Свет
Израелски министер: Војната е можност да се поттикне миграцијата од Газа
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир денеска ја изрази својата поддршка за раселувањето на Палестинците од Појасот Газа во странство, велејќи дека војната претставува „можност да се фокусираaт на поттикнување на миграцијата на жителите“ на палестинската територија.
Тој на состанокот на неговата ултрадесничарска партија рече дека таквата политика ќе овозможи враќање на жителите во израелските погранични области и еврејските доселеници во Газа евакуирани во 2005 година, оценувајќи дека тоа е „точно, праведно, морално и хумано решение“.
Неколку израелски пратеници, вклучително и членови на владата, вршат притисок за, како што велат, „доброволно раселување“ на Палестинците од Газа, што беше отфрлено од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и меѓународната заедница.
Идејата за трансфер на населението, која некогаш ја сметаа за маргинална позиција од страна на членовите на ултра-националистичките движења, доби важност во израелскиот политички дискурс во ноември кога двајца пратеници, едниот од конзервативната партија Ликуд на Нетанјаху, а другиот од центристичката Јеш Атид, објавија статија во Wall Street Journal (Волстрит журнал) во која ги повикаа „земјите ширум светот да прифатат ограничен број семејства од Газа кои изразуваат желба да емигрираат“.
Тој предлог беше поздравен од Бен Гвир и од министерот за финансии Безалел Смотрич, кој ја означи иницијативата „соодветно хуманитарно решение за жителите на Газа“.
Смотрич, лидерот на ултрадесничарската партија Религиозен ционизам, денеска го повтори вчерашниот повик за повторно воспоставување на еврејските населби во Појасот Газа и „доброволна емиграција“ на Палестинците по завршувањето на борбените операции на палестинската територија контролирана од Хамас.
Израелската армија се повлече од Газа и ги евакуираше еврејските доселеници во 2005 година.
Две години подоцна, исламскиот екстремистички Хамас насилно ја презеде контролата на територијата од ривалската, поумерена партија Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Потоа Израел и Египет воведоа блокада на Газа.
Палестинската управа на Абас сега контролира делови од окупираниот Западен Брег.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран најави враќање на интернетот и му порача на Трамп: Подготвени сме за војна, но и за дијалог
Интернетот наскоро повторно ќе биде достапен низ целиот Иран, објави иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Арагчи, објави Ал Џезира.
Тој нагласи дека владата тесно соработува со безбедносните служби за решавање на проблемот и потврди дека интернет-поврзувањето ќе биде вратено и во амбасадите и владините министерства, објавија странските медиуми.
Арагчи, исто така, се осврна на предупредувањето на американскиот претседател Доналд Трамп за можна воена акција доколку протестите во Иран станат насилни.
Иранскиот министер ги нарече ваквите закани „терористички чин“, тврдејќи дека изјавите на Трамп ги мотивирале „терористите“ да ги нападнат демонстрантите и безбедносните сили со цел да предизвикаат странска интервенција.
И покрај тензиите, Арагчи заврши со помирувачка, но цврста порака: „Подготвени сме за војна, но и за дијалог“.
Европа
Русија изврши уште еден голем напад со дронови во текот на ноќта
Русија изврши голем напад врз Украина преку ноќ со 156 ударни дронови од типот „Шахед“, „Гербера“ и други. Од вкупниот број, околу 110 летала беа дронови камикази од типот „Шахед“, информираше Командата на украинските воздухопловни сили, како што објави „Украинска правда“.
Според прелиминарните податоци објавени до 8 часот наутро, украинските сили за воздушна одбрана успеале да соборат или електронски да блокираат 135 руски ударни дронови. Одбраната дејствувала на широка област, опфаќајќи ги северните, јужните, источните и централните делови на земјата.
И покрај високата стапка на пресретнување, регистрирани се 16 погодоци на ударните дронови на вкупно 11 локации. Покрај тоа, остатоците од соборените дронови паднале на две места.
Воздухопловните сили, противвоздушните ракетни единици, средствата за електронско војување, единиците за беспилотни системи и мобилните противпожарни групи на украинските одбранбени сили учествувале во одбивањето на воздушниот напад. Властите предупредуваат дека нападот сè уште е во тек и дека неколку руски дронови сè уште се во украинскиот воздушен простор.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.

