Свет
Камала Харис до Нетанјаху: Ставете крај на војната во Газа
Американскaта потпретседателка Камала Харис, која се очекува да биде кандидат на Демократската партија на претседателските избори во ноември, одржа, како што рече, искрени и конструктивни разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, јавува Би-би-си.
Со поостар тон од претседателот Џо Бајден, Харис јасно ја истакна својата, како што рече, сериозна загриженост за бројот на жртви во Газа велејќи му на Нетанјаху дека начинот на кој Израел се брани е важен.
„Време е оваа војна да заврши“, рече таа по разговорот во Белата куќа. Харис исто така ја нагласи потребата од пат кон решение со две држави, а истовремено ги повика Американците да бидат свесни за природата на конфликтот.
Нетанјаху претходно се сретна со американскиот претседател Џо Бајден, кој во неделата се повлече од кампањата за реизбор.
Состаноците на Нетанјаху во Белата куќа дојдоа еден ден откога тој одржа жесток говор пред Конгресот ветувајќи тотална победа против Хамас, додека илјадници пропалестински демонстранти демонстрираа пред зградата.
Нетанјаху се соочува со притисок и во Израел и на меѓународно ниво да стави крај на деветмесечната војна меѓу Израел и Газа.
Силната поддршка на Бајден за Израел налути многу пропалестински активисти, чија поддршка можеби ќе им треба на демократите ако сакаат да победат на претседателските избори во ноември.
Според тоа, постои значителен интерес за ставот што Камала Харис ќе го заземе кон Израел доколку го замени Бајден во Белата куќа.
По состанокот со Нетанјаху, кој траеше 40-ина минути, Харис ја изрази својата непоколеблива посветеност на Израел и неговото право да се брани. Таа истакна дека конфликтот почна на 7 октомври кога милитантите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел од Газа убивајќи 1.200 луѓе и заробувајќи повеќе од 250, според израелските податоци.
Во одмаздничката офанзива на Израел во Газа загинаа повеќе од 39.000 луѓе.
„Израел има право да се брани. И како го прави тоа е важно“, рече Харис изразувајќи загриженост за ужасната хуманитарна ситуација во Газа.
Не можеме да дозволиме да отрпнеме од страдање и затоа нема да молчам, рече таа. „Ќе направиме договор за да можеме да постигнеме прекин на огнот за да се стави крај на војната“, додаде таа. „Да ги вратиме заложниците дома и да ја донесеме неопходната помош за палестинскиот народ“, додаде.
Нетанјаху денеска треба да се сретне со републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија нудела размена на Венецуела за Украина, тврди поранешна советничка на Трамп
Уште во 2019 година, руски функционери наводно му сигнализирале на Вашингтон дека се подготвени за необичен договор: ќе им дозволат на САД слободно дејствување во Венецуела, доколку за возврат им се овозможи непречена контрола над Украина. Ова го тврди Фиона Хил, поранешна советничка на Доналд Трамп, која повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешниот американски напад врз Венецуела, пишува „Киев индипендент“.
Фиона Хил, тогашна главна советничка на Белата куќа за Русија, ги изнела овие детали за време на сведочењето пред Конгресот во ноември 2019 година, во рамки на истрагата за импичментот на претседателот Трамп. Според неа, Кремљ во април истата година ја изнел можноста да се откаже од своето влијание во Венецуела, во замена за целосна контрола над Украина.
Руски функционери, како што навела Хил, „многу силно сигнализирале дека сакаат некако да направат многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“. Иако предлозите од Москва биле „неформални“, пораката била недвосмислена: „Знаете, вие ја имате вашата Монро доктрина. Нè сакате надвор од вашиот двор. Па, знаете, и ние имаме наша верзија на тоа. Вие сте во нашиот двор во Украина“. Хил додала дека била испратена во Русија за да го отфрли тој предлог.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos
Свет
САД ја проширија листата на држави: гаранција до 15.000 долари за американска виза
Државјаните на уште 25 земји, меѓу кои и Венецуела, може да мора да положат гаранција до 15.000 долари за да добијат американска виза, соопшти американскиот Стејт департмент. Со ова, листата опфаќа вкупно 38 држави, претежно од Африка, Латинска Америка и Јужна Азија. Новите правила стапуваат на сила на 21 јануари.
Гаранцијата ќе изнесува 5.000, 10.000 или 15.000 долари и ќе се утврдува при интервјуто за виза Б1/Б2, а уплатата ќе се врши преку платформата Pay.gov. Мерката е дел од пилот-програма започната во август, чија цел е да се спречи пречекорување на дозволениот престој.
Администрацијата на Доналд Трамп ја оправдува мерката со зајакнување на безбедноста, додека организациите за човекови права ја критикуваат како рестриктивна.
Фото: pexels

