Свет
Израел во текот на ноќта жестоко го бомбардира јужниот дел на Газа: „Луѓето умираат само за да добијат конзерва туна“
Израел во текот на ноќта интензивно го бомбардираше јужниот дел на Појасот Газа, и покрај меѓународниот притисок за итен прекин на огнот на палестинската територија погодена од глад.
На опколената Газа очајно ѝ е потребна помош и Соединетите Американски Држави рекоа дека ќе продолжат со фрлање на пакети од воздух, и покрај молбите на Хамас да ја прекине практиката, откако исламистичката група соопшти дека 18 лица загинале обидувајќи се да добијат пакети со храна.
Огнена светлина го осветли ноќното небо во јужниот град Рафах, последниот преостанат урбан центар во Газа кој не е нападнат од израелските копнени сили.
Околу 1,5 милиони луѓе се стационирани во областа, а многумина побегнаа на југ кон границата со Египет. Експлозии се слушнаа и чад се крева во северниот град Газа, каде израелските сили ја напаѓаат најголемата болница во градот повеќе од една недела, пренесуваат медиумите во светот.
Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти рано утринава дека 66 лица биле убиени во текот на ноќта, вклучително и три во израелските воздушни напади во и околу Рафах.
Борбите продолжија со несмалено темпо два дена откако Советот за безбедност на ОН ја усвои првата резолуција со која се повикува на „итен прекин на огнот“ и повикува на ослободување на околу 130 заложници за кои Израел вели дека остануваат во Газа, вклучително и 34 затвореници за кои се верува дека се мртви.
Израелските сили, исто така, опколија две болници во Хан Јунис, каде што Министерството за здравство соопшти дека 12 лица, меѓу кои и деца, биле убиени во израелски напад врз бегалскиот камп.
Палестинската Црвена полумесечина предупреди дека илјадници лица се заробени во болницата Насер во Хан Јунис и дека нивните „животи се во опасност“.
Нагласувајќи го очајот на цивилите заробени во борбите, Хамас побара од земјите донатори да престанат со воздушни фрлања откако 12 лица се удавија обидувајќи се да извлечат помош од храна испорачана со падобран од морето кај медитеранскиот брег на Газа.
Уште шест лица загинаа во стампедо обидувајќи се да добијат помош. „Луѓето умираат само за да добијат лименка туна“, изјави за АФП жителот на Газа Мохамад ал-Сабави, држејќи лименка во раката по расправијата за пакетите со помош.
Хамас, исто така, бара Израел да дозволи повеќе камиони со помош да влезат на територијата, за која Обединетите нации предупредија дека е на работ на „глад предизвикан од човекот“ по речиси шест месеци борби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Мапа) Украина мора да се повлече 15 километри на Запад, Бердичи е опколен
Украина се подготвува да ги повлече војниците од Бердичи, јавуваат српските медиуми.
На вооружените сили на Украина во Бердичи им се заканува опкружување по неодамнешната загуба на Новобахмутовка и Соловјов, а според некои воени блогери се очекува повлекување до 15 километри на запад.
Ним им се заканува загуба и на Нетајлов, Карловка, Умански, Новокалинов, Керамик, Архангелски…
По падот на Авдијивка во февруари, Украина одржа линија на одбрана во близина на Бердичи. За време на безмилосните борби во претходните два и пол месеци на тој дел од линијата на фронтот, беа изгубени и неколку американски тенкови Абрамс, обидувајќи се да го запрат напредувањето на руските трупи.
Воениот блогер Рибар наведува дека руските војници напредуваат и кај Новокалинов.
– Напаѓачките групи ја пробија одбраната на украинските формации во центарот на селото во правец на Керамик. Моментално се консолидираат позициите во центарот на селото. Имајќи го предвид налетот од Очеретин во правец на Архангелск, не може да се исклучи дека во блиска иднина вооружените сили на Русија ќе можат целосно да го окупираат Керамик – вели Рибар.
Според него, Русите успеале да ги истуркаат противниците од Семјеновка.
– Остатоците од пешадијата на вооружените сили на Украина под оган на артилерија и беспилотни летала се повлекоа од северната периферија на селото на запад кон Новопокровски. Под контрола на вооружените сили на Русија делумно беа и шумските појаси кај Семјоновка. Борбите во моментов се водат на најзападната периферија на Бердици. Малку е веројатно дека непријателот ќе може долго да држи позиции поради неговото повлекување од Семјеновка. Следната линија на напад на Вооружените сили на Русија најверојатно ќе бидат шумските појаси на делницата Новопокровско – Новоселовка Перваја каде што сега украинските формации динамично градат одбрана – вели Рибар.
Украинскиот телеграмски канал DeepState потврди дека руските војници ги зазеле Семјоновка и Соловиев и дека се водат борби за Керамик.
Свет
Евакуација на аеродромот во Москва поради дојава за бомба
Еден од катовите на зградата на аеродромот Внуково во Москва е евакуиран поради закана за бомба, соопшти полицијата.
„Едниот кат е евакуиран. Во тек е проверка и контрола“, се наведува во соопштението и се додава дека евакуацијата не влијаела на функционирањето на аеродромот.
Евакуиран е седмиот кат од зградата на управата на аеродромот.
Неименуван извор изјавил за агенцијата ТАСС дека евакуацијата уследила по закана за бомба.
– Се проверуваат сите простории и канцеларии – изјавил овој извор.
Свет
Хутите истрелаа три проектили на два брода во Црвеното Море: оштетен британски танкер
Американската војска објави дека јеменските бунтовници Хути лансирале три противбродски балистички ракети врз два брода во Црвеното Море, при што лесно е оштетен британски танкер за нафта.
Американската централна команда (CENCOM) преку соопштение на платформата „Х“ соопшти дека е оштетен танкерот со нафта „МВ Андромеда Стар“, како и дека проектил паднал во близина на друг брод „МВ Маиша“, но не го оштетил.
Хутите од ноември минатата година напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив со ракети и беспилотни летала како знак на, како што велат, поддршката на палестинската милитантна група Хамас во конфликтот со Израел во Појасот Газа.