Свет
Израелскиот министер Гвир: Договорот со Хамас ќе донесе катастрофа
Министерот за национална безбедност на Израел, Итмар Бен Гвир, денеска повика да не се склучува најавениот договор со Хамас за заложниците.
„Многу сум загрижен бидејќи се зборува за некаков договор. Шпекулациите велат дека Израел повторно ќе направи голема грешка на сличен начин како во 2011 година“, напишал израелскиот министер, а пренесува „Тајмс оф Израел“.
Тој рече дека е загрижен за „договорот што ќе донесе катастрофа“ наведувајќи го, меѓу другото, можното ослободување на палестинските затвореници и пуштањето гориво во Појасот Газа.
Шефот на политбирото на Хамас, Исмаил Ханије, тврди дека Израел и палестинската милитантна група се приближуваат до договор за прекин на огнот во војната во Појасот Газа, без да даде повеќе детали.
Официјалниот претставник на Хамас, Изат ел-Решик, утринава изјави дека во тек се разговори меѓу Хамас и Израел за привремено примирје за време на кое ќе се организира влез на помош во Појасот Газа, а дополнително ќе се разменуваат заложници и затвореници.
„Очекуваниот договор ќе вклучува ослободување на израелските заложници – жени и деца – во замена за ослободување на палестинските жени и деца во затворите“, изјави Ел Решик за телевизијата „Ал џезира“.
Според него, деталите за примирјето ќе ги објават катарските власти, пренесе „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ: Од следната година, привремен данок од три евра за мали пакети од Кина
Министрите за финансии на Европската Унија денес се согласија да воведат привремена такса од три евра по пратка од јули 2026 година за сите мали пакети што пристигнуваат од Кина и други земји надвор од Европската Унија.
Овој режим ќе биде привремено решение до 2028 година, кога ќе стапи на сила нов царински систем со трајни царински давачки за пакети во вредност помала од 150 евра, за кои досега не се платени давачки, објавува Блумберг.
Привремената такса беше воведена под притисок од Франција, а министерот за финансии на таа земја, Ролан Лескир, рече дека малите пратки што се ослободени од царински давачки претставуваат „нелојална конкуренција за традиционалната трговија“ и дека е време да се воведе фиксна такса.
Целта на новата мерка, како што истакнуваат европските министри, е да се обезбеди порамноправна конкуренција на европските компании, кои со години страдаат поради огромниот прилив на евтини пратки од кинески онлајн продавници како што се Шејн, Тему и АлиЕкспрес.
Според податоците на Европската Унија, бројот на пакети од Кина во вредност помала од 150 евра се зголемил од 1,9 милијарди во 2023 година на 4,2 милијарди во 2024 година, што претставува 91 процент од ваквите пратки.
Европските претставници, исто така, предупредуваат дека голем дел од стоките од Кина не ги исполнуваат стандардите за квалитет, заштита на потрошувачите и заштита на животната средина.
Новите правила формално важат за сите пакети од трети земји надвор од ЕУ со вредност до 150 евра, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Турција и други земји, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
Уапсена добитничката на Нобелова награда за мир
Иранските власти денес ја уапсија добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади (53), соопшти Фондацијата Наргес, која работи во нејзино име.
Во соопштението се наведува дека Мохамади е приведена во Мешад, околу 680 километри североисточно од главниот град Техеран, каде што присуствувала на комеморација за адвокатот за човекови права Хосров Аликорди, кој неодамна беше пронајден мртов под сомнителни околности, пренесува АП.
Нејзините поддржувачи објавија дека Мохамади е „присилно приведена“ од „безбедносните и полициските сили“.
Во соопштението се наведува дека се уапсени и други активисти кои присуствувале на церемонијата во чест на иранскиот адвокат и борец за човекови права Хосров Аликорди (46), кој работел во Мешед.
„Фондацијата Наргес повикува на итно и безусловно ослободување на сите притворени лица кои присуствувале на комеморативната церемонија со цел да искажат почит и да покажат солидарност. Нивното апсење претставува сериозно кршење на основните слободи“, се наведува во соопштението.
Аликорди беше пронајден мртов претходно овој месец во неговата канцеларија, а официјалната причина за смртта беше наведена како срцев удар, но повеќе од 80 адвокати потпишаа изјава во која бараат повеќе информации.
Мохамади е на принуден одмор од декември 2024 година, кога беше ослободена од медицински причини од озлогласениот затвор Евин во Техеран, каде што отслужуваше 13-годишна и деветмесечна казна по обвинение за дослух против државната безбедност и пропаганда против иранската влада.
Официјален Иран не коментираше за притворањето на Мохамади, а не е познато дали властите веднаш ја вратија во затвор за да го отслужи остатокот од казната.
Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година.
„Гардијан“ наведува дека Мохамади, инженер по професија, била затворена 13 пати и осудувана пет пати, а вкупно била осудена на повеќе од 30 години затвор.
Фото: депозитфотос
Свет
Русија поднесе тужба против белгискиот депозитар „Еуроклир“ поради замрзнатиот руски имот
Руската централна банка соопшти дека поднела тужба до арбитражниот суд во Москва против белгискиот депозитар Еуроклир, поради, како што наведува, „незаконити постапки“ и плановите на Европската унија за користење на замрзнатата руска имотна маса.
Според соопштението, тужбата опфаќа надомест на штета во висина на вредноста на замрзнатата имотна маса на централната банка, како и замрзнатите хартии од вредност и изгубениот приход. Руската централна банка најави дека размислува и за постапки пред меѓународни и арбитражни судови.
Од банката наведуваат дека постапките на „Еуроклир“ ѝ нанеле штета на Русија, бидејќи ѝ било оневозможено управување со сопствените финансиски средства и хартии од вредност. „Еуроклир“ не ја коментираше директно најавената тужба, но потврди дека против компанијата во Русија веќе се поднесени повеќе од 100 тужби.
Според податоците, во Европската унија се замрзнати околу 210 милијарди евра руски средства, од кои најголемиот дел се наоѓаат на сметките на „Еуроклир“ во Белгија. ЕУ и земјите од Г7 веќе ги користат каматите од замрзнатиот имот за финансирање заем за Украина.
Европската комисија во последно време ги забрза подготовките за користење на замрзнатиот руски имот за финансиска поддршка на Украина, а конечен договор се очекува на самитот на ЕУ следната недела.

