Свет
Зеленски: Ќе преживееме

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги предупреди своите сограѓани дека денеска може да се соочат со нови руски ракетни напади.
„Знам дека ударите доведоа до губење на електрична енергија на многу места. Работиме, ќе вратиме сè, ќе преживееме“, рече Зеленски во видеото објавено на Интернет, пренесе „Ројтерс“.
Најмалку едно лице загина во денешниот руски ракетен напад врз Киев, а енергетската ситуација во цела Украина е критична по бранот руски ракетни напади кои ја оштетија енергетската инфраструктура, соопштија украинските власти.
Украинскиот национален оператор за електрична енергија „Укренерго“ објави дека најголеми штети се предизвикани во северните и централните региони на земјата и дека во тие области се воведени итни прекини на струја за сите категории потрошувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон разговараше за Газа со Трамп и арапските лидери

Францускиот претседател Емануел Макрон вчера од Каиро, каде што е во посета, организираше разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со неговиот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори, на тема Газа, соопшти Елисејската палата.
„На иницијатива на претседателот на Републиката денеска беше организиран повик со претседателот Трамп, претседателот Сиси, кралот на Јордан и претседателот на Републиката за да се разговара за ситуацијата во Газа“, соопштено е.
„Тројцата лидери разговараа со претседателот Трамп за начините итно да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа, нагласувајќи ја потребата веднаш да се воспостави целосен пристап за испорака на хуманитарна помош и ослободување на сите заложници и затвореници“, објави француското претседателство.
„Тие инсистираа на потребата да се создадат услови погодни за вистински политички хоризонт и да се мобилизираат меѓународните напори за да се стави крај на страдањата на палестинскиот народ, да се врати безбедноста и мирот за сите и да се имплементира решение за две држави“, се додава.
Според Париз, „тројцата лидери и претседателот Трамп одлучиле да останат во близок контакт“.
Во Каиро, Емануел Макрон, Абдел Фатах ал-Сиси и Абдала Втори покажаа дека формираат обединет фронт за да се спротивстават на „префрлањето на населението“ од Газа, предвидено во неодамнешниот контроверзен план на Трамп за опколената палестинска територија, јавува агенцијата Франс прес.
Свет
(Видео) Трамп: Газа е неверојатно вреден недвижен имот, би било добро да го поседуваат САД

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повтори дека сака САД да ја преземат контролата врз Појасот Газа, опишувајќи ја палестинската енклава како „неверојатно вреден и важен недвижен имот“.
„Да има мировни сили како САД таму, да го контролира и поседува Појасот Газа, би било добра работа“, рече Трамп во говорот од Белата куќа придружуван од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Trump on Gaza: I think it’s an incredible piece of important real estate. And I think it’s something that we would be involved in…controlling and owning the Gaza Strip would be a good thing… if you move the Palestinians around to different countries, you really have a freedom… pic.twitter.com/SaBDIToASB
— Republicans against Trump (@RpsAgainstTrump) April 7, 2025
Трамп повторно предложи раселување на палестинското население од Газа и изјави дека „многу земји“ ќе ги прифатат 2,1 милиони раселени Палестинци.
Регионалните сојузници веќе го отфрлија планот што би вклучувал принудно преместување на населението бидејќи тоа би можело да претставува воено злосторство.
Според Обединетите нации, израелската војна против Хамас раселила 90 отсто од населението во Газа.
„Ако ги земете овие луѓе, Палестинците, и ги преместите во различни земји – и имате многу земји што би го направиле тоа – тогаш всушност имате зона на слобода. Може да ја наречете зона на слобода, слободна зона, зона во која луѓето нема да умираат секој ден“, рече Трамп.
„Тоа е проклето добар простор. Знаете како го нарекувам – одлично место во кое никој не сака да живее“, додаде тој.
Трамп, исто така, се запраша зошто Израел ја „препуштил Газа“ на прво место.
„Земете земја покрај морето и им ја давате на луѓето за мир. Како заврши тоа“, праша Трамп, кој претходно предложи Газа да се претвори во „Ривиера“ во американска сопственост.
Свет
Бил Гејтс: Моите деца ќе добијат помалку од еден процент од вкупното богатство, решив дека нема да им правам услуга

Иако е еден од најбогатите луѓе во светот, Бил Гејтс не планира да го пренесе своето богатство на своите деца.
Милијардерот има три деца со поранешната сопруга Мелинда: Џенифер Кетрин Гејтс (29), Рори Џон Гејтс (25) и Фиби Адел Гејтс (22). Неодамна се појави на подкастот Figuring Out With Raj Shamani, каде отворено зборуваше за тоа како ги воспитувал своите деца.
Гејтс, чие богатство се проценува на 107 милијарди долари (околу 99,8 милијарди евра), објасни дека неговите деца ќе наследат само мал дел од неговото богатство кога ќе умре, поточно помалку од еден процент.
Во подкастот, тој беше прашан што мисли за тоа дали родителите, богати или сиромашни, треба да заштедат пари за да им ги остават на своите деца или треба да најдат друга употреба на своето богатство.
„Секој сам одлучува, а во мојот случај моите деца имаа одлично детство и образование, но ќе добијат помалку од еден процент од вкупното богатство, бидејќи решив дека нема да им правам услуга ако наследат повеќе“, одговори тој.
„Не се работи за династија, не барам од нив да го водат Мајкрософт. Сакам да им дадам можност сами да заработат пари и успех“, рече тој и додаде дека сака неговите деца да изградат нешто свое, а не цел живот да ги следи „сенката на неверојатната среќа и привилегија што ја имал нивниот татко“.
Гејтс, исто така, ја истакна важноста на отворената комуникација со децата за овие теми.
„Не сакате вашите деца никогаш да бидат збунети околу вашата поддршка и љубов кон нив. Затоа мислам дека е важно рано да ја објасните вашата филозофија: дека ќе ги третирате сите подеднакво и ќе им пружите неверојатни можности, но дека највисоката цел на тие ресурси е да се вратат на најпотребните преку фондацијата Гејтс“, рече тој, додавајќи дека основата на сите негови деца е многу успешна.
Гејтс, исто така, истакна дека видел примери каде децата на богатите поединци ги охрабруваат своите родители да бидат пофилантропски настроени.
„Видов случаи кога децата им кажуваа на своите родители да бидат подарежливи. Мислам дека помладите генерации понекогаш всушност ја отфрлаат идејата дека богатството едноставно се наследува“, рече тој.
Минатата година, во интервју за „Форбс“, Гејтс потврди дека поголемиот дел од своето богатство ќе биде дониран во хуманитарни цели, вклучувајќи ја и фондацијата Гејтс.