Европа
(Видео) Илјадници демонстранти на улиците на Мадрид: носеа знамиња и фрлаа шишиња кон седиштето на партијата на Санчез
Илјадници демонстранти синоќа се собраа пред седиштето на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) во Мадрид нарекувајќи го нејзиниот лидер и премиер Педро Санчез предавник откако вети дека ќе го помилува поранешниот каталонски премиер Карлес Пуџдемон во егзил.
Санчез и Пуџдемон се договорија да воведат закон за амнестија на организаторите на забранетиот референдум за независност во 2017 година, кој парламентот треба да го усвои во наредните денови. Против тој закон се организираа протести пред седиштето на ПСОЕ на Санчез седма ноќ по ред, а излезе и Сантијаго Абаскал, лидерот на десничарската партија Вокс, која има трет по број претставници во парламентот.
Демонстрантите носеа шпански знамиња, а некои фрлаа шишиња кон седиштето на партијата. Полицијата одговори со палки и уапси шестмина демонстранти. Регионалната влада извести дека 8.000 демонстранти се собрале пред седиштето на ПСОЕ, а протести се одржале и во други градови, како Барселона, Валенсија и Мурсија.
Санчез се надева на нов четиригодишен мандат на 15 или 16 ноември кога парламентот, најверојатно, ќе гласа за неговата левичарска коалициска влада. За да ги освои потребните 176 претставници во парламентот од 350 места, тој мораше да ја добие поддршката од партијата JxCAT на Пуџдемон.
Како услов таа постави закон за амнестија со кој ќе се запрат правните постапки против сите лица што од 2012 до 2023 година учествувале во активности поврзани со организирање референдум за независност на Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители во североисточна Шпанија.
Шпанскиот Уставен суд претходно изјави дека не може да се организира референдум бидејќи тоа не е дозволено со Уставот. Шест години во Белгија, Пуџдемон е недостапен за шпанското правосудство, кое сака да му суди за организирање референдум и прогласување на република Каталонија, што не беше спроведено.
„Ова е историска можност за решавање на конфликт кој може и треба да се реши само преку политика“, рече членот на ПСОЕ, Сантос Чердан, по потпишувањето на договорот. Пуџдемон, пак, рече дека шпанската влада нема да доживее крај на мандатот доколку не ги исполни своите ветувања.
Левичарската влада на Шпанија ќе зависи од поддршката на регионалните партии за независност на Каталонија и Баскија за време на нејзиниот мандат. Шпанската десница смета дека помилувањето на организаторите на каталонскиот референдум во 2017 година може да ги поттикне поддржувачите на независноста да направат нов обид за отцепување, што би го загрозило интегритетот на Шпанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација од 14 мај до 11 август.
Зеленски на 6 мај достави до парламентот предлог за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација за уште 90 дена, објави „Киев индепендент“.
Украинскиот парламент гласаше да го одобри продолжувањето два дена подоцна.
Тој претходно ја продолжи вонредната состојба и мобилизацијата од 14 февруари до 14 мај.
Зеленски првпат прогласи вонредна состојба и општа мобилизација на 24 февруари 2022 година, кога Русија започна напад врз Украина.
Оттогаш, мерката беше продолжена неколку пати.
Оваа мерка значи дека Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години, со некои исклучоци, не можат да ја напуштат земјата бидејќи може да бидат повикани на воена служба.
Во април, парламентот усвои закон за ажурирање на правилата за мобилизација додека земјата се обидува да ги надополни редовите на своите вооружени сили.
Европа
На парадата на Путин имаше само еден тенк, луѓето се потсмеваат: „Па, барем вози“
Иако воената парада во Москва е нормално можност Русија да се пофали со својата војска, оваа година само еден тенк помина низ Црвениот плоштад. За работите да бидат уште поинтересни, тоа беше тенк Т-34, произведен пред 90 години – уште пред да се роди Путин.
Да потсетиме, на воената парада и минатата година учествуваше еден тенк, истиот Т-34. Многумина го исмеваат Путин поради ова.
The only Russian tank present at today’s Victory Day parade in Moscow is a single T-34. pic.twitter.com/ut3T6zr31v
— OSINTtechnical (@Osinttechnical) May 9, 2024
„Овој Т-34, легендарниот советски тенк од Втората светска војна, беше единствениот руски тенк изложен на парадата на Денот на победата на Црвениот плоштад денес“, напиша Макс Седон, шеф на московското биро за „Фајненшл тајмс“. „Сите останати мора да се некаде зафатени!“
Про-украински корисник на „Икс“ напиша: „Па, барем вози“.
Друг корисник додаде: „Ништо не говори „втора армија на светот“ како осамениот тенк на победничката парада втора година по ред“.
Европа
Поранешниот премиер на Малта, Џозеф Мускат обвинет за корупција: случајот го истражуваше и убиената новинарка
Поранешниот премиер на Малта, Џозеф Мускат, беше обвинет за корупција во врска со скандалот, кој го истражуваше и познатата новинарка Дафне Каруна Галиција. Како што пренесува „Гардијан“, освен за Мускат, обвинението е покренато и против гувернерите на Централната банка на Малта, како и против вицепремиерот. Тие се обвинети во врска со скандалот околу приватизацијата на болниците.
Мускат беше обвинет за примање мито, корупција во јавните служби и перење пари, соопшти агенцијата АФП. Обвиненијата против него ги нарече „фантазија и лаги“, тврдејќи дека е жртва на политичка одмазда.
Malta’s former prime minister charged with corruption over hospital scandal https://t.co/TpFy0DGNV4
— Guardian news (@guardiannews) May 9, 2024
Заедно со него беа обвинети и Крис Фарне, вицепремиер, кој требаше да биде следниот еврокомесар и Едвард Шикулна, поранешен министер за економија и актуелен гувернер на Централната банка на Малта. Тие се обвинети за измама и проневера.
Фарне, кој беше министер за здравство во времето на скандалот кога беше приватизирана болницата, рече дека „апсолутно нема сомнеж дека судот ќе утврди нешто друго освен неговата целосна невиност“. Шикулна не го коментираше обвинението, но претходно негираше дека направил нешто незаконско.
Се очекува дека ќе бидат обвинети уште најмалку двајца високи владини функционери. Обвинението е дел од долгорочната истрага за одлуката на лабуристичката влада од 2015 година, на чело со Мускат, управувањето со три јавни болници да го префрли на приватната компанија „Виталс глобал Хелткер“ како дел од зделката чија вредност се проценува. на четири милијарди евра.
🧵1⃣Last year, we launched the first in a series of investigations we’re supporting with research and investigation coordination: a deep dive into the financial flows in the Malta hospitals privatisation deal. Revisit reporting by our project partners ⬇️https://t.co/HPcKrXbJjJ
— Daphne Caruana Galizia Foundation (@daphnefdtn) April 30, 2024
За овој скандал информираше и Дафне Каруна Галиција, позната истражувачка новинарка од Малта, која беше убиена во експлозија на бомба поставена под нејзиниот автомобил во 2017 година. Фондацијата формирана во нејзино име по смртта на новинарката објави дека оваа пресуда „докажува дека нејзиното истражување за наместена приватизација било точно“.
Смртта на Дафне Каруна Галиција предизвика голем шок на мирниот медитерански остров. Опсежната независна истрага во 2019 година покажа дека владата не учествувала во атентатот, но дека државата мора да сноси одговорност за создавање „култура на неказнивост“.