Свет
Иран го заобиколува ембаргото на нафтата пред носот на САД
Првиот ирански танкер со нафта стигна до брегот на Венецуела во неделата попладне и покрај заканите на САД, пренесува „Спутник“.
Танкерот „Фортјун“ го напушти иранското пристаниште „Шахид Раџаи“ пред 72 дена да ѝ помогне на Венецуела во справувањето со недостигот од гориво предизвикано од прекинот со работа на рафинеријата за нафта во Боливарската Република. Уште четири ирански танкери со нафта се очекува да пристигнат во наредните денови. Севкупно, Иран испрати 1,53 милион барели гориво во Венецуела.
Што значи оваа испорака за иранскиот извоз на гориво во светлината на заканите во САД? Сејед Саид Миртораби Хосеини, ирански аналитичар за нафта и гас и предавач на Универзитетот „Харазми“, изјави:
„САД воведоа санкции за енергетскиот сектор во Иран и во Венецуела. Но, тие беа во можност да им се спротивстават на овие еднострани санкции. Успешната испорака на нафта во Венецуела, која има сериозна потреба од гориво, покажува дека Иран е на вистински пат да се спротивстави на суровите американски санкции. Тоа симболизира дека иранската нација ги крши оковите на санкциите на САД“.
Хосеини не верува дека САД би извршиле напад врз ирански танкери во Атлантскиот Океан или во близина на брегот на Венецуела бидејќи таквиот маневар скапо ќе ги чини.
„Танкерите се придружувани од морнарицата на ИРИ. Не мислам дека САД би презеле чекор како напад или киднапирање ирански танкери. Тоа ќе се смета за кршење на меѓународните закони за спречување судири на море и скапо ќе ги чини Американците. Единствената неповолност на овие танкери е немањето меѓународно осигурување бидејќи многу големи осигурителни компании се принудени да ги почитуваат правилата што ги диктираат САД“, вели иранскиот аналитичар.
Мохамед Садег Јокар, експерт по политичка економија на Институтот за меѓународни енергетски студии (ИИЕС) под иранското Министерство за нафта, вели дека ова снабдување со гориво со танкери е првиот напад на новиот коалициски фронт против САД.
„Со спроведувањето на уништувачката политика на Доналд Трамп врз иранската економија, ИРИ го смени својот пристап. Иран претходно се обиде да убеди некои земји да не ги следат ограничувањата наметнати од САД (особено Кина, Индија и Кореја), а сега ги повикува сите земји погодени од санкции на САД да се обединат во еден фронт за да се спротивстават на овој инструмент во надворешната политика на САД“, вели Јокар.
Иранскиот експерт смета дека успешното испраќање на овие танкери во Венецуела е неуспех на меѓународната политика на Трамп за санкции против Венецуела.
„Иран ѝ помага на земја чија економија е на работ на банкрот и притоа докажа дека Блискиот Исток не само што не потклекнува пред американските туку и дејствува самостојно и одлучно, дури и дворот на САД, т.е. регионот на Латинска Америка“, посочи тој.
Според Јокар, Иран испраќа сигнал дека политиката на Трамп на Блискиот Исток не е успешна и дека се обидува да спречи таа да успее и во Латинска Америка.
„Ова е еден вид удар врз изборната политика на Трамп на претстојните претседателски избори“, вели тој.
Јокар е исто така убеден дека нема да има воени напади од САД врз иранските танкери со нафта кои пловат кон Венецуела бидејќи заканите во Вашингтон се само блеф.
„Во случај на напад на нафтени танкери ИРИ веднаш ќе реагира во Персискиот Залив и ќе ја нападне морнарицата на САД. Главен пример за одговорот што ќе следи се случувањата откако Велика Британија го заплени нашиот танкер во Гибралтар“.
Според Јокар, САД може да одговорат само со поагресивна информативна војна, со која би создале атмосфера во медиумите во која тие, на пример, ќе ја обвинат венецуелската влада дека наводно краде девизни резерви за да преживее и да плати за иранската помош.
„Ќе видиме како оваа тема ќе ја пропагираат американските медиуми во наредните денови. И дали ќе речат дека владата на Мадуро добила гориво од Иранците и сега ги ограбува венецуелските девизни резерви“, додава тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

