Свет
Исчезна 11-годишно девојче во Тексас, полицијата го пронашла нејзиното тело во река
Полицијата вчера го пронајде телото на Одри Канингем, 11-годишното девојче кое исчезна на пат кон училиште, во реката Тринити, Тексас.
„Го најдовме нејзиното тело во реката, под автопатот 59“, рече шерифот на округот Полк, Бајрон Лајонс. Окружниот обвинител Шели Ситон на прес-конференција изјави дека се подготвува налог за апсење на Дон Стивен Мекдугал (42), кој моментално е во притвор. Тој беше уапсен во петокот по други обвиненија.
Полицијата засега не дава детали за убиството на девојчето, освен дека се чекаат резултатите од обдукцијата. Мекдугал, пријател на таткото на девојчето, има долго криминално досие. Во 2007 година, тој беше осуден за „примамување дете во округот Бразорија, Тексас“. Тој беше осуден во 2010 и 2019 година за тежок напад со смртоносно оружје, пишува Си-Ен-Ен.
За време на исчезнувањето на девојчето, во потрагата се вклучил и Мекдугал, кој тропал на вратите на мештаните и прашувал дали ја виделе. Минатата недела тој на социјалните мрежи изјави дека е невин.
„Бев таму, ме испрашуваа. Не бегам ниту се кријам. Направив се што можев да ја најдам. Не направив ништо лошо. Отидов и тропнав на вратите за да добијам информации“, напиша тој.
Мекдугал живее во приколка на семејниот имот и понекогаш ја носеше Одри до автобуската станица, рече шерифот. Нејзината куќа се наоѓа во близина на езерото Ливингстон. Мекдугал и Одри ја напуштија куќата кон станицата околу 7 часот наутро во четвртокот.
Меѓутоа, таа не се качила во училишниот автобус и не стигнала до училиште. Во петокот, полицијата го пронашла нејзиниот ранец во близина на браната на езерото, на околу 8 километри од местото каде што подоцна било пронајдено нејзиното тело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.