Свет
Иран потврди дека произведува ураниум збогатен до 20 проценти
Иран почна со производство на збогатен ураниум до 20 проценти, потврди портпаролот на иранската организација за атомска енергија, Бехруз Камалванди. Тоа е потег што дополнително ќе ги ескалира нарушените односи со САД, забележува Си-ен-ен.
Иран изврши збогатување на ураниумот во нуклеарната постројка „Фордо“.
„Во понеделникот, околу седум часот навечер, го достигнавме нивото од 20 проценти“, изјави официјалниот претставник на Организацијата за нуклеарна енергија на Иран, Бехруз Камалванди.
Нуклеарниот договор со Иран од 2015 година предвидува земјата да го збогатува ураниумот на ниво од 3,67 проценти, но Техеран ги отфрли ограничувањата минатата година и го зголеми нивото на четири отсто.
Иранскиот парламент на почетокот на декември минатата година ги усвои општите точки на проектот за активирање на нуклеарната активност на државата.
За време на собраниската седница, 251 пратеник гласаа „за“ проектот наречен „стратешки мерки за укинување на санкциите“.
Проектот беше разгледан во итна постапка по убиството на нуклеарниот физичар Мохсен Фахризаде.
Законот предвидува зголемување на нивото на збогатување на ураниум од 20 или повеќе проценти, а таквиот ураниум се смета за оружје.
Законот, кој оттогаш е ратификуван, вклучува и обнова на реакторот во Арак во форма како што беше пред договорот и изградба на друг реактор.
Во исто време дел од законот ги обврзува властите да се одречат од доброволно почитување на дополнителниот протокол на договорот за заштитни гаранции со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Напад со дронови во Одеса, најмалку четири лица се повредени, меѓу нив и седуммесечно бебе
Најмалку четири лица, од кои три се деца, се повредени во синоќешниот руски напад со беспилотно летало врз Одеса, објавија денес регионалните власти, наведувајќи дека се оштетени станбени згради и инфраструктурни објекти.
„Нападот со беспилотно летало бил насочен кон станбени згради, логистика и енергетска инфраструктура“, изјави началникот на регионот Одеса, Олег Кипер, во порака на Телеграм.
Воените власти на тој регион објавија дека меѓу повредените има седуммесечно бебе и две други деца, како и 42-годишен маж, пренесува Ројтерс.
Големото црноморско пристаниште Одеса е цел на повторени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништуваат енергетската, сообраќајната и пристанишната инфраструктура, како и станбените делови на тој град, според медиумот.
Свет
Железничка несреќа во близина на Мачу Пикчу: има загинати и повредени во судир меѓу два воза
Машиновозач загина, а најмалку 40 лица се повредени во судир меѓу возови во близина на најпопуларната туристичка атракција во Перу, Мачу Пикчу, пишува Би-Би-Си.
Во соопштението од надлежните се истакнува дека 20 амбулантни возила се испратени на местото на несреќата и дека повредените се префрлени во здравствени установи во блискиот град Куско.
Американската амбасада во Перу објави дека во несреќата се повредени американски државјани, но полицијата сè уште не ги потврдила идентитетите на лицата вклучени во инцидентот.
Локалниот медиум Peru21 известува дека „стотици“ туристи сè уште престојуваат на местото на несреќата и чекаат евакуација, што е „тешко“ поради непристапниот терен околу местото на несреќата.
Најмалку 20 повредени се во сериозна состојба, изјави здравствен службеник за новинската агенција Ројтерс.
Судирот се случил на железничката пруга што ги поврзува станицата Олјантајтамбо и Агуас Калиентес, најблискиот град до Мачу Пикчу. Патувањето помеѓу овие две станици обично трае околу 90 минути.
„Длабоко жалиме за она што се случи“, се вели во соопштението на компанијата PeruRail, додавајќи дека нејзиниот персонал „веднаш“ им пружил прва помош на машиновозачот, кондуктерот и патниците вклучени во инцидентот.
Причината за несреќата сè уште е непозната.
Несреќата се случила во време кога постои тековен спор меѓу превозниците што вршат превоз до местото на светското наследство на УНЕСКО, бидејќи локалните заедници се незадоволни од, како што велат, недоволно транспарентниот процес на доделување концесии.
Возовите и автобусите што ги превезуваат туристите до античкиот град имаат високи цени и можат да бидат многу профитабилни поради ограничената пристапност на локацијата.
Свет
Париз во приправност поради тероризам и банди на новогодишната ноќ
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез испрати писмо до париската префектура во кое властите повикуваат на посебна будност во врска со ризикот од тероризам и бандитска активност на новогодишната ноќ во главниот град на земјата.
„Високото ниво на терористичка закана што продолжува да ја оптоварува националната територија, како и постоењето на тензии на меѓународно ниво, значи дека е потребно да се обезбеди особено зголемен надзор на туристичките, празничните и симболичните места“, се наведува во писмото испратено до полициската станица во Париз, до кое телевизијата BFM имаше пристап.
Како што е наведено, писмото предупредува на ризикот од „феноменот на банди, злоупотреби и акти на урбано насилство, против кои властите имаат намера да се борат со откривање на собири на лица со насилен потенцијал“.
„Целта е да се зголеми видливоста и да се обезбеди одвраќачко полициско присуство во одредени области со голем сообраќај, со поддршка на динамичен систем за видео патролирање“, се наведува во соопштението.
Од безбедносните сили се бара и „да одржуваат зголемен надзор во чувствителните населби или оние познати по редовни епизоди на урбано насилство, прекршувања или конфликти меѓу сопернички банди“.
Се предлагаат и неколку превентивни мерки.
На пример, давателите на социјални станови и менаџерите на најизложените локации и сектори се должни да го блокираат пристапот до покривите на зградите и да обезбедат контејнери за ѓубре.
Како што е наведено, од општините се бара да идентификуваат и отстранат гломазни предмети, контејнери и сите предмети што би можеле да се користат како проектили или што би можеле да послужат како средство за палење.

