РТЕ и добавувачот Енедис работат на обновување на мрежата. Француските медиуми, повикувајќи се на РТЕ, наведуваат дека се уште не се знае кога ќе завршат работите.
Филмскиот фестивал во Кан се смета за најважниот филмски фестивал во светот, заедно со филмскиот фестивал во Венеција. Оваа година за главната награда „Златна палма“ се натпреваруваат 22 филма.