Свет
Италијанскиот крузер ја напушти Јапонија по еден месец карантин
Крузерот „Коста Атлантика“, на кој е потврден коронавирусот кај повеќе од 100 лица, го напушти јапонското пристаниште Нагасаки и патува за Филипините, објавија локалните власти.
Италијанскиот брод го напушти пристаништето Нагасаки по еден месец карантин.
„Коста Атлантика“ е вториот брод на кој се потврдени случаи на коронавирус и кој мораше да остане во Јапонија некое време.
Бродот тежок 86.000 тони се укотви на крајот на април поради одржување, без патници и со 623 членови на екипажот.
Повеќето беа сместени во карантин на бродот, откако беше потврден коронавирус кај 149 членови на екипажот.
Уште шест се хоспитализирани и нивната состојба не е опасна по живот, соопштија претставниците на префектурата Нагасаки.
Останатите се негативни на коронавирусот, а бродот го напушти Нагасаки со 126 членови на екипажот кои се упатија кон филипинската престолнина Манила, изјави за „Ројтерс“ претставникот на префектурата Нагасаки, Кенјо Ура.
Член на семејството на еден од морнарите рече дека карантинот завршил, но се очекуваат финансиски проблеми поради помал број патувања, пренесе „Ројтерс“.
Росан Огајон, ќерка на капетанот на крузерот, рече дека нејзиниот татко може наскоро да се врати во родната Манила. Тој е излечен од коронавирусот, но не работи сè додека компанијата не започне да организира патувања.
„Поради пандемијата, татко ми, во меѓувреме, не може да работи, што значи дека тој не може да заработи пари за нас“, рече студентката Росан Огајон за „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел започна напад врз Иран и прогласи вонредна состојба
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
„Државата Израел започна превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за Државата Израел. Вонредна состојба е прогласена низ целата земја“, рече тој, според „Тајмс оф Израел“.
Кац, исто така, предупреди на сериозна безбедносна ситуација.
Сирени се слушаа низ целиот Израел, додека Командата на домашниот фронт на израелските одбранбени сили ги повика цивилите да останат близу до засолништата и да се подготват за можност од ракетни напади.
Пораката ги советуваше граѓаните да останат близу до најблиските засолништа и да избегнуваат непотребни патувања.
Иако беше издадено „проактивно предупредување“, војската соопшти дека во овој момент не е потребна евакуација во засолништата.
Снимките покажуваат чад во Техеран, објави „Тајмс оф Израел“.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени

