Свет
И Норвежаните со петиција за отстранување расистички статуи
По смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во рацете на американската полиција, контроверзна војна против спомениците ги зафати двете страни на Атлантикот, а една од нејзините најголеми жртви досега е легендарниот воен премиер Винстон Черчил, пренесува „Спутник“.
Илјадници Норвежани потпишаа петиција за отстранување на статуите на поранешниот британски премиер Винстон Черчил и данско-норвешкиот писател и филозоф Лудвиг Холберг. Според иницијаторите, Черчил бил расист и бел врховист, а Холберг, кој е почитуван како татко на модерната данска и норвешка литература, бил трговец со робови.
„Неверојатно е што расистички белци, кои сметале дека е во ред да ги угнетуваат црните луѓе до таков степен, имаат место на нашите улици! Очекуваме да бидат отстранети и двете статуи! Во суштина и двајцата беа расисти и тоа треба да биде доволен аргумент за да не стојат на нашите улици во 2020 година. За жал, сите нивни достигнувања се засенети од фактот дека биле расисти“, се вели во петицијата.
Досега петицијата собра над 4.200 потписи.
Три метри долгата бронзена статуа на сер Винстон Черчил беше откриена во 1976 година во чест на соработката меѓу Велика Британија и Норвешка за време на Втората светска војна. Статуата на Лудвиг Холберг беше откриена во 1939 година во близина на Народниот театар. Групата скулптури го прикажува Холберг помеѓу неговите ликови од комедијата „Хенрик и Перниле“.
Хабун Хаши од малцинскиот тинк-тенк „Минотенк“ е загрижен дека самото поставување на статуите придонесува за почитување.
„Сакам сите статуи да бидат поставени во посоодветен контекст. На пример, Черчил, кој неоспорно имал расистички став, се наоѓа во центарот на Осло и тоа му дава симболичен ефект што му оддава почит“, објаснува Хаши.
Според неа, статуите припаѓаат во музеите каде што може да бидат поставени во посоодветен контекст.
Спротивно на неа, историчарот на уметност Томи Сорбо ја критикува за иницијативата и смета дека отстранувањето на статуите може да доведе до поларизација.
„Јас не ги бранам нив и тоа што го направиле, но ја бранам слободата на говорот. Ако сакаме да имаме слобода на изразување, мора да имаме можност да издржиме изрази што не ги сакаме, како што се уметнички дела од минатото. Во спротивно, би можеле да завршите како терористи на Исламската држава. Велат дека таму каде што горат книги, ќе горат и луѓе“, рече историчарот на уметноста за „ТВ2“.
Ова не е прв обид Норвешка да се ослободи од расистичката уметност. Претходно неделава, Зелената партија повика сликата „Правда“ од 1762 година да биде отстранета од Градското собрание на Берген. Хенрик фон Ахен, директорот во Музејот при Универзитетот „Берген“, предупреди да не се отстрануваат сеќавањата од минатото.
„Ако ја преправате историја за да приспособите сè на сегашната ситуација, не можете да учите од историјата бидејќи веќе нема да постои“, предупреди тој.
Последните неколку недели смртта на Флојд во САД предизвика големи демонстрации против расизмот во светот. Неодамна, неколку статуи на Винстон Черчил и кралот Леополд Втори во Велика Британија и Белгија беа вандализирани од демонстрантите и беа отстранети. Во Бристол статуата на трговецот и филантроп Едвард Колстон од 16 век беше уништена и фрлена во блиската река поради неговата улога во трговијата со робови.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, ја искористи можноста да изјави дека сите статуи на поранешните трговци со робови треба да бидат отстранети од јавните места. Сепак, актите на вандализам беа осудени од премиерот на земјата, Борис Џонсон, и од министерот за внатрешни работи, Прити Пател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.