Европа
Извршена обдукција на телото на хрватскиот фудбалер: утврдена причината за смртта на Јаков Јелкиќ, истрагата продолжува
Во шпанскиот град Аликанте беше извршена обдукција на телото на Јаков Јелкиќ (24), хрватски фудбалер, чие тело беше пронајдено во морето по исчезнувањето ноќта меѓу петокот и саботата.
На телото не се пронајдени траги на насилство, па полицијата претпоставува дека тој починал бидејќи ноќта паднал во студеното море под дејство на алкохол, објави „Јутарњи лист“.
„Претпоставуваме дека се работи за несреќен случај“, изјавил на телефон портпаролот на полицијата од Аликанте за „Хина“. Полицијата претходно одржа прес-конференција во овој крајбрежен град во југоисточна Шпанија.
За време на обдукцијата, во неговите бели дробови била пронајдена морска вода, па истражителите заклучиле дека Јелкиќ починал од давење.
„На телото немаше траги на насилство, а со оглед на неговата шема на одење снимена на камерите заклучивме дека паднал во морето. Морето е студено во овој период од годината, а тој беше сам“, рече портпаролот и продолжи:
„Истрагата ќе ја продолжиме бидејќи обдукцијата на телото е само дел од неа. Сите наоди ќе бидат анализирани, но од сѐ досега познато се чини дека станува збор за несреќен случај.
Encuentran el cadáver del jugador croata Jakov Jelkic en el puerto de Alicante https://t.co/AWX6iACytz
— El Confidencial (@elconfidencial) February 4, 2025
Јелкиќ, хрватски фудбалер на швајцарски второлигаш, минатата недела со соиграчите беше во Аликанте, каде што претходно одиграа натпревар.
Играчите во петокот вечерта биле во ноќен клуб, а потоа се упатиле кон хотелот. Јелкиќ се вратил во клубот да си ја земе јакната, а надзорните камери го снимиле како заминува сам околу 2.30 часот. Неговите соиграчи изутрината не го нашле во хотелската соба, па го пријавиле за исчезнат.
Неговата сестра Јања со емотивна порака се прости од својот брат.
„Брату, единствено мое, мое око, мој ангел. Пробав сѐ, но не можев! Те сакам засекогаш! Добро момче, почивај во мир божји“, напиша таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

