Свет
Израел против планот за палестинска држава: „Тоа би било награда за масакрот што ни го направија“
Главните министри во владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја отфрлија идејата за основање палестинска држава откога „Вашингтон пост“ објави дека САД промовираат такви планови.
„Ние во никој случај нема да се согласиме со тој план, кој вели дека Палестинците заслужуваат награда за страшниот масакр што го извршија врз нас: палестинска држава со главен град Ерусалим“, изјави министерот за финансии, Безалел Смотрич.
„Палестинската држава е егзистенцијална закана за државата Израел како што беше докажано на 7 октомври“, рече тој додавајќи дека ќе побара од безбедносниот кабинет, кој треба да се состане подоцна во текот на денот, да заземе јасен став против палестинската државност.
„Вашингтон пост“ денеска објави дека САД соработуваат со некои арапски држави, вклучувајќи ги Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија, со кои Израел долго време се обидува да воспостави дипломатски односи на повоен план за регионот, што би вклучувало цврста временска рамка за формирање палестинска држава.
Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека секоја политичка иницијатива што не почнува со палестинска држава како полноправна членка на ОН е „осудена да пропадне“.
Слични изјави дадоа и министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, министерот за дијаспора, Амичаи Чикли, министерот за образование, Јоав Киш, и пратеникот Матан Кахана, член на Партијата за национално единство, предводена од главниот противник на Нетанјаху, Бени Ганц.
„Катастрофа е да се наградат Палестинците по 7 октомври со формирање држава“, изјави Чикли од Ликуд за военото радио.
Војната во Појасот Газа избувна кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври, при што загинаа 1.200 луѓе, а 253 беа киднапирани.
Во израелската офанзива на Појасот Газа оттогаш загинаа повеќе од 28.600 Палестинци, според палестинските здравствени власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

