Свет
Канадска пиварница ќе произведува пијалаци од канабис
Две канадски компании ќе се здружат со цел производство на безалкохолни пијалаци на база на канабис, пишува „Блумберг“.
Пиварницата Molson Coors ќе соработува со компанијата Hydropothecary од Квебек, која произведува продукти од канабис. Компаниите ќе основаат посебна фирма за производство на пијалаци, чиј директор ќе биде назначен во наредните неколку недели.
„Заклучивме дека производството на продукти со канабис ќе ни обезбеди вистинска можност за раст“, вели директорот на Molson Coors, Фредерик Лендметерс.
„По разговорите со неколку потенцијални партнери, ја избравме Hydropothecary поради нивната посветеност во истражувачка работа, лојалните клиенти и силниот бренд“, истакна тој.
Ова е прво партнерство за големиот канадски производител на пијалаци, земја каде што марихуаната за рекреативна употреба треба да биде легализирана на 17 октомври. Компаниите Molson и Hydropothecary очекуваат дека производите од канабис ќе бидат легализирани во 2019 година.
„Потегот го сметаме за историска пресвртница во време кога индустријата за канабис бара начини за влез во прехранбената индустрија“, вели аналитичарот Даглас Купер. „Очекуваме ова партнерство да стане модел за целата индустрија за производство на канабис“, додава тој.
Се очекува новото партнерство да биде особено поволно за Molson Coors, која главно се фокусира на производство на пиво. Продажбата на алкохолни пијалаци е значително намалена во државите каде што е легализирана марихуаната, покажа здружено истражување на Универзитетот во Конектикат и Универзитетот во Џорџија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер Вадефул: Русија ќе остане закана и по евентуален мир во Украина
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул предупреди дека Русија ќе остане закана за европската безбедност дури и доколку тековните преговори резултираат со мировен договор меѓу Киев и Москва.
„Владимир Путин го направи судирот со Западот водечки принцип на руската надворешна политика и создава можност за иден војен конфликт против НАТО“, изјави Вадефул за време на посетата на Летонија.
„За жал, ниту еден мировен договор со Украина нема да го промени тоа. Затоа мораме да инвестираме во зајакнување на отпорноста и безбедноста на источниот крил на НАТО“, рече тој, повикувајќи ги европските сојузници да ги зголемат одбранбените трошоци и инвестиции.
Шефот на германската дипломатија ја обвини Москва дека води „хибридна војна“ против Европа, наведувајќи оштетувања на подморски телекомуникациски и енергетски кабли во Балтичко Море, упади на дронови во европскиот воздушен простор и кампањи на дезинформации насочени кон демократските избори.
Тој ја потврди посветеноста на Германија кон безбедноста на своите сојузници во регионот и нагласи дека Берлин е подготвен да преземе посилна улога во европската безбедност и одбрана.
„Вие подобро од кој било знаете што значи да се биде под туѓа власт. Знаете што значи да се борите за слобода“, рече Вадефул.
„Веќе долго време ни укажувате дека треба да се чуваме од рускиот империјализам и неговата агресија, дека мораме да се подготвиме. Дозволете ми да ве уверам дека ве слушнавме и ве разбравме.“
Свет
Иран и Турција најавуваат преговори за заедничка слободна економска зона
Иран планира да почне преговори со Турција за воспоставување заедничка слободна економска зона, соопшти Врховниот совет за зони на слободна трговија, индустрија и посебни економски зони.
„На состанокот одржан на 14 јануари, Владата му даде овластување на Врховниот совет за слободна трговија, индустриски и посебни економски зони да започне преговори за договор за воспоставување слободна економска врска меѓу Иран и Турција“, се наведува во соопштението кое го пренесе агенцијата Мехр.
Мерката има за цел да ја поттикне економската соработка меѓу двете земји, да ја зајакне трговијата, да ги поедностави транзитните процеси, да отвори нови работни места и да придонесе за развој на пограничните региони, пренесува руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на извештајот на Мехр.
Иран веќе има воспоставено слободни економски зони во Киш, Кешм, Чабахар, Арас, Анзали, Арванд, Маку и на аеродромот Имам Хомеини, а уште седум се во фаза на изградба.
Покрај осумте слободни економски зони, Иран располага и со 34 посебни економски зони, наведува ТАСС.
Свет
Салвини до Зеленски: Потпиши мировен договор, ја губиш војната и достоинството
Потпретседателот на италијанската влада и лидер на партијата Лига, Матео Салвини, смета дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба што е можно побрзо да потпише мировен договор.
„По сета финансиска помош, трудот и поддршката што ги доби, Зеленски сè уште се осмелува да се жали. Пријателе, ја губиш војната, ги губиш луѓето, ја губиш довербата и достоинството. Потпиши мировен договор што е можно побрзо“, порача Салвини за време на говор пред сопартијците.
И италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани го критикуваше Зеленски поради говорот што го одржа на Светски економски форум во Давос.
„Ми се чини дека тој не е баш коректен кон Европа. Ми се чини дека Европа ја гарантираше независноста на Украина, правејќи сè што беше можно за таа земја да добие политичка, финансиска и воена поддршка“, изјави Тајани.
Во својот говор во Давос, Зеленски изнесе повеќе критички оценки на сметка на Европа. Особено ги критикуваше, како што наведе, недоволните мерки на Европска унија во сузбивањето на руската „флота во сенка“.
„Европа сака да разговара за иднината, но избегнува да дејствува денес, а токму денешното дејствување одредува каква иднина ќе имаме. Тоа е проблемот. Зошто претседателот на САД може да ги запре танкерите од ‘флотата во сенка’ и да ги прекине испораките на нафта, а Европа не може?“, праша Зеленски.
Тој потсети и дека стравот од руска одмазда ја спречил Европска комисија да го спроведе својот првичен план за заем за воени репарации за Украина, кој требало да се темели на користење на замрзнатиот руски имот.
Зеленски, исто така, ѝ замери на Европа за пристапот кон безбедносните прашања, вклучително и темата за Гренланд, истакнувајќи дека европската политика премногу често останува на ниво на дебати, без конкретни чекори.

