Свет
Израел го намали снабдувањето со струја за палестинците
Поради финансиски долг, израелската национална електроенергетска компанија почна да го намалува снабдувањето со електрична енергија во палестинските области на Западниот брег.
Компанијата соопшти дека го презела овој чекор затоа што Ерусалимскиот округ за електрична енергија, кој е главен дистрибутер на електрична енергија за Палестинците, има долг од околу 485 милиони долари.
Али Хамодех, претставник на палестинскиот дистрибутер, изјави дека очекува во наредните недели струјата да се прекинува два часа дневно во неколку палестински градови. Тој го обвини Израел дека го преувеличува нивото на долгот и оцени дека прекинот на струја е политичка одлука.
Палестинците се потпираат на Израел за речиси целата електрична енергија што ја добиваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Штрајк во Италија: сообраќајот и работата на училиштата нарушени
Национален штрајк на најголемиот синдикат во Италија, организиран во знак на протест против буџетот на премиерката Џорџа Мелони за 2026 година, денес собра десетици илјади луѓе на улиците, со што се наруши сообраќајот на возовите, училиштата и другите јавни услуги низ целата земја.
Синдикатот CGIL проценува дека околу 61 процент од сите вработени во јавниот и приватниот сектор се приклучиле на штрајкот, додека повеќе од 500.000 луѓе учествувале на протестни собири во поголемите италијански градови.
CGIL има околу пет милиони членови, од кои половина се пензионери. „Поголемиот дел од работниците што ја водат оваа земја не се согласуваат и не го прифаќаат буџетот на оваа влада. Денес е појасно од кога било дека ни требаат промени“, изјави шефот на CGIL, Маурицио Ландини, на митинг во Фиренца.
CGIL, заедно со другите синдикати, го критикуваше планираното зголемување на трошоците за одбрана и повика на повеќе инвестиции во здравството и образованието, како и мерки за зголемување на платите и пензиите.
Владата вели дека буџетот, кој е добро прифатен од финансиските пазари и агенциите за рејтинг, ги зајакнува јавните финансии на Италија, а воедно ги намалува даноците за лицата со средни приходи. Италија во последните месеци доживеа низа штрајкови и протести низ целата земја против економските политики на владата и поддршката за Израел.
Фото: депозитфотос
Свет
Песков: Москва инсистира на мир
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес изјави дека Москва инсистира на мир, а не на прекин на огнот, и ја отфрли идејата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за одржување референдум за територијалното прашање.
„Ако идејата е да се создаде изговор за барање прекин на огнот, пауза на фронтот, тогаш природно тоа нема да функционира. Бидејќи сакаме да работиме на мир, а не на прекин на огнот“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Портпаролот на Кремљ истакна дека прекинот на огнот би бил „измама и трик“ и дека мирот во Украина мора да има „сигурни гаранции“.
Во четвртокот, Зеленски ја објави можноста за одржување национален референдум за територијални прашања.
Москва постојано нагласуваше дека регионите што станаа дел од Русија станаа составен дел од неа и дека ова е „неоспорен и непобитен факт“, потсетуваат медиумите.
Минатата недела, рускиот претседател Владимир Путин го прими во Кремљ специјалниот пратеник на американскиот претседател Стивен Виткоф и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, со кого разговараше околу пет часа за суштината на мировната иницијатива на САД, но сè уште не е постигнат компромис, според руската агенција.
Рускиот лидер подоцна изјави дека Вашингтон ги поделил 27-те точки од оригиналниот план во четири насоки и предложил тие да се дискутираат одделно.
Тој објасни дека ги разгледал речиси сите од нив и дека има прашања со кои Москва не се согласува.
Зеленски отпатува во Велика Британија во понеделникот, каде што разговараше за американскиот предлог со европските лидери. Според украинските медиуми, по состанокот тој повторно одби да направи какви било отстапки по прашањето за територијата, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос
Свет
Турски товарен брод погоден во ракетен напад врз Одеса
Турски товарен брод беше оштетен денес во ракетен напад во пристаништето Одеса, објави компанијата „Ченк Денизчилик“, објавија турските медиуми.
Според извештаите, во случајот нема повредени, а по нападот, на бродот избувнал пожар.
Брод што превезувал камиони од турскиот град Карасу до Одеса бил погоден во пристаништето Чорноморск кратко по пристанувањето.
Противпожарни екипи, како и екипажот на бродот, учествуваат во гаснењето на пожарот, според написите.
Фото: депозитфотос

