Свет
Канадските власти стравуваат од дискриминација кон Азијците поради вирусот

Во Канада досега се регистрирани само три случаи од новиот коронавирус, но во земјата се јавија стравувања дека посериозно зголемување на бројот на заболени повторно би можело да доведе до негативен став кон Азијците, како што тоа беше случај во времето на епидемија од САРС, кога во регионот на Торонто, на почетокот на 2000-тите умреа десетина луѓе.
Повеќе од 9.000 луѓе потпишале петиција, барајќи од училишните одбори во една област да им забранат на децата чии членови на семејството неодамна се вратиле од Кина да посетуваат настава, додека, пак, некои продавници во кинескиот кварт во Торонто веќе бележат пад на продажбата, пренесува „Ројтерс“.
Регионалниот училиштен одбор во областа Јорк реагирал на петицијата, при што се наведува дека ја разбира загриженоста на учениците и нивните семејства, но посочува дека секој може да го добие и пренесе вирусот.
Одборот предупреди дека ситуацијата може да прерасне во дискриминација врз основа на перцепција, стереотип и омраза.
Министеркaта за здравство, Пети Хајду, рече дека постои опасност Канаѓаните со кинеско потекло да се почувствуваат како да се мета поради потеклото на вирусот и дека тоа може да им наштети на нивните бизниси.
Ејми Го, привремен претседател на Националниот совет на Кинезите во Канада, вели дека ситуацијата е иста како во времето на епидемијата на САРС.
„Мора да внимаваме да не поттикнуваме ирационален страв и непотребна паника“, истакна Го.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Кремљ му одговори на Трамп

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека емотивноста на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со постигнувањето мир во Украина е разбирлива.
Порано денес, Трамп, зборувајќи за решението за постигнување мир во Украина, оцени дека рускиот претседател Владимир Путин го разочарал.
„Претпоставуваме дека Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп лично ја задржуваат својата политичка волја и намера да продолжат со своите напори за олеснување на украинското решение. Затоа, секако, претседателот Трамп е доста емотивен по ова прашање. Ова е сосема разбирливо“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Песков нагласи дека Путин, исто така, останува посветен на мирот преку дипломатија и прави многу за да го постигне.
Тој рече дека во меѓувреме, режимот во Киев и европските земји прават сè што е можно за да продолжат по патот на конфронтација.
Путин и Трамп се сретнаа во Алјаска на 15 август, каде што разговараа за начините за решавање на украинската криза, а по разговорот изразија подготвеност да работат на нејзиното решавање.
Свет
Палестинскиот претседател Абас ќе се обрати во ОН преку видео повик

Претседателот на Палестина Махмуд Абас треба да се обрати на Генералното собрание на ОН преку видео повик следната недела, откако САД одбија да му дадат виза за влез во земјата.
Откако 145 од 193 земји-членки го поддржаа предлогот, Абас треба да се приклучи на општата дебата преку видео повик следниот четврток.
САД ги поништија визите за Абас и десетици претставници на Палестинската самоуправа (ПА) и изјавија дека нема да издаваат нови документи, велејќи дека ПА не се дистанцирала доволно од тероризмот.
Според повелбата на ОН, САД се должни да издаваат визи на сите претставници кои сакаат да патуваат во седиштето на ОН во Менхетен.
Вообичаено само на шефовите на влади им е дозволено да се обратат на општата дебата.
Свет
Израел: Ќе го нападнеме градот Газа со невидена сила

Израелската армија денес објави дека ќе го нападне градот Газа со „невидена сила“, повикувајќи го населението да се евакуира од областа каде што ја спроведува својата голема офанзива што е критикувана од меѓународната заедница.
Израел во вторникот објави почеток на копнена и воздушна воена кампања во Газа на север од енклавата, за уништување на палестинското исламистичко движење Хамас, чиј напад во Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Појасот Газа.
„Израелските сили ќе продолжат со своите операции со невидена сила против Хамас и други терористички организации“, изјави полковникот Авичај Адрае, портпарол на израелската војска, повикувајќи ги жителите да се евакуираат.
Но, жителите велат дека ситуацијата е хаотична. „Немаме каде да одиме“, изјави за АФП Ум Мохамед ал-Хатаб, Палестинка од бегалскиот камп Шати во западниот дел на градот Газа.
„Моите седум деца и јас сè уште живееме во шатори на запад од градот откако окупацијата (Израел) ја бомбардираше нашата куќа“, додаде таа.
„Не се плашам од смртта, се плашам за моите деца“, рече 34-годишната Лејла Азам, која живее со своите три деца во Тел ал-Хава во јужна Газа. „Дури и немаме шатор“.
ОН го процени бројот на луѓе што живеат во и околу Газа на крајот на август на околу еден милион. Израелската војска соопшти дека 480.000 луѓе избегале од областа.
Фото: ЕПА