Свет
Индија и официјално му ја укина автономијата на Кашмир
Индија и формално го примени законот со кој му се одзема полуавтономниот статус на Кашмир под контрола на Индија и се наметнува директна федерална власт во спорната област, пренесува РТ.
Денеска, индиската муслиманска држава Џаму и Кашмир беше официјално поделена на две нови територии на унијата – Џаму и Кашмир на запад и Ладах на исток.
Хиндуистичката националистичка влада на премиерот Нарендра Моди испрати илјадници дополнителни војници и ги апсеше антииндиските, како и проиндиските активисти, пред да наметне промени во мнозински муслиманскиот регион. Највпечатливо беше укинаувањето на знамето и на Уставот на Кашмир, кои се елиминирани како дел од новиот статус на регионот.
Меѓутоа, најпроблематична промена е заканата дека Индија ќе ја присвои територијата со формалното укинување на клаузулата во индискиот Устав, со која се чуваше ексклузивното право на Кашмир над сопствеништвото на земјата.
„Сè се менува денес. Од држави сме сведени на општина. Целиот овој процес е неуставен. Начинот и методологијата беа недемократски. Луѓето беа понижени и никој не ги консултира“, вели пензионираниот кашмирски судија Хаснаин Масуди, член на индискиот парламент.
Пред најголемите политички промени во индиски Кашмир властите го изгаснаа пристапот до интернетот, до мобилните и фиксните телефонски услуги и до кабелската телевизија за 12,5 милиони луѓе во регионот под образложение дека бунтовниците веројатно ги користат за организирање на антииндиските протести и насилства.
И покрај опсадата од десетина илјади владини сили, стотици антииндиски протести и судири избија во регионот. Владините сили користеа солзавец и огнено оружје за да ги спречат демонстрантите да протестираат на улиците. Најмалку три лица загинаа, а стотици беа повредени во судирите.
Последната надеж на жителите на Кашмир сега е Врховниот суд на Индија, кој треба да почне расправа на почетокот на ноември за барањата што ја оспоруваат законитоста на укинувањето на членот 370 од Уставот, со кој на Кашмир му се даваше посебен статус. Одлуката се очекува во рок од неколку месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Захарова: Русија не ги доживува санкциите како привремени или целни мерки
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денес изјави дека Русија е убедена дека западните санкции не се привремени или целни мерки, туку механизам за системски притисок врз Москва.
Таа нагласи дека западните земји, нивните сојузи и нивните поврзани сателити спроведуваат агресивна кампања против Русија.
„Целта е отворено декларирана: финансиска и технолошка изолација, поткопување на перспективите за долгорочен социоекономски развој и нанесување максимална штета на граѓаните со цел дестабилизација на внатрешнополитичката ситуација. Веруваме дека санкциите не се привремени или целни мерки, туку механизам за системски стратешки притисок врз нашата земја“, изјави таа за ТАСС на маргините на форумот „Произведено во Русија“.
Таа истакна дека Западот се обидува да воведе секундарни санкции против суверените држави, „обидувајќи се да ги казни за соработка со Русија, поради фактот што овие земји ги бранат своите национални интереси“.
Како што изјави таа, санкциите станаа реалност на новата фаза на развој во која влезе глобалната економија.
„Неподготвеноста на западните земји да признаат дека нивните производствени и финансиски модели ја губат конкурентската битка од глобалното мнозинство води кон хаос и нерамнотежа во сите области на глобалната економија“, нагласи Захарова.
Според неа, бројните пакети санкции воведени не само против Русија, туку и против други земји, како и одбивањето да се користат клучни резервни валути во меѓународните порамнувања, замрзнувањето на суверените фондови, трговските војни, неоколонијалните пристапи кон финансирање на развојот и спонзорирањето на „сателити“ преку меѓународните институции, „де факто ја укинаа глобализацијата“.
„Глобалната економија стана фрагментирана, а оние кои претходно се залагаа за отворени граници и отстранување на разни бариери се вратија на блоковски пристап“, заклучи таа.
Фото: принтскрин
Свет
Германија сака да ги подготви децата за војна преку училишна програма: „Тоа е разумна подготовка“
Германскиот сојузен министер за внатрешни работи Александар Добриндт (CSU) предложи учениците во училиштата систематски да се учат како да реагираат во кризни ситуации и во случај на војна. Тој планира да го презентира својот план во ноември на конференција на државните министри за внатрешни работи, а тој би вклучувал воведување на специјални двочасовни предавања.
„Важно е младите луѓе да разберат какви закани може да постојат и како да се подготват за нив. Децата се важни пренесувачи на знаење во семејството“, изјави Добриндт за весникот Ханделсблат, објави DW.
Остри реакции во Бундестагот
Предлогот предизвика жестоки реакции во германскиот парламент. Опозициската левица верува дека ова „шири страв кај децата и младите“, додека десничарската радикална Алтернатива за Германија (AfD) го обвини министерот за „подбуцнување војна“. Пратеникот на AfD, Готфрид Курио, тврди дека Добриндт сака „да ја направи војната неизбежен дел од секојдневниот живот“.
Од друга страна, Зелените веруваат дека идејата има смисла, но дека не е доволна. Нивниот претставник, Леон Екерт, предлага постојниот „Ден на предупредување“ да се прошири во национален ден за вежбање со цел практично да се подготват граѓаните за кризни ситуации.
Ова не е прв пат слична идеја да се дискутира во Германија. Уште за време на мандатот на претходната влада, тогашната министерка за образование Бетина Старк-Вацингер (ФДП) презентираше сличен предлог, осврнувајќи се на практиката во Велика Британија, каде што вежбите за вонредни ситуации се дел од училишната програма.
Добриндт, исто така, најави нов „пакт за заштита на населението“, кој би вклучувал подобрување на системот за предупредување, означување на заштитни зони и обезбедување основни потреби во вонредни околности.
„Нема ништо лошо во тоа секој да има основна залиха од храна, батерии и радио дома. Тоа не е паника, тоа е разумна подготовка“, рече Добриндт. Тој додаде дека интересот на граѓаните за прирачниците за цивилна заштита е голем, што покажува дека луѓето „сакаат да бидат подготвени“ во случај на криза.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски: Украина и нејзините сојузници ќе работат на план за прекин на огнот во наредните денови
Украина и нејзините сојузници се согласија да работат на план за прекин на огнот во следните десет дена, изјави претседателот Володимир Зеленски за „Аксиос“ по предлогот на американскиот претседател да се запре војната на сегашните граници.
„Неколку брзи точки како план за прекин на огнот. Одлучивме дека ќе работиме на тоа во следната недела или десет дена“, изјави украинскиот лидер за „Аксиос“ во интервју објавено во понеделникот.
Зеленски додаде дека Украина, за да изврши притисок врз Русија за разговори, бара од американската администрација не само ракети „томахавк“ туку и слични работи што не бараат долгорочна обука, пренесува „Ројтерс“.
Фото: принтскрин

