Свет
Идентификувани останките од три жртви од нападите на 11 септември

Останките од три жртви од нападите на 11 септември се идентификувани благодарение на напредокот во ДНК технологијата.
Службениците во четврток објавија дека ги идентификувале останките на 26-годишниот трговец со валути Рајан Д. Фицџералд, 72-годишната пензионирана директорка на непрофитна организација Барбара А. Китинг и уште една жена, чие име се чува во тајност на барање на нејзиното семејство.
Останките се идентификувани преку подобрено ДНК тестирање на останките пронајдени во урнатините по нападите на 11 септември 2001 година, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач во Њујорк. Останките на Китинг и жената, чиј идентитет не е објавен, се пронајдени во 2001 година, а останките на Фицџералд се пронајдени следната година.
Китинг се враќала дома во Калифорнија со летот на „Американ ерлајнс“ кога членови на Ал Каеда го киднапирааа и намерно го удрија во северната кула на Светскиот трговски центар. Парче од нејзината банкарска картичка било пронајдено во остатоците.
Во нападите од 11 септември, два авиона се урнаа во Кулите Близначки во Њујорк, трет се урна во Пентагон, а четвртиот се урна во Пенсилванија. Вкупно 2.977 луѓе загинаа, од кои 2.753 во Њујорк. Околу 1.100 жртви остануваат неидентификувани, соопшти канцеларијата на медицинскиот испитувач.
Во 24-те години од терористичките напади, нови останки се идентификувани благодарение на напредокот во технологијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Албанија активни се 14 пожари, горат големи површини

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу потврди дека во земјата 14 пожари се уште се активни и зафаќаат големи површини.
Во објава на социјалните мрежи, наведува дека во гаснењето на неколкуте големи пожар на југот на земјата, освен противпожарни единици, армиски, полициски сили и доброволци, вклучени се и хрватски и шведски авион „Канадер“.
Венгу додава дека се очекува пристигнување на два хеликоптери од воздухопловните сили на Обединетите Арапски Емирати, уште еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.
Свет
Израелското преземање на Газа би предизвикало катастрофа, предупредува Советот за безбедност на ОН

Спроведувањето на израелскиот план за преземање контрола врз градот Газа на истоимената палестинска територија, каде што Израел војува речиси две години, се заканува да предизвика нова катастрофа што би се почувствувала во целиот регион, предупреди денеска високиот функционер на ОН Мирослав Јенча.
Јенча, заменик-генерален секретар на ОН за Европа, Централна Азија и Америка, на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН во врска со овој план изјави дека во Појасот Газа се одвива хуманитарна катастрофа од големи размери.
Тој рече дека преземањето контрола врз градот Газа може да предизвика нова катастрофа во целиот Појас, предизвикувајќи понатамошно присилно внатрешно раселување и убивање цивили.
Израелскиот план беше остро осуден од претставникот на Словенија во Советот за безбедност и поранешниот министер за надворешни работи, Самуел Жбогар.
Во говорот во име на Данска, Грција, Франција и Словенија, тој рече дека секој обид за анексија, проширување на воените операции и кршење на меѓународното право дополнително ќе ги изложи на опасност сите цивили во Газа, вклучувајќи ги и преостанатите Израелци, заложници на милитантното исламистичко движење Хамас.
Свет
Силен земјотрес регистриран во западниот дел од Турција

Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени е регистриран денеска во западна Турција во регионот Баликесир, соопшти Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Република Турција (АФАД).
Земјотресот е почувствуван и во Истанбул и низ целиот регион на Мармара и Егејот.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликесир.