Европа
Извлечени телата на тројца студенти од Италија – биле на обука за планинарски водичи кога ги затрупала лавина

Италијанските спасувачи објавија дека денеска ги извлекле телата на тројцата студенти од Италија кои биле на обука за планинарски водичи.
Тие исчезнаа вчера во лавина што ги затрупа на француско-италијанската граница.
Нивниот учител и водич успеал да се извлече од лавината и да се приклучи кон тимот италијански спасувачи кои тргнале во потрага по нив. Тој во моментов е во болница, но неговото здравје не е загрижувачко.
Спасувачите го пронашле и телото на францускиот скијач кој загина во истата област по пад.
Францускиот скијач кој скијал надвор од обележаната патека, чиј идентитет не се соопштува, вчера паднал од карпа во провалија и починал.
„Околностите на несреќата се истражуваат, но тој почина по падот“, изјави за „АФП“ Тицијано Тревисан, портпарол на алпската спасувачка служба „Вале д’Аоста“.
Неговото тело е пренесено во италијанскиот ски-центар Курмајер, додаде Тревисан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Утре во Париз самит за Украина, Макрон и Зеленски се среќаваат вечерва

Францускиот претседател Емануел Макрон вечерва ќе го прими својот украински колега Володимир Зеленски, пред самитот на земјите кои се подготвени да помогнат во обезбедувањето евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
Франција и Обединетото Кралство ја предводат иницијативата за формирање коалиција составена од земји кои се подготвени да осигураат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Концептот треба да биде финализиран на самитот во Париз утре.
Западните сојузници на Украина размислуваат за надгледување на можна демилитаризирана зона на границата меѓу Русија и Украина, според информациите до кои дојде германската новинска агенција дпа.
Ова првенствено би се постигнало од воздух и со користење на технички средства како што се сателити и беспилотни летала. Поморските единици ќе бидат распоредени и за следење на слободата на минување во Црното Море.
Според плановите, конвенционалните мировни сили би можеле да се мобилизираат во рамките на Обединетите нации и би биле составени исклучиво од војници од непристрасни, трети земји.
Европските сили потоа би можеле да бидат стационирани на западната украинска граница и да понудат програми за обука за нивните украински партнери.
Главниот безбедносен гарант би биле Соединетите Американски Држави, нуклеарна суперсила.
Макрон ќе го прими Зеленски во 18 часот.
Европа
Шефот на ЦИА: Украинската војска со години е потценета

Украинските сили ќе се борат дури и „со голи раце“ ако не добијат услови прифатливи за траен мир, изјави директорот на ЦИА Џон Ретклиф за време на сослушувањето во американскиот Сенат.
„Сакам да кажам дека во однос на украинскиот отпор, украинскиот народ и украинската војска се потценети неколку години. Од разузнавачка гледна точка, убеден сум дека тие ќе се борат со голи раце ако треба, ако немаат услови кои се прифатливи за траен мир“, рече Ретклиф.
Оваа изјава доаѓа во време на напорите на американскиот претседател Доналд Трамп да посредува за прекин на огнот и поширок мировен договор меѓу Русија и Украина. Ретклиф тврди дека Трамп се обидува да стави крај на војната под услови кои ќе обезбедат траен мир. Тој додаде дека ЦИА презела чекори за поддршка на дипломатските напори на Трамп.
Во договорот постигнат со посредство на САД, Москва и Киев се согласија да забранат напади насочени кон енергетската инфраструктура во Украина и Русија. Покрај тоа, завојуваните страни се согласија да ја „елиминираат употребата на сила“ и да спречат употреба на комерцијални бродови за воени цели во Црното Море.
САД и Украина првично поддржаа поширок 30-дневен прекин на огнот за време на разговорите во Џеда на 11 март, кој требаше да вклучи и прекин на копнените операции.
Европа
Загина руска воена репортерка, налетала на нагазна мина во регионот на Белгород

Воената репортерка на рускиот Канал 1, Ана Прокофјевa, настрада во регионот на Белгород, додека снимателот Дмитриј Волков, кој ја придружувал, е повреден, јавува руската државна новинска агенција Тасс.
„Ана Прокофјева, воен дописник на Канал 1, загина додека ја вршеше својата професионална должност. Ова се случи во регионот Белгород на границата со Украина, каде што екипа на Канал 1 беше разнесена од непријателска мина. Снимателот Дмитри Волков, кој беше со Ана, е повреден“, изјави портпаролот на каналот.
Прокофјева имаше 35 години. Дипломирала новинарство на Универзитетот РУДН во Москва и течно зборувала шпански. Таа работеше за Канал 1 од 2023 година, покривајќи ја зоната „специјални воени операции“.
Инаку, руските воени блогери пред два дена на Телеграм објавија дека украинските сили влегле во селото Демидовка во Белгородската област.
„Населбата сега е под контрола на вооружените сили на Украина“, напиша воениот блогер Владимир Романов, познат како Романов Лајт на Телеграм.