Свет
Израел гради подземен систем за одбрана на границата со Либан
Израелската војска соопшти дека започнала со изградба на подземен систем за одбрана долж северната граница со Либан, за да ја заштити својата територија од можни напади од прекуграничните тунели.
„Планираниот инфраструктурен проект ќе ги идентификува подземните акустични и сеизмички активности коишто укажуваат на копање тунели“, рече портпаролот на израелската војска.
Минатата година Израел уништи низа тунели за напади што биле ископани под границата од страна на либанската милитантна група Хезболах, пренесува АП.
Како што се наведува одбрамбениот систем ќе се гради на израелската страна на границата и за тоа се известени мировните сили на Обединетите нации.
„Она што го правиме денес е дел од еден поголем план. Тоа е прашање на претпазливост“, рече портпаролот на армијата.
Израел неодамна издаде предупредување дека Хезболах го засилил своето присуство долж нестабилната граница. Војната меѓу Израел и Хезболах заврши во 2006 година, со посредство на Соединетите Американски Држави и од тогаш директните борби беа ретки, иако има повремено насилство.Хезболах, кој е тесно поврзан со Иран, најголемиот непријател на Израел, вети дека ќе се одмазди за претходното убиство на иранскиот генерал Сулејмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Грција
Земјотрес со магнитуда од 4,0 степени според Рихтеровата скала се случи рано утрово во грчкиот регион Лаконија, јавуваат грчките медиуми.
Земјотресот се случил во 08:38 часот по локално време, 320 км југозападно од Атина, пренесува Катимерини.
Според податоците од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, епицентарот на земјотресот се наоѓал во морското подрачје 117 км југозападно од Геролименас во Лаконија.
Досега нема извештаи за евентуални штети во овој земјотрес.
Свет
Руте понуди решение за тензиите меѓу Вашингтон и Копенхаген
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, предложи можно решение за спорот меѓу Соединетите Американски Држави и Данска околу Гренланд, јавува CNN, повикувајќи се на европски извори.
Според телевизиската мрежа, Руте предложил ревизија на Договорот за одбрана на Гренланд од 1951 година, со цел во документот да се вклучат јасни гаранции што би ги забраниле кинеските инвестиции на овој остров. Таквиот чекор, како што е посочено, би можел да одговори на безбедносните загрижености на Вашингтон и во исто време да ги намали тензиите со Копенхаген.
Руте верува дека измената на постојниот договор би претставувала институционална рамка што би спречила понатамошно влошување на односите меѓу САД и Данска, а воедно би го задржала постојниот систем на колективна безбедност во рамките на НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно неколку пати изјави дека Соединетите Американски Држави сакаат да го купат Гренланд, тврдејќи дека Данска не е во состојба соодветно да ја брани таа територија.
Свет
Норвешка испраќа писма до граѓаните: Имотот може привремено да се конфискува во случај на војна
Норвешката војска објави дека илјадници граѓани ќе добијат писма во кои се наведува дека нивните домови, возила, чамци и машини може привремено да се конфискуваат во случај на војна.
Во соопштението се наведува дека писмата немаат практично влијание во мирновременски услови, освен што ги информираат сопствениците дека војската може да го преземе нивниот имот во случај на конфликт, објавува „Јуронјуз“.
„Целта на реквизициите е да се обезбеди дека, во воени услови, вооружените сили имаат пристап до ресурсите потребни за одбрана на земјата“, се наведува во соопштението на војската.
За 2026 година ќе бидат издадени околу 13.500 подготвителни барања, а секое барање важи една година.
Околу две третини од писмата планирани за 2026 година претставуваат обновување на барањата од претходните години.
„Важноста на подготвеноста за кризи и војна драматично се зголеми во последните години“, рече раководителот на воената логистичка организација, Андерс Јернберг.
Тој изјави дека Норвешка се наоѓа во најсериозна безбедносно-политичка ситуација од Втората светска војна и дека општеството мора да биде подготвено за безбедносно-политички кризи, а во најлош случај за војна, со значително зајакнување на воената и цивилната подготвеност.
Норвешка, еден од основачите на НАТО, ја зајакна својата одбрана во последните години, истакнува гореспоменатиот портал.
Норвешка дели поморска и копнена граница од 198 километри со Русија.

