Свет
„Имам рак“ – Бајден ја вознемири американската јавност, реагираше Белата куќа
Американскиот претседател Џо Бајден ја разбранува јавноста во средата кога одржа говор за загадувањето и глобалното затоплување. Бајден објави дека има рак, поради што реагираше и Белата куќа.
Американскиот претседател (79) го коментираше загадувањето кое го предизвикуваат рафинериите за нафта во државата во која е роден и израснат. Бајден е од Клејмонт, Делавер, држава која долго време го држи црниот рекорд по бројот на заболени од рак.
„И поради тие рафинерии, јас и многу луѓе со кои пораснав имаме рак, и затоа Делавер имаше највисока стапка на рак во нацијата долги години“, рече Бајден.
Портпаролот на Белата куќа, Ендрју Бејтс, на прашањето на „Њујорк пост“ дали американскиот претседател има рак, објасни дека пред да ја преземе функцијата претседател, Бајден имал неколку видови рак на кожата, а кои биле третирани и отстранети.
Американската јавност е збунета од фактот дека Бајден го користел сегашното наместо минато време кога зборувал за ракот што го имал. Дополнителна конфузија е извештајот од неговиот лекар д-р Кевин О’Конор.
Лекарот во извештајот напишал дека Бајден имал рак на кожата, но тој бил предизвикан од престојот на сонце без носење заштитен фактор, а не се споменува изложеност на хемикалии и загадување. Во младоста Бајден работел како спасител на базен поради што постојано бил изложен на сончевите зраци. Минатата година неговиот лекар во извештајот изјави дека „во моментов нема делови од кожата на претседателот што изгледаат сомнително“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

