Свет
Инцидент на аеродромот во Франкфурт: Непознат маж го зграпчи германскиот канцелар
48-годишен маж, за кој се вели дека има грчко презиме, се приклучил на колоната на германскиот канцелар Олаф Шолц со приватен автомобил, а кога колоната стигнала до пистата на аеродромот во Франкфурт, тој успеал да стигне до канцеларот и да го зграпчи со рацете.
Како што пренесува „Билд“, инцидентот се случил во средата околу 23 часот, само неколку моменти пред Шолц да се качи во владиниот авион.
Канцеларот штотуку го прослави 25-тиот роденден на Европската централна банка (ЕЦБ) и ја напушти зградата на ЕЦБ со министерот за финансии, упатувајќи се кон аеродромот. Тие патуваа во блиндирани лимузини, а полицајците од покраината Хесен со патролни автомобили и мотоцикли го обезбедуваа владиниот конвој. Телохранителите на канцеларот седеа во двата службени автомобили на Шолц.
Попатно зад последното патролно возило одеднаш се појави приватен автомобил. На воланот бил човек за кој подоцна се тврди дека мислел оти се работи за голема семејна венчавка. Полицајците очигледно не го забележале автомобилот, кој не бил дел од владиниот конвој.
Чуварите на аеродромот во Франкфурт го пуштиле да ја помине бариерата на патот до пистата, иако регистарската табличка не била однапред објавена како сите други.
Конвојот потоа продолжил кон владиниот авион Ербас А319. Сите членови на делегацијата почнале да се качуваат во авионот. Само не Шолц.
Тој остварил уште еден телефонски повик во неговиот автомобил, кој траел неколку минути. Канцеларот сè уште го чувале телохранители и полиција.
Потоа Шолц излегол од лимузината сакајќи да и се заблагодари на полицијата и како што често се случува, да се фотографира за спомен.
Во тој момент мажот го напуштил возилото, одеднаш се упатил кон Шолц, се ракувал со него и го притиснал на градите. Дури кога човекот го ослободил Шолц, телохранителите ја препознале опасноста на ситуацијата.
Во тој момент сите сфатиле дека не знаат кој е човекот, па брзо бил уапсен.
Кабинетот на канцеларот објави дека „за Олаф Шолц тоа не бил голем инцидент во конкретната ситуација, само изненадувачки топла прегратка. Во ретроспектива, станува јасно што можело да се случи“.
Тимот за безбедност на Шолц е скршен и признава: Тоа никогаш повеќе не смее да се повтори. А канцеларот?
Тој реагираше прилично ладнокрвно, а потоа се сликаше со полицајците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.