Свет
Израелците го убија лидерот на Исламскиот џихад: 25 лица, меѓу кои и жени и деца, загинале во акцијата
Водачот на Палестинскиот исламски џихад (ПИЈ) Али Гали е убиен во израелски воздушни напади во Појасот Газа, соопшти израелската армија.
И додека сирените во јужен Израел алармираа поради ракетен напад од таа палестинска енклава, Израел нападна цели поврзани со ПИЈ. Во израелската операција која трае од вторникот, загинаа 25 лица, меѓу кои и жени и деца.
Палестинските милитанти претходно истрелаа стотици ракети на израелска територија, а сирените се слушнаа во областа Тел Авив за првпат од август минатата година. Наводно, некои куќи на југот на Израел биле уништени. На пат кон прифатилиштето се повредени и неколку лица. Израелската војска објави на Твитер дека Гали е централна фигура во палестинскиот исламски џихад и одговорен за неодамнешните ракетни напади врз Израел.
Тој е командант на ракетната единица на военото крило ПИЈ. Тој е четвртиот висок командант на исламистичката група убиен во последните денови во израелските воздушни напади врз Појасот Газа. Палестински исламски џихад е милитантна група поддржана од Иран која дејствува заедно со Хамас во палестинската енклава.
Израелската армија објави дека нападнала 158 цели во Газа, додека за седум дена Палестинците истрелале 523 проектили кон Израел. Израелската воздушна одбрана пресретнала 96 отсто од истреланите ракети. Израелската армија наведува и дека повеќе од сто ракети не биле испукани правилно и дека загинале четворица Палестинци, меѓу кои и 10-годишно девојче. Исламскиот џихад тврди дека тоа не е точно.
Во вторникот, израелските воздухопловни сили убиле уште тројца високи членови на Исламскиот џихад во целни напади во Појасот Газа. По тој напад, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека израелската армија го збришала раководството на милитантната палестинска организација.
Во меѓувреме, Египет се обидува да посредува меѓу двете страни, но напорите за смирување на ситуацијата засега се неуспешни, изјави египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри. Египет беше домаќин на функционерот на ПИЈ, Мохамад ал-Хинди и уште двајца членови на исламистичката група во Каиро, како и странски дипломат за разговори за прекин на огнот.
„Не сме подготвени да ги прифатиме налудничавите барања на палестинскиот исламски џихад. Одвреме-навреме мораме да започнеме ваква акција, а токму тоа успешно го спроведоа израелските одбранбени сили (ИДФ) и разузнавачката агенција Шин Бет“, рече Јули Еделштајн, претседател на израелската парламентарна комисија за надворешни работи и одбраната. И во блокираната Газа и во блиските израелски градови, училиштата, продавниците и другите бизниси се затворени.
Израел ги освои Газа, Западниот Брег и Источен Ерусалим, област која Палестинците ја сакаат за своја посебна држава, во шестдневната војна во 1967 година против Египет, Јордан, Сирија и Ирак. Потоа беа окупирани Синај и Голанската висорамнина. Израелската армија го напушти Синај во 1882 година, Газа во 2005 година, додека Западниот Брег и Голанската висорамнина сè уште се под нејзина јурисдикција. Преговорите за палестинска држава се замрзнати од 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

