Европа
Италија го финансира одморот на граѓаните за да го спаси домашниот туризам
Италија откри детали за новата шема на „бонуси за одмор“ според која секое домаќинство со ниски приходи ќе добие до 500 евра, за да помогне во закрепнувањето на секторот за туризам.
Владата соопшти дека издвојува 2,4 милијарди евра за домаќинствата кои заработуваат помалку од 40.000 евра годишно, со цел да добијат финансиски стимул за одмор во Италија, а не во странство.
Даночната администрација објави дека бонусите ќе бидат 150 евра за самци, 300 евра за двојки и 500 евра за семејства со три или повеќе членови.
Бонусот може да се искористи за плаќање на сместување за одмор во Италија помеѓу 1 јули и 31 декември оваа година.
Можно е да се добие попуст од 80 проценти на цената на хотелската соба, ноќевање со појадок или апартман со исхрана во сопствен аранжман, а може да се побара и друго ослободување од данок.
Туризмот учествува со околу 13 проценти од бруто-домашниот производ на Италија и е тешко погоден од пандемијата на коронавирус, при што експертите прогнозираат намалување на приходи од дури 3,2 милијарди евра ова лето во однос на минатата година.
Италија ги отвори своите граници за туристите од ЕУ и земјите од шенген на 3 јуни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Снимено уривањето на огромен руски воен транспортен авион, се преполови во воздух
Рускиот канал на Телеграм „Маш“ објави снимка од падот на рускиот воен транспортен авион Ан-22 во регионот Иваново. Снимката го прикажува авионот како се распаѓа во воздух.
Ан-22 се урна минатиот вторник. Руската државна новинска агенција Тасс објави, повикувајќи се на службите за итни случаи, дека сите седум членови на екипажот загинале во несреќата.
✈️Moment of the crash of the Russian military transport aircraft An-22 https://t.co/TnvYdBNXB9 pic.twitter.com/7u5xoRh2wx
— Special Kherson Cat 🐈🇺🇦 (@bayraktar_1love) December 14, 2025
Се верува дека инцидентот е предизвикан од технички дефект на авионот, кој е во употреба повеќе од 50 години, објави подоцна деловниот весник „Комерсант“, повикувајќи се на анонимни извори. Тасс соопшти дека авионот бил на закажан лет по поправките и се урна во близина на резервоар. Остатоците од авионот се пронајдени во водата.
Европа
Зеленски стигна во Берлин, ќе се сретне со американскиот преговарачки тим
Украинскиот претседател Володимир, Зеленски, пристигнал во Берлин, каде што во текот на денот треба да се сретне со американскиот преговарачки тим за да разговара за предлогот за постигнување мир во Украина.
– Се фокусираме на тоа како сигурно да ја гарантираме безбедноста на Украина, така што искуството со Будимпештанскиот меморандум и руската инвазија никогаш повеќе нема да се случи. Сметаме на конструктивни разговори – рече Зеленски во објава на платформата X.
Тој рече дека сè уште не добил официјален одговор од Соединетите Американски Држави на најновите предлози за мировен план.
Пред неговото пристигнување, Зеленски нагласи дека сака да ги убеди Американците да ја поддржат идејата за замрзнување на фронтовската линија во Украина во нејзината сегашна состојба пред било какви преговори со Москва.
Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп.
Извори од германската влада за „Билд“ изјавија дека разговорите со претставниците на Украина во Берлин ќе траат два дена , а дека денес ќе се одржат прелиминарни разговори со советници за надворешна политика, вклучувајќи ги и претставниците на САД и Украина.
Европа
Речиси три четвртини од Европејците ја поддржуваат ЕУ, рекордна поддршка за еврото и за заедничка одбрана
Речиси три четвртини од граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Унијата, покажува најновиот Евробарометар.
Според податоците, 59% од Европејците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 73% се чувствуваат како граѓани на Унијата. Довербата во институциите останува висока, при што 48% изјавиле дека им веруваат на европските институции.
Анкетата покажува и рекордна поддршка за еврото – 74% од испитаниците го поддржуваат воведувањето на единствената валута, а во Еврозоната процентот изнесува 82%.
Во однос на заедничката одбрана и безбедност, 79% од граѓаните го поддржуваат воспоставувањето на заедничка политика меѓу земјите-членки, што е втор највисок резултат од 2004 година. Повеќе од две третини (67%) сметаат дека ЕУ е „место на стабилност“ во свет полн со немири, а 83% веруваат дека Унијата треба да ги диверзифицира трговските односи за да ја зајакне економската независност.
77% од Европејците сметаат дека инвазијата е закана за безбедноста на ЕУ, додека 73% ја поддржуваат економската блокада на Русија. Повеќе од три четвртини (81%) го поддржуваат приемот на бегалци од Украина, а 57% се согласуваат со финансирање на набавката и испораката на воена опрема за Киев.
Граѓаните сметаат дека главните приоритети на буџетот на ЕУ треба да бидат вработувањето, социјалните прашања и јавното здравје (42%), образование, култура и медиуми (36%) и одбрана и безбедност (35%).
Истражувањето, спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември 2025 година во сите 27 земји-членки, вклучуваше 26.445 интервјуа лице в лице.

