Свет
Иран потврди: Израел ни уби уште двајца генерали

Иран потврди дека уште двајца високи воени функционери се убиени во израелските воздушни напади: генерал Голамреза Мехраби, заменик-началник на разузнавањето на Генералштабот на вооружените сили, и генерал Мехди Рабани, заменик-началник на операциите. Нивните имиња беа објавени од иранската државна телевизија, но не беше прецизирано каде загинале.
Потврдата доаѓа откако Иран веќе ја призна смртта на неколку клучни воени и политички личности во истите напади, вклучувајќи ги:
– Генерал Хосеин Салами, командант на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ);
– Генерал Мохамад Багери, началник на Генералштабот на вооружените сили;
– Генерал Голам Али Рашид, командант на штабот Хатам-ал Анбија;
– Генерал Амир Али Хаџизаде, началник на воздухопловниот оддел на ИРГЦ;
– Али Шамхани, поранешен секретар на Врховниот совет за национална безбедност и советник на Врховниот лидер.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека нападите биле насочени кон военото и научното раководство на Иран да ја запре неговата нуклеарна програма.
Нетанјаху го повика иранскиот народ да се спротивстави на сопствениот режим, велејќи дека постапките на Израел „го отвораат патот“ кон слободата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
И по 54-ти пат Косово сè уште без собраниски спикер

Ниту доцна синоќа не успеа да се конституира Собранието на Косово, и покрај тоа што ова беше веќе 54-ти обид за избор на претседател. Причината повторно беше истата, недостиг на доволно гласови за формирање на комисија за тајно гласање, што е предуслов за спроведување на изборот.
Политичките партии и коалиции – Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Српската листа, како и коалицијата меѓу Алијансата за иднината на Косово и НИСМА, повторно одбија да предложат свои членови во комисијата. Наместо тоа, тие го обвинија претседателот на конститутивната седница, Авни Дехари, дека ја узурпира седницата и ги погазува и Уставот и одлуките на Уставниот суд на Косово.
Ситуацијата ескалираше кога Дехари, како и во претходните обиди, ги прекинуваше говорите на пратениците со исклучување на микрофоните, што дополнително ја вжешти атмосферата. Од вкупно 103 присутни пратеници, само 56 гласаа „за“ формирање на комисијата, што не беше доволно.
Поради недостигот на мнозинство, Дехари ја прекина седницата, повикувајќи се на одлуката на Уставниот суд донесена на 26 јуни, според која од денес до 8 август парламентот нема право да заседава или да донесува какви било одлуки. До тогаш, се очекува Судот да ја објави својата пресуда по барањето за оценка на уставноста на инсистирањето за тајно гласање, поднесено од пратениците на ДПК и ДСК.
Свет
Туристите одлучија: Оваа земја е прогласена за најубава во светот

Според најновото глобално истражување на „DiscoverCars.com“, туристите ги избраа десетте визуелно најимпресивни земји во светот за 2025 година, или најубавите.
На листата се вклучени големи туристички сили, но и некои земји кои неочекувано зазедоа висока позиција.
Она што ги изненади многумина беше падот на Соединетите Американски Држави на деветтото место, што предизвика бројни реакции кај туристичките експерти и ентузијастите за патувања.
Ирска го зазема првото место
Врз основа на оценките на повеќе од 6.400 патници од различни делови на светот, Ирска го зазеде првото место со просечен резултат од 9,52. Нејзините зелени пејзажи, драматичните карпи со поглед на океанот и пејзажите како што се познатите Мохерови карпи и прстенот на Кери придонесоа за оваа титула.
Втор на листата е Нов Зеланд со резултат од 9,43 – единствената земја надвор од Европа во првите пет. Познат е по своите спектакуларни фјордови, планински предели, вулкани и тиркизни езера.
Португалија и Обединетото Кралство го делат третото место (9,29). Португалија воодушевува со златни плажи и лозја, додека Обединетото Кралство нуди разновидни предели од шкотските висорамнини до зелени долини и морски брегови.
Грција и Хрватска на четвртото место
На четвртото место се Грција и Хрватска, обете со резултат од 9,23. Хрватска го заработи својот висок резултат благодарение на кристално чистиот Јадран, скриените заливи и историските градови, додека Грција импресионира со својата единствена архитектура и античко наследство.
Полска и Италија ги затворија првите пет со резултат од 9,19, нудејќи изобилство од природни убавини, културни атракции и автентична атмосфера.
Зошто САД паднаа на листата?
Америка се најде само на деветтото место оваа година со резултат од 9,01. Дури и помали туристички пазари како Кипар (9,17), Франција (9,03) и Шпанија (9,02) се пред неа. Последното, десетто место му припадна на Маврициус (8,90).
Иако има импресивни природни чуда како што се Големиот Кањон, националните паркови и брегот на Пацификот, САД сè повеќе губи поени поради сложената организација на патувањата, високите цени, лошите меѓуградски врски и генерално потешката пристапност за странските туристи.
Естетиката и социјалните мрежи го менуваат туризмот
Туристите повеќе не патуваат само за музеи и ресторани – фокусот е на места што изгледаат спектакуларно на фотографиите. Инстаграм и ТикТок сè повеќе влијаат на тоа како и каде луѓето патуваат, а земји како Маврициус, Португалија и Грција знаат како да го искористат ова. Тие организираат панорамски патишта, кафулиња со поглед и спектакуларни видиковци.
Визуелниот впечаток стана еден од клучните фактори при изборот на дестинација.
Топ 10 најубави земји според туристите (2025):
1. Ирска
2. Нов Зеланд
3. Португалија и Велика Британија
4. Грција и Хрватска
5. Полска и Италија
6. Кипар
7. Франција
8. Шпанија
9. САД
10. Маврициус
Свет
Хуманитарен конвој од Египет се движи кон Појасот Газа

Конвој со хуманитарна помош тргна од Египет кон Појасот Газа по зголемениот меѓународен притисок и предупредувањата од голем број хуманитарни агенции дека масовното гладување се шири низ енклавата.
Израелската војска соопшти дека ќе обезбеди „хуманитарни коридори“ за безбедно поминување на конвоите на ОН што доставуваат помош до жителите на Газа и дека ќе воспостави „хуманитарни паузи“ во густо населените области.
Израел претходно продолжи да доставува помош по воздушен пат до Појасот Газа, што го потврдија и палестински извори.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ја опиша кризата како „масовно гладување предизвикано од човечка активност“.
Повеќе од 125 луѓе починаа од неухранетост, вклучувајќи 85 деца, соопшти Министерството за здравство на Газа во саботата.