Свет
Израелскиот парламент го номинира Нетанјаху да формира нова влада
Израелскиот парламент го номинира досегашниот премиер Бенјамин Нетанјаху да формира нова коалициска влада, што ќе биде негов петти мандат по повеќе од една година политичка пат-позиција.
Кандидатурата на Нетанјаху е поддржана од 72 од вкупно 120 пратеници во Кнесет кога парламентот усвои предлог-закон со кој се прифаќа договорот за поделба на власта меѓу неговата десничарска партија Ликуд и партијата Сино и бело на неговиот центристички ривал Бени Ганц, се наведува во заедничкото соопштение на двете партии.
Номинацијата на Нетанјаху е проследена до претседателот Рувен Ривлин.
Нетанјаху и Ганц, кои се натпреваруваа на дури три избори од април 2019 година, а кои не дадоа сигурен победник, планираат свечено да ја преземат власта в среда.
По нивниот договор, Нетанјаху ќе биде премиер 18 месеци по што Ганц ќе ја преземе должноста.
Ганц долго време се спротивставуваше на тоа да му биде партнер на Нетанјаху, кој е обвинет за корупција.
Минатиот месец, сепак, се премисли сметајќи дека е неопходно да се формира влада на национално единство со цел земјата бргу да се справи со економската штета од пандемијата на коронавирусот.
Нивната коалиција доби зелено светло и од Врховниот суд, кој во средата ги отфрли тужбите на опозицијата и активистите и пресуди дека Нетанјаху може да формира нова влада иако е обвинет за мито, измама и кршење на довербата.
Нетанјаху (70) ги отфрла сите обвиненија во очекување на судењето, кое треба да почне на 24 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран е преместен на безбедно место
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, не е во Техеран и е преместен на безбедна локација, изјави денеска официјален претставник.
Медиумите објавија дека и иранскиот претседател Масуд Пезизкијан е исто така безбеден.
Веста дојде откако Израел соопшти дека започнал превентивен напад врз Иран, а во Техеран беа пријавени експлозии.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Израел ја нарече својата воена операција против Иран „Рикот на лавот“, а одлуката за името ја донесе израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Техеран се подготвува за одмазда откако Израел денеска започна напад врз Иран, а одговорот ќе биде „разорен“, изјави ирански официјален претставник.
Свет
Трамп потврди дека САД започнале напади врз Иран
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“.
Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран.
Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Тој нагласи дека заканувачките активности на Иран директно ги загрозуваат САД, нивните трупи, бази во странство и сојузниците низ целиот свет.
„Иранскиот режим скандира „Смрт за Америка“ веќе 47 години и води немилосрдна кампања на крвопролевање и масовни убиства, насочени кон САД, нашите трупи и невини луѓе во многу земји“, рече Трамп.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка операција на САД и Израел.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информации од иранската опозиција.
Свет
САД и Израел започнаа заеднички напад врз Иран
САД учествуваа во нападите утрово во Иран заедно со Израел, потврди американски функционер за „Тајмс оф Израел“.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка американско-израелска операција.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информациите од иранската опозиција.
Нападите се насочени и кон локации од кои Иран може да го загрози Израел.
Досега не е пријавен ракетен истрел врз Израел, но населението е повикано да остане во близина на засолништата, иако сè уште не е потребно да се влезе во нив.

