Свет
Значително зголемен бројот на извештаи за сексуални напади во Шведска од 2013 година
Шведската агенција за кривична статистика „Бре“ посочува дека има зголемување на бројот на пријавени сексуални напади во Шведска, при што повеќе од шест отсто од жените велат дека биле жртви на сексуални злосторства изминатата година, пренесува „Спутник“.
Агенцијата објави дека бројот на жени на возраст од 18 до 84 години, кои доживеале некаков сексуален напад, се зголемил од 4,7 отсто од населението во 2016 година на 6,4 отсто во 2017 година.
Според агенцијата, помеѓу 2006 и 2012 година нивото беше релативно стабилно, но од 2013 година процентот на жени што тврдат дека биле изложени на сексуални престапи покажува јасен пораст.
Марија Содерстром, истражувач во „Бре“, го коментира извештајот велејќи:
„Важно е да се има предвид дека сексуалниот престап е категорија на криминал што опфаќа широк спектар кривични дела, од насилни сексуални коментари до многу тешки кривични дела, како што е силувањето“.
Шведскиот радиодифузер СВТ беше жестоко критикуван поради откривањето на потпалувачките статистики, кои докажуваат дека мажите родени во странство извршуваат околу 85 отсто од силувањата во земјата и претставуваат мнозинство во осудените за силување и обид за силување во последните пет години. Притоа, половина од мигрантите биле во земјата помалку од една година пред нападот.
Претходно, годинава, агенцијата обелодени дека вкупниот број пријавени случаи на силување се зголемил 10 отсто во споредба со 2016 година со пријавени над 7.000 случаи. Силувањето и другите сексуални злосторства беа главна тема во пресрет на мигрантската криза од 2015 година, при што некои тврдеа дека мигрантите и оние со мигрантско потекло се диспропоционално вклучени во сексуалните напади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.
Свет
Пак загинати во израелски напади во Газа
Најмалку 12 Палестинци утрово загинаа во израелски напади на јужниот и северниот дел на Појасот Газа, соопштија болниците во Газа.
Ова е еден од израелските напади со најголем број жртви откако стапи во сила примирјето во Појасот Газа на 10 октомври.
Во нападите се погодени локации на северот и југот на Појасот Газа, вклучувајќи станбена зграда во градот Газа и шатор во Кан Јунис, рекле официјални претставници на болниците. Тие навеле дека меѓу жртвите има две жени и шест деца.
Министерството за здравство на Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500 Палестинци се убиени во израелски напади од почетокот на примирјето на 10 октомври.

