Свет
Избришан твитер-профилот на синот на кралицата Елизабета по скандалот со злоупотреба на деца
Неколку дена откако кралицата му ги одзеде сите воени титули на принцот Ендру, избришан е и неговиот официјален профил на „Твитер“.
Следбениците на неговата официјална страница @TheDukeofYork, која претходно беше означена во официјалните објави на кралското семејство на „Твитер“, сега наидуваат на празна страница со порака – овој профил повеќе не постои.
Се чини дека принцот Ендру сè уште има активен официјален профил на „Инстаграм“ иако неодамна беше префрлен на приватни поставки; што значи дека следбениците мора да бараат пристап до страницата, пишува Си-ен-ен.
Тој остана без титулите пред речиси една недела поради тужбата што против него ја поднесе Вирџинија Џуфре – жената што тврди дека ја малтретирал кога била малолетна.
Во соопштението од Бакингемската палата се вели: „Со одобрение и согласност на кралицата, воената припадност и кралското покровителство на војводата од Јорк ѝ се вратени на кралицата. Војводата од Јорк повеќе нема да презема никакви јавни должности и се брани во овој случај како приватен граѓанин“.
Извор од палатата рече дека принцот повеќе нема официјално да ја користи титулата неговото кралско височество, а другите негови улоги ќе бидат споделени меѓу членовите на кралското семејство и нема да му бидат вратени.
Американскиот суд ја отфрли жалбата на принцот Ендру, а обвиненијата против него за сексуално вознемирување малолетник остануваат. Тој беше тужен од Вирџинија Џуфре, која тврди дека принцот сексуално ја вознемирувал кога имала 17 години.
Во тужбата таа изјавила дека покојниот Џефри Епштајн тргувал со нејзиното тело и ја принудувал на секс со своите пријатели, меѓу кои имало и принц. Таа тврди дека Ендру ја малтретирал и во куќата на Епштајн на Менхетн и на неговиот приватен остров на Американските Девствени Острови. Таа додаде дека принцот Ендру бил свесен оти таа во тоа време била малолетна.
Окружниот судија на САД, Луис А. Каплан, рече дека адвокатите на принцот не успеале да ја оспорат уставноста на тужбата поднесена од Вирџинија Џуфре во август. Имено, неговите адвокати рекоа дека нејзината тужба не е јасно составена и оти треба да биде невалидна поради договорот со адвокатите на Џефри Епштајн од 2009 година.
Тие тврдеа дека тужбата на Џуфре ги прекршила условите на спогодбата во која Епштајн ѝ платил 500.000 долари за да го откаже случајот против него и другите инволвирани луѓе. Но, името на принцот не се споменува експлицитно во спогодбата.
„Тужбата на Џуфре не е неразбирлива, нејасна или двосмислена“, напиша судијата Луис во пресудата. „Таа наведува дискретни инциденти на сексуална злоупотреба во одредени околности на три препознатливи локации. Исто така, наведува кој точно учествувал во сексуалната злоупотреба“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos

