Свет
Зеленски: Следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки во оваа војна
Следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки за војната меѓу Русија и Украина, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски по повод добивањето на Златната плакета што му ја врачи Американската академија за достигнувања.
„Американската академија за достигнувања 60 години го препознава придонесот за развојот на човештвото со наградата Златна плакета. За генијалност, која може да се реализира само во услови на слобода“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс.
Тој нагласи дека на Украина и останува малку време да го одреди исходот од војната.
„Немаме многу време. Следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки за оваа војна, војната на Русија против Украина и сите вас, бидејќи тоа е војна на Русија против самата слобода. Имаме малку време да одредиме каков ќе биде нејзиниот исход, и тоа мора да го одредиме – не Русија, ниту нејзините крвави сојузници, не треба да ги загубиме следните неколку месеци во војната“, нагласи Зеленски.
Тој истакна дека Украина веќе има План за победа.
„И го презентирам овој план на Америка: претседателот Џозеф Бајден, Конгресот, претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп и сите наши глобални партнери. Верувам дека тоа ќе биде наше заедничко достигнување заради слободата, без никакви компромиси на сметка на слободата“, рече Зеленски.
Обраќајќи им се на учесниците на церемонијата, тој исто така истакна дека „денешниот свет не ни дозволува да изгубиме ниедна битка, кога на едната страна е слободата, а на другата е сето она што никогаш не би го посакале за нашите деца“.
„На сите ни треба победа. И сите знаеме зошто“, заклучи претседателот на Украина.
Посетата на САД Зеленски ја започна со посета на фабриката за муниција „Скрантон“, каде се произведуваат компоненти за артилерија и минофрлачки гранати, пренесе Укринформ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан со предупредување: Додека нема нафта, нема пари за Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да поддржи финансиска помош за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“, пренесува Анадолија.
Орбан изјави дека Украина, иако технички подготвена за нафтоводот, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.
„Додека нафтата не тече низ „Дружба“, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа Икс. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.
Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да поддржи економска помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.
Транспортот на нафта до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот врз „Дружба“. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел гориво во Украина.
Во исто време, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел не успеаја да се договорат за 20-тиот пакет санкции против Русија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го оцени тоа како чекор назад, но рече дека разговорите со Унгарија и Словачка продолжуваат со цел да се постигне договор.
Свет
Жена избодена до смрт на гробиштата во Виена: уапсена 14-годишна девојка
65-годишна жена е пронајдена мртва со повеќекратни убодни рани во виенскиот округ Пенцинг доцна во понеделникот попладне. Безживотното тело е откриено на гробиштата Баумгартен околу 17:30 часот од страна на случаен минувач. Полицијата уапси 14-годишно девојче под сомнение за убиство, објавува „Хојте“.
Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но за 65-годишната жена било предоцна. „Обидот за реанимација не успеа“, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за агенцијата АПА на местото на настанот. Веднаш е започната истрага.
Истрагата брзо ги одвела истражителите од Покраинската канцеларија за кривични истраги до 14-годишно девојче во кое полицијата се посомнева поради нејзиното однесување. Девојчето живеело во непосредна близина на гробиштата, каде што се верува дека е убиена жената. Се верува дека жртвата е избрана по случаен избор.
Тинејџерката е уапсена на нејзината домашна адреса и моментално е во притвор. Таму, истражителите запленија нож, за кој се сомнева дека е оружјето употребено во злосторството, како и облека поврзана со убиството. Таа се смета за главна осомничена, но сè уште не е познато дали е испрашана.
Полицијата сè уште не објави детали за идентитетот на жртвата или осомничената. Гробиштата беа затворени за јавноста до 21 часот, а имаше силно полициско присуство. Екипата на местото на злосторството работеше доцна во ноќта и истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Макрон: Војната во Украина е стратешки, воен и економски неуспех на Русија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, оцени дека војната во Украина, која трае веќе четири години, претставува „троен неуспех“ на Русија – воен, економски и стратешки.
„Четири години Европа се буди со звукот на руските бомби во Украина. Четири години агресивна војна избрана од Русија, со очигледно непочитување на меѓународното право, суверенитетот на народите и човечките животи. Четири години погодени градови, уништени училишта и болници, енергетска инфраструктура методично насочена кон туркање на семејствата во студ и терор. Четири години, 15.000 убиени украински цивили. Четири години уништени животи, насилство, силување, тортура, воени злосторства и терор. Четири години, илјадници украински деца оттргнати од нивната земја и нивните семејства. Но, четири години Украина цврсто стоеше и се спротивставуваше“, рече Маркон на социјалната мрежа Икс, објави „Фигаро“.
Макрон додаде дека Украина е „првата линија на одбрана на Европа“ и потврди дека Франција и европските земји цврсто стојат зад неа.
„Исто така, ќе продолжиме да ја таргетираме руската воена економија: ќе останеме на курсот на санкции и ќе продолжиме со нашите акции против „флотата на духови“. До оние кои мислат дека можат да сметаат на нашиот замор: грешат. Ние сме и ќе останеме со Украина“, нагласи францускиот претседател, објави Танјуг.

