Свет
Израелка, ранета во бомбашки напад, почина по 22 години во кома
Хана Нахенберг почина откако помина речиси 22 години во кома. Хана беше ранета во бомбашки напад во 2001 година, додека нејзината тригодишна ќерка преживеала.
Хана Нахенберг имала 31 година и била на вечера со својата тригодишна ќерка кога се случила експлозијата, јавуваат израелските медиуми. Според извештаите, таа била во кома до оваа среда. Нејзината ќерка, не е повредена во нападот, пренесува Гардијан.
Петнаесет лица, меѓу кои осум деца, беа убиени, а повеќе од 120 луѓе беа ранети во еден од најсмртоносните напади на Втората интифада, бранот на насилство меѓу палестинските Арапи и Израелците што траеше од 2000 до 2004 година.
Во изјава за израелскиот портал Инет, таткото на Хана, Јицак, ја потврдил нејзината смрт.
„Нашата ќерка почина по 22 години херојство“, рече тој.
Нападот останува еден од најозлогласените во израелско-палестинскиот конфликт и дојде во време на зголемено насилство меѓу двете страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ препорачува авиокомпаниите да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор во наредниот месец
Авиокомпаниите да го избегнуваат либанскиот и израелскиот воздушен простор во наредниот месец, препорача Европската Унија, во услови на ескалација на воздушните напади и ракетните напади меѓу Израел и Хезболах.
Европската комисија и Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) во соопштението предупредија на „севкупно интензивирање на воздушните напади и деградација на безбедносната ситуација“.
Тие издадоа официјална препорака „да не се оперира во воздушните простори на Либан и Израел на сите нивоа на летови“.
Оваа препорака привремено трае до 31 октомври.
„Може да се прегледа порано и да се адаптира или повлече“, се додава во соопштението.
„ЕАСА ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата, со цел да процени дали има зголемување или намалување на ризиците за операторите на авиони на ЕУ како резултат на еволуцијата на заканата“, е наведено во билтенот за информации за конфликтната зона (CZIB).
Свет
(Видео) Пожар избувна во индиската фабрика за производство на Ајфони
Пожар избувна во фабриката за производство на Тата Електроникс, каде што се произведуваат iPhone, во градот Кришнагири, во индиската држава Тамил Наду. Пожарот започнал во одделот за бојадисување на додатоци за мобилни телефони околу 5:30 часот по локално време, принудувајќи ги вработените веднаш да ја напуштат областа.
На местото на настанот пристигнале седум противпожарни возила за да го изгаснат пожарот и да ги евакуираат сите вработени од објектот. Агенцијата IANS извести за значителна материјална штета, а противпожарните единици се уште работат на гаснење на пожарот. Локалните медиуми јавуваат дека се верува дека пожарот избувнал во одделот за бојадисување додатоци за мобилни телефони.
Густ чад брзо го покри областа, предизвикувајќи паника меѓу работниците и локалните жители. Според локалните медиуми, засега нема информации за повредени. Tata Electronics е еден од главните производители на iPhone во Индија, заедно со Foxconn. Компанијата соопшти дека ја истражува причината за пожарот и дека ќе ги преземе неопходните чекори за да ги заштити вработените и другите засегнати страни.
„Се случи несреќен инцидент“, рече портпаролот на Тата Електроникс во соопштението. „Нашите протоколи за итни случаи во фабриката гарантираа дека сите вработени се безбедни“, додаде тој.
Fire breaks out at Tata Electronics manufacturing unit in Hosur, Tamil Nadu. It is learnt that around 1,500 workers were on duty. A company spokesperson said: “There has been an unfortunate incident of fire at our plant in Hosur, Tamil Nadu. Our emergency protocols at the plant… pic.twitter.com/099tak7AgP
— Sangeetha Kandavel (@sang1983) September 28, 2024
Свет
Сите „сили на отпорот“ во регионот стојат покрај Хезболах, вели иранскиот врховен лидер
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, ја даде првата изјава откако израелската армија соопшти дека го убила лидерот на Хезболах Хасан Насрала.
Во изјавата, тој ги повика муслиманите „да застанат покрај народот на Либан и гордиот Хезболах со какви било средства што ги имаат и да им помогнат во соочувањето со злобниот режим на Израел“.
„Судбината на овој регион ќе ја одредат силите на отпорот, со Хезболах во првите редови“, изјави Хамнеи, цитиран од државните медиуми.
Хамнеи во својата изјава воопшто не го спомна Насралах.
Тој го осуди убиството на „неодбранливите“ цивили во Либан, велејќи дека тоа ја покажува „краткогледноста и глупавата политика на водачите“ на Израел.
Израелските „криминалци мора да знаат дека се премногу мали за да предизвикаат значителна штета на упориштата на Хезболах во Либан“, рече тој и додаде: „Сите сили на отпорот во регионот го поддржуваат и стојат покрај Хезболах“.