Свет
Италијански метеоролози: Зимата менува брзина, очекувајте „атмосферска револуција“ до крајот на јануари
„Нова атмосферска револуција се очекува кон крајот на јануари и ќе влијае на поголемиот дел од Европа“, најавуваат метеоролозите.
Додека Србија веќе се подготвува за доаѓањето на сибирскиот антициклон, постудено и понестабилно време најавуваат и италијанските метеоролози.
Метеорологот Матија Гусони објави на порталот „iLMeteo“ дека зимата „ја менува брзината“ кон крајот на јануари.
„Нова атмосферска револуција се очекува кон крајот на јануари, со директни последици и за Италија. Вниманието ќе биде особено насочено од 24 до 25 јануари па натаму, кога влегувањето на многу нестабилни и прогресивно постудени воздушни маси од поларно потекло во медитеранскиот басен би можело да доведе до значително влошување на временските услови. Накратко, зимата менува брзина.
Тоа открива дека последиците ќе се манифестираат во зголемена атмосферска нестабилност, широко распространети и локално обилни врнежи, придружени со пад на температурата и посилни ветрови. Сепак, развојот на ситуацијата треба да се следи, „бидејќи малите промени во патеката на воздушните маси можат значително да влијаат на распределбата и интензитетот на овие феномени“.
Тој апелира на внимателност.
„Бидете внимателни, она што се очекува кон крајот на јануари би било вистинска револуција, бидејќи температурите повторно би паднале под просекот, не само во Италија, туку и на поголемиот дел од Стариот континент. Доколку ова се потврди, можеме да очекуваме уште еден многу студен бран, проследен со лошо време: во таква ситуација, покрај дождот, снегот би можел да достигне и многу ниски надморски височини“, забележува тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

