Свет
Иранските власти му ја ампутирале раката на крадец
Иранските власти во северната иранска провинција Мазандаран вчера му ја ампутирале раката на Иранец обвинет за 28 кражби, пренесува иранската новинска агенција „Фарс“.
Човекот бил обвинет и за поседување и продажба на дрога, како и за продажба на украден имот. Во соопштението од судот се тврди дека човекот ограбил 28 куќи во градот Махмудбад. Според информациите од Мазандаран, грозоморната казна била извршена во затворот Сари во северната иранска провинција според член 198 од Кривичниот законик на Исламската Република.
„Политиката на судството е сериозно, без двоумење, да се спротивстави на оние кои го нарушуваат јавниот ред и безбедноста на општеството и оние кои ги крадат имотите на луѓето“, се вели во соопштението од судот.
Членот 198 од Кривичниот законик на Исламската Република има голем број услови за казната со ампутација. Меѓу главните услови е лицето кое е казнето да нема ментални нарушувања, да не било принудено да го изврши кривичното дело и да не го сторил делото во време на глад.
Иран е контролиран од строга исламска теократија уште од Исламската револуција во 1979 година. Ампутација на рацете е пропишана казна за крадците во светата книга на исламот, Куранот. Ривалот на Иран, Саудиска Арабија, исто така спроведува вакви средновековни казни. Сепак, повеќето современи исламски земји имаат правосудни системи компатибилни со меѓународното право за човекови права.
Според „Иран хјуман рајтс монитор“, во Иран се изречени најмалку 215 казни за ампутации меѓу 2007 и 2017 година. Извршени се најмалку 125 од овие казни – шест од нив во јавност. Дел од тврдокорните исламисти во Иран сакаат да видат повеќе вакви казни.
„За жал, за да не бидеме осудени за прашања поврзани со човековите права во Обединетите нации, ние се откажавме од некои божествени закони“, рече Мохамед Џафар Монтазери, државен јавен обвинител на Иран, на 17 јануари 2019 година.
Иран е меѓу најголемите џелати во светот. Повеќето егзекутирани Иранци се од етничките малцинства во земјата, вклучувајќи Курди, Балучистанци, арапски Ахвазијци и азербејџански Турци.
Иран егзекутира и деца прекршители. Двајца 17-годишници биле меѓу 173-те лица што ги погуби државата од средината на јули 2019 година, изјави во средата експерт на ОН.
„Имаше и седум пријавени случаи на егзекуции на деца во 2018 година. Во моментов има околу 90 лица, кои во моментот зна извршувањето на делот биле помлади од 18 години, што чекаат смртна казна“, изјави Џаваид Реман, специјален известувач на ОН за човековите права во Иран, пред Генералното собрание на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Земјотрес со јачина од 5,5 степени ја погоди Куба
Силен земјотрес со магнитуда од 5,5 степени според Рихтеровата скала денеска е регистриран во близина на Куба, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар.
Епицентарот на потресот бил во Карипското Море, на длабочина од 15 километри, на околу 82 километра од Гвантанамо и 45 километри од Баракоа.
Според досегашните информации, засега нема пријави за штети или повредени.
Свет
Канцеларијата на Далај Лама: Никогаш не сe сретнале со Џефри Епстин
Од канцеларијата на 14-тиот Далај Лама (Тенцин Ѓацо) денес соопштија дека духовниот водач никогаш не се сретнал со Џефри Епстин. Реакцијата следи откако кинески државни медиуми објавија дека неговото име се појавува во т.н. „Досиеја на Епстин“.
Американското министерство за правда објави милиони документи, а според прегледот на агенцијата АФП, името на Далај Лама се споменува 154 пати, но не постојат никакви докази или спомнување на лична средба со Епштајн.
CGTN, кинески државен медиум, објави дека во е-пошта од 2012 година се споменува присуство на Далај Лама на настан на еден од островите поврзани со Епстин, но од неговиот кабинет остро го демантираат тоа.
„Можеме недвосмислено да потврдиме дека Неговата светост никогаш не го запознал Џефри Епстин и никогаш не овластил никого да комуницира со него во негово име“, се наведува во соопштението.
Инаку, Далај Лама живее во егзил во северна Индија уште од 1959 година кога побегнал од Тибет по насилно задушеното востание од кинеските власти. Има милиони следбеници ширум светот.
Свет
Орбан: Украина е непријател додека бара ЕУ да ни ја укине руската енергија
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, ја обвини Украина дека ѝ наштетува на неговата земја во Брисел и ја нарече „непријател“
„Украинците мора да престанат постојано да бараат од Брисел да го прекине дотурот на евтина руска енергија за Унгарија“, изјави Орбан на говор во градот Самботел, западно од земјата.
„Сѐ додека Украина го прави тоа, таа е наш непријател“, додаде тој.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април.

