Свет
Израелски пратеник: Почетокот на војната со Либан е прашање на денови, предградијата на Бејрут ќе бидат како Газа
Нисим Ватури, член на израелскиот Кнесет, тврди дека е „прашање на денови“ кога ќе избие вистинска војна меѓу Израел и Либан.
Член на Ликуд, владејачката партија на премиерот Бенјамин Нетанјаху, изјави за јавната телевизија „Кан“ дека по избувнувањето на војната, предградието на Бејрут Дахије – главното упориште на Хезболах – „ќе личи на Газа“.
„Нема друг начин. Ова е нешто што ќе се развива во наредните денови“, додаде Ватури, кој е и дел од парламентарната комисија за надворешни работи и одбрана. Тој тврди дека Нетанјаху вчера ги информирал воените претставници дека „мора да стават крај на оваа сага“, пишува „Тајмс оф Израел“.
Според него, војната треба да започне со превентивен напад како неодамнешниот за кој Израелците тврдат дека спречил планиран голем напад на Хезболах врз централен Израел. Сепак, Ватури нагласува дека овој пат превентивниот напад треба да трае најмалку 4-5 дена, по што би следела копнена инвазија.
Израел и Хезболах разменуваат оган речиси секојдневно откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври. Тензиите дополнително се зголемија откако Фуад Шукр, врховен командант на исламистичката група, беше убиен во израелски воздушен напад врз упориште на Хезболах во јужните предградија на Бејрут на крајот на јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сјарто: Украина се вклучи во отворена, бесрамна и агресивна кампања на мешање
Украинскиот амбасадор во Будимпешта денес беше повикан во Министерството за надворешни работи на Унгарија поради обидите на Украина да се меша во унгарските парламентарни избори закажани за 12 април, кога јасно му беше кажано дека таквите обиди нема да бидат толерирани, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Тој ја повика Украина да престане да се меша во унгарската изборна постапка во корист на опозициската партија Тиса, како и да го почитува суверенитетот на Унгарија.
„Владата нема да толерира никакво мешање во унгарските избори, вклучително и обидите на Украина да се меша во изборниот процес во корист на партијата Тиса“, рече Сијарто, објави МТИ.
Сијарто рече дека Украина во последните недели се вклучила во „отворена, бесрамна и агресивна кампања на мешање“ со цел да ѝ помогне на опозициската партија Тиса да победи на изборите на 12 април.
„Нашиот заменик-министер недвосмислено му кажа на амбасадорот дека Унгарија ќе го заштити својот суверенитет со сите средства што ѝ се на располагање, дека ќе го заштити правото на Унгарците да бидат единствените што одлучуваат за иднината на Унгарија“, истакна Сијарто.
Тој изјави дека Тиса „веднаш ќе го одобри пристапувањето на Украина во ЕУ“ ако победи на изборите.
„Одлуката за иднината на Унгарија се носи во Унгарија, а не во Брисел, а сигурно не во Киев“, истакна Сијарто.
Свет
Детскaта караница може да ја реши „таткото“ на европските земји – САД, вели Дмитриев
Дебатата меѓу шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е детска караница, која може да ја реши „таткото“ на европските земји – Соединетите Американски Држави, изјави специјалниот претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев.
„Кога децата се караат, „таткото“ го решава тоа“, напиша тој на социјалната мрежа Икс, коментирајќи ги зборовите на францускиот министер за Европа и надворешни работи, пренесува Спутник.
Претходно, Баро на социјалната мрежа Икс ги отфрли тврдењата на Руте дека Европа не може да се одбрани без помош на САД.
„Дури и САД се согласуваат со тоа. Ова е европскиот столб на НАТО“, напиша шефот на француската дипломатија.
Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса тврдеше дека Европа не може да се одбрани без САД и дека оние кои веруваат дека тоа е можно, грешат. Во исто време, Руте рече дека смета дека е фер и соодветно Европа да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, потсетуваат медиумите.
Свет
Германија со предупредување за „црн мраз“ на патиштата
Германската метеоролошка служба издаде предупредување за „црн мраз“, мраз на патиштата во областа од Хамбург до централна Баварија и низ целата покраина Северна Рајна-Вестфалија.
„Избегнувајте непотребни патувања и останете во затворен простор колку што е можно повеќе“, се вели во соопштението, пренесува „Билд“.
Во текот на ноќта во Германија се случија голем број сообраќајни несреќи поради мраз на патиштата, според медиумот.
Надлежните служби во покраината Баден-Виртемберг објавија дека имало неколку сообраќајни несреќи предизвикани од мраз.
Во делови од Баварија, многу патишта ќе останат затворени денес поради ризик од паѓање дрвја или кршење гранки, пренесува Танјуг.

