Свет
Иран негира поврзаност со нападот на Ружди

Иран категорично отфрла каква било врска со нападот врз Салман Ружди, британскиот писател и автор на „Сатански стихови“, кој во петокот повеќепати беше прободен со нож на конференција во САД.
Семејството на Ружди вчера изјави дека чувствува големо олеснување затоа што тој е тргнат од респиратор, додавајќи дека и понатаму неговата состојба е критична, иако веќе можел да изговори неколку зборови.
Британецот со потекло од Индија, чиј роман „Сатански стихови“ доведе до смртни закани од Иран во 1980-тите години, во петокот требаше да одржи предавање во државата Њујорк. Тој се здоби со неколку убодни рани во пределот на вратот и стомакот. Неговиот напаѓач е уапсен и се изјасни за невин.
„Категорично негираме каква било врска меѓу агресорот и Иран и никој нема право да ја обвинува Исламската Република Иран“, рече Насер Канани, портпарол на Министерството за надворешни работи, во првата официјална реакција на Техеран на нападот врз Ружди.
Во 1989 година во Иран е издадена фатва – повик кон сите муслимани да го убијат Ружди и сите оние поврзани со издавањето на „Сатански стихови“. Иранската влада ја укина фатвата во 1998 година, па Ружди живееше релативно мирно во последните години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Грција го усвои контроверзниот закон – отворен патот за 13-часовно работно време

Грчкиот парламент денес го усвои новиот закон за труд, кој предизвика бурни реакции и протести низ целата земја. Со 158 гласа „за“ и 109 „против“, владиниот предлог беше изгласан, додека левичарската опозициска партија СИРИЗА одби да учествува во гласањето.
Законот, кој според владата има цел да го направи пазарот на труд поприлагодлив и поефикасен, овозможува на работодавачите во приватниот сектор да бараат од своите вработени да работат до 13 часа дневно, наместо досегашните осум. Продолженото работно време може да се применува најмногу 37 дена годишно, а работниците се заштитени од отказ доколку одбијат да работат прекувремено.
Владата тврди дека со новите правила се зголемува флексибилноста и заштитата на работниците, особено оние со семејства, и дека законот дозволува четиридневна работна недела доколку има претходен договор меѓу работодавачот и вработениот.
Меѓутоа, синдикатите и опозицијата остро реагираа, предупредувајќи дека реформата ја укинува суштината на осумчасовниот работен ден и ја легализира прекумерната експлоатација. Синдикатот на државните службеници „ADEDY“ порача дека „флексибилното работно време во пракса значи уништување на семејниот и општествениот живот и укинување на работничките права“.
Синдикатите потсетуваат и дека просечните плати во Грција се значително пониски од европскиот просек, а нерегистрираниот труд и натаму е голем проблем. Опозициските партии оценија дека законот е застарен и спротивен на европските тенденции за скратување на работното време и воведување пократка, но поквалитетна работна недела.
Новите одредби предвидуваат и поголема флексибилност при вработувања на определено време, со цел, како што наведува Министерството за труд, да се стимулира продуктивноста и модернизацијата на пазарот на труд.
И покрај уверувањата на владата дека законот ќе ги заштити работниците и ќе овозможи подобра рамнотежа меѓу работа и приватен живот, јавноста останува поделена.
Свет
Индонезија, Азербејџан и Пакистан – три земји во преговори за мировна мисија во Газа

Американски официјален претставник изјави дека Индонезија, Азербејџан и Пакистан разговараат со САД за можноста да испратат војници во идната меѓународна мисија за стабилизација на Пojaсот Газа, објави американски функционер од одбраната, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, јавува „Политико“.
Ова е дел од планот во 20 точки за мир предложен од Доналд Трамп, кој предвидува привремени сили за обука и поддршка на палестинската полиција и соработка со Египет и Јордан.
САД нагласуваат дека американски војници нема да влегуваат во Газа, туку ќе дејствуваат од координативен центар северно од Израел. Египет, Катар и ОАЕ ќе имаат свои официри таму. Досега нема официјални потврди од трите земји.
Целта на мисијата е привремено да се обезбеди обука на палестинските безбедносни структури и да се овозможи разоружување на Хамас. Аналитичари и дипломати ја доведуваат во прашање изводливоста на планот, а формирањето на силите може да трае неколку месеци од моментот на одлуката.
Свет
„Борбата не е завршена“ – Нетанјаху решен да ги врати сите тела на заложниците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е решен да ги врати сите тела на заложниците што сè уште се во рацете на Хамас.
Тој ја повтори својата порака за време на одбележувањето на втората годишнина од нападот на Хамас велејќи:
„Борбата уште не е завршена, но едно е јасно – секој што ќе крене рака против нас, ќе плати висока цена“.
Израел го обвини Хамас за прекршување на договорот за примирје, според кој сите заложници – живи и мртви – требало да бидат предадени до понеделник. Хамас предаде 20 живи заложници и девет тела, но тврди дека за другите му е потребна специјална опрема за пребарување под урнатините.
Министерот за одбрана Израел Кац порача дека ако Хамас не го почитува договорот, Израел во координација со САД ќе ја продолжи офанзивата до целосен пораз на организацијата.