Свет
Иран: Непријателите треба да знаат, нашата нуклеарна програма има длабоки корени, не може да биде уништена со воени напади
Шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран, Мохамад Еслами, на годишната генерална конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена изјави дека нуклеарната програма на Иран нема да биде уништена со воена акција. Во исто време, тој ги обвини Израел и Соединетите Американски Држави за нелегални напади врз неговите објекти, пишува Иран Интернешнл.
„Непријателите на Иран треба да знаат дека нашата нуклеарна програма има длабоки корени и не може да биде уништена со воена акција“, рече Еслами во обраќањето пред 69-та Генерална конференција. Тој додаде дека Иран нема да попушти пред политичкиот или воениот притисок и нема да се откаже од своите права.
Шефот на Организацијата за атомска енергија на Иран рече дека соработката на Техеран со МААЕ е „широка и конзистентна“, но ја обвини агенцијата дека не ги осуди она што тој го нарече акти на агресија против нуклеарните објекти на Иран.
„И покрај нашите официјални барања, агенцијата не ги осуди нападите на САД и Израел врз нуклеарните објекти на Исламската Република“, рече тој. „Ова молчење и неактивност ќе останат дамка во историјата на агенцијата“.
Еслами, исто така, ги критикуваше европските напори за активирање на механизам за „враќање“ за повторно воведување на санкциите на Обединетите нации врз Иран, нарекувајќи ги нелегални.
Тој рече дека нуклеарниот договор од 2015 година, официјално познат како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA), покажал дека дипломатијата може да успее, но тврдеше дека бил поткопан од западните земји. „Денес, на годишнината од JCPOA, гледаме нелегални обиди за активирање на механизмот за враќање“, рече тој. „Овие напори се исмејување на Резолуцијата 2231“.
Еслами, исто така, рече дека израелските напади врз нуклеарните објекти на Иран беа насочени не само кон инфраструктурата, туку и кон самата дипломатија.
„Целта на ционистичкиот режим не е само да ги уништи нашите нуклеарни центри, туку и да го блокира патот кон дипломатијата и мирот“, рече тој. Еслами објави дека Иран ќе поднесе резолуција на конференцијата со која ќе се забранат нападите врз нуклеарните постројки и ќе одржи состаноци со земјите што соработуваат со Техеран.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.
Свет
Им го украл автомобилот, па добиле казна оти крадецот возел без појас
Брачниот пар Лејла и Хамид од Голд Кост, Австралија, прво станале жртви на кражба во нивниот дом, а потоа добиле и казна од околу 3.750 евра. Казната ја добиле затоа што крадецот кој им го украл автомобилот, Lexus SUV, не бил врзан со безбедносен појас.
Како што пренесува 9 Now Australia’s Today, маскирана група крадци влегла ноќе во нивниот дом додека брачниот пар спиел. Хамид се разбудил од бучавата, успеал да ги истера крадците и да повика полиција. Тврди дека полицијата не дошла, а крадците наскоро се вратиле и овој пат го украле нивниот Lexus SUV.
Хамид вели дека полицијата ја повикал и вторпат, но ни тогаш никој не дошол на адресата. Три недели по инцидентот, тврди тој, полицијата сè уште не го посетила нивниот дом. Наместо помош, парот добил – казна. Сообраќајна камера го снимила крадецот зад воланот на нивниот SUV без безбедносен појас, а паричната казна автоматски им била издадена на сопствениците на возилото. Ако не го платат износот до 3 март, им се закануваат дополнителни трошоци.
Хамид се прашува како е можно системот да го сними прекршокот и да ги казни сопствениците, но не и да ја идентификува лицето кое управувало со украдениот автомобил.
Според податоците на Австралискиот завод за статистика (ABS), во Австралија се краде еден автомобил на секои 11 минути. Во периодот 2023/2024 се украдени повеќе од 60.000 возила, околу 17.000 повеќе од претходната година. Барањата за отштета по кражби речиси се удвоиле од 2015 година и во 2024 достигнале 428 милиони долари.

