Европа
Италија ќе гради прифатни центри за мигранти во Албанија
Италија ќе изгради центри во Албанија за да ги прими илегалните мигранти што пристигнуваат во Италија по море, изјави во понеделникот премиерката Џорџија Мелони при претставувањето на новиот план за намалување на бројот на мигранти во Италија, кој е речиси двојно зголемен во изминатата година.
Мелони рече дека албанските центри првично ќе бидат домаќини на речиси 3.000 луѓе кога ќе бидат отворени пролетта 2024 година.
Таа додаде дека италијанската влада се надева дека ќе го зголеми нивниот капацитет за обработка на барањата на 36.000 мигранти годишно во тоа време.
Повеќе од 145 илјади мигранти пристигнале во Италија по морски пат во 2023 година, што е голем пораст во однос на 88 илјади во истиот период лани.
Владата на премиерот Мелони веќе ги заостри затворските казни за шверцерите на луѓе и одлучи да го зголеми бројот на прифатни центри во целата земја за мигранти пред нивната можна репатријација.
Десничарската партија на Мелони долго време бара такви објекти да се формираат надвор од Европската Унија предлагајќи, на пример, Северна Африка, но ниту една земја од тој регион не се согласила на тоа.
„Сметам дека ова е навистина европски договор и сакам да кажам дека покажува како е можно да се работи заедно за управување со миграциските текови“, рече Мелони во Рим покрај нејзиниот албански колега Еди Рама.
„Тие (мигрантите) ќе останат во овие центри онолку долго колку што е потребно за брза обработка на барањата за азил и доколку е потребно, за репатријација“, додаде таа. Мелони рече дека малолетниците, бремените жени и другите ранливи групи нема да бидат сместени во Албанија.
Извор од канцеларијата на Мелони рече дека пактот ќе важи само за мигрантите спасени на море од италијанската крајбрежна стража или морнарица, а не хуманитарни организации.
Истиот извор негира дека Италија ќе ѝ плати на Албанија за прифатните центри.
Мелони рече дека Италија ќе изгради објект за идентификација на мигрантите во албанското пристаниште Шенгин и центар за репатријација во внатрешноста.
Двата објекта ќе работат под италијанска јурисдикција, посочи таа.
Зборувајќи на италијански, албанскиот премиер Рама рече дека чувствува должност да му помогне на Рим поради посебните односи меѓу двете земји.
„Подавањето рака во овој случај значи да се помогне во управувањето со ситуацијата што сите ја гледаат како тешка за Италија“, рече Рама.
Најмногу мигранти во 2023 година пристигнале во Италија од Гвинеја, Брегот на Слоновата Коска и Тунис.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Пукање кај израелската амбасада во Стокхолм, неколкумина уапсени
Шведската полиција приведе неколку лица и опколи област во Стокхолм, откако патрола слушнала наводен истрел, соопшти полицијата во петокот, а израелската амбасада е во опкружената област.
„Полициска патрола во Страндваген во Стокхолм слушнала звуци и се посомневала дека има пукање“, објави полицијата на својата веб-страница.
Неколку лица се уапсени и покрената е истрага поради сомнение за тешко вооружено злосторство, додаваат тие.
„Во врска со истрагата која е во тек, сознанијата го потврдуваат сомнежот дека имало пукање“, се наведува во објавата на полицијата на својата веб-страница.
Ројтерс се уште не може да добие коментар од полицијата или израелската амбасада.
Шведската новинска агенција ТТ соопшти дека полицијата одбила да коментира дали има врска меѓу инцидентот и израелската амбасада.
Европа
Орбан: Фицо е меѓу животот и смртта
Словачкиот премиер Роберт Фицо е меѓу животот и смртта два дена по атентатот што ја шокира Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан. Тоа беше првиот голем атентат на европски политички лидер во повеќе од 20 години и наиде на меѓународна осуда.
Политичките аналитичари и пратеници велат дека тоа ја разоткри сè пожешката и поларизирана политичка клима во Словачка и во Европа.
„Се молиме за премиерот и навиваме за Словачка“, рече Орбан. „Му посакуваме брзо закрепнување и враќање на работа. Роберт Фицо е меѓу животот и смртта“.
Орбан рече дека дури и ако Фицо закрепне, тој нема да работи со месеци во критично време пред изборите за Европскиот парламент на почетокот на следниот месец.
„Ни претстојат избори што ќе одлучуваат не само за пратениците во Европскиот парламент туку заедно со изборите во САД тие може да ги одредат текот на војната и мирот во Европа“, рече Орбан.
„Во таа ситуација навистина ќе ни требаат Роберт Фицо и Словачка, која се залага за мир“, додаде тој.
Европа
(Видео) По масовните напади на Крим, сателитските снимки откриваат уништени руски авиони и оштетени згради
Сателитските снимки до кои дојде Си-ен-ен покажуваат три уништени руски авиони и оштетени згради во воздухопловната база Белбек во Севастопол во средата. Станува збор за пресретнувачи Микојан МиГ-31 и борбени авиони Сухој Су-27.
Сателитските снимки од Максар покажуваат два изгорени авиони на главната писта кај Белбек, а третиот е паркиран на заштитен насип. Сателитските снимки покажуваат и уништена зграда во близина и друга која претрпела значителна штета.
On @Maxar imagery, two MiG-31s and one Su-27 have been completely destroyed, and a MiG-29 damaged, at the Russian Air Force's Belbek Airbase in occupied Crimea. A fuel storage near the main airbase runway was also destroyed, and debris continued to burn in the aftermath. https://t.co/ZWflMYUFVw pic.twitter.com/80N56MRP2h
— Christiaan Triebert (@trbrtc) May 16, 2024
Михаил Развозаев, гувернерот на Севастопол назначен од Русија, утринава преку Телеграм изјави дека Русите „успешно одбиле масовен непријателски напад врз Севастопол“. Вторпат Белбек е мета на Украинците во последните 48 часа.
Запрашан за украинскиот напад на Белбек, Дмитро Плетенчук, портпарол на украинската војска, вчера изјави: „Во моментов не можеме да објавиме никакви детали бидејќи во овој момент нема проверени информации“.