Свет
Израел: Цивилизирани земји во светот, спротивставете се на Хашкиот суд
Израел денеска ги повика „земјите од цивилизираниот свет“ да се спротивстават на барањето на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд кој издаде налози за апсење на неговите водачи.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант, кого судот во Хаг го бара заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху, го нарече „срамен“ обидот да се меша во војната на Израел против Хамас во Газа.
Одлуката на судот беше критикувана и во Вашингтон, кој го осуди впечатокот за изедначување на двете страни бидејќи обвинителот Карим Кан издаде налози и за палестинските исламисти.
„Ги повикуваме народите на цивилизираниот, слободен свет – нациите кои ги мразат терористите – да застанат со Израел. Треба веднаш да го осудите овој чекор“, рече портпаролот на израелската влада Тал Хајнрих.
„Нека знае МКС каде стоите. Спротивставете се на одлуката на обвинителот и изјавете, дури и ако се издадени налози, дека нема да ги спроведете. Затоа што тоа не е прашање на нашите водачи, туку на наш опстанок“.
Во објава на платформата „Икс“, Галант напиша дека обидот на обвинителот Кан да „го ускрати правото на државата Израел на самоодбрана и да ги ослободи заложниците“ мора да биде отфрлен.
Хамас моментално држи околу 125 израелски заложници, киднапирани во нападот на 7 октомври. Официјални лица од Газа објавија дека за време на израелската офанзива што следеше загинале 35 илјади луѓе.
Кан во понеделникот рече дека Израел има право да го брани своето население, но дека ова право не значи дека Израел е над „почитувањето на меѓународното хуманитарно право“.
Тој смета дека израелските методи како убивање цивили или гладување се нелегални.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ученик донел бомба во училиште во БиХ
Полициските службеници од Полициската администрација Приедор дејствувале по пријава на директорот на основното училиште „Петар Петровиќ Нјегош“ во близина на Приедор, дека од страна на просветен работник на тоа училиште била одземена рачна бомба од еден ученик.
Постапувајќи по пријавата, полицајците утврдиле дека се работи за бомбата „М75“ (т.н. црна бомба) без почетен дел за детонација, и како таква се смета за неупотреблива и не може да биде опасност.
За настанот бил информиран и Окружниот јавен обвинител на Приедор под чиј надзор ќе се преземаат понатамошни мерки и активности.
Информациите за споменатиот настан ќе бидат доставени до Центарот за социјална работа Приедор, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
ОН ги повикуваат сите земји да ја признаат Палестина
Група експерти на Обединетите нации денеска ги повикаа сите земји да ја признаат палестинската држава за да се постигне мир на Блискиот Исток.
Повикот доаѓа по една недела во која Шпанија, Ирска и Норвешка официјално ја признаа палестинската држава, што го налути Израел, кој стана се повеќе изолиран на меѓународно ниво поради војната во Газа.
Експертите, вклучително и специјалниот известувач на ОН за човекови права на палестинските територии, рекоа дека признавањето на палестинската државност е важно за правата на палестинскиот народ и неговите напори за слобода и независност.
„Тоа е предуслов за траен мир во Палестина и на целиот Блиски Исток и започнува со итно објавување на прекин на огнот во Газа и запирање на натамошните воени упади во Рафа“, нагласија тие.
„Решението за две држави останува единствениот меѓународно договорен пат кон мир и безбедност и за Палестина и за Израел и е излез од генерациските циклуси на насилство и гнев“.
Со нивното признавање, Шпанија, Ирска и Норвешка сакаат да го забрзаат постигнувањето мир во Газа. Трите земји изразија надеж дека тоа ќе го забрза признавањето на другите западни земји. Данскиот парламент подоцна одби да го стори тоа, а Словенија ќе го разгледа во вторник. Израел се противи на признавањето на Палестина, тврдејќи дека тоа го зајакнува Хамас.
Свет
Шефот на Ербас: Проблемите на Боинг се товар за целиот сектор
Проблемите со безбедноста и квалитетот на американскиот производител на авиони Боинг би можеле да ја разнишаат довербата на патниците во воздушниот транспорт, предупреди извршниот директор на европскиот конкурент Ербас.
„Проблемите во Боинг се товар за целиот сектор“, изјави извршниот директор на бизнисот со комерцијални авиони на Ербас, Кристијан Шерер, за германскиот деловен неделник WirtschaftsWoche.
„Поради проблемите на Боинг, луѓето ќе почнат да ја доведуваат во прашање безбедноста на летањето“, објасни Шерер.
Боинг повторно е под лупа откако авионот од серијата 737 MAX остана без врата на летот на Алјаска ерлајнс на почетокот на годината. Пред пет години, регулаторите ширум светот го повлекоа Боинг 737 MAX поради две тешки несреќи во кои загинаа 346 луѓе.
Шефот на европскиот производител на авиони тврди дека не планираат да ја искористат можноста за поскапување на авионите.
„Ги зголемуваме цените само кога побарувачката ја надминува понудата“, рече Шерер, додавајќи дека е тешко да се предвиди како ќе се развиваат работите.
„Би рекол дека конкурентот во неволја може да се однесува релативно непредвидливо. Доколку, поради неповолни околности, авионите се натрупаат во неговите хангари, тој може да се одлучи на распродажба“, објасни шефот на Ербас.