Свет
Катарскиот премиер: Преговорите за заложниците во Газа не се ветувачки
Последните денови од преговорите за ослободување на заложниците и хуманитарниот прекин на огнот во Газа не беа ветувачки, изјави денеска катарскиот премиер, Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.
Тој не сакаше да открива детали, но рече дека ако најпрво се постигне договор за примирје, бројот на заложници не треба да биде пречка.
„Последните денови не беа ветувачки. Ако го решиме хуманитарниот пакет, ќе успееме да ја надминеме пречката, а тоа е бројот на заложници кои би биле ослободени“, се надева Ал Тани.
Разговорите во кои учествуваа шефовите на разузнавачките служби на САД, Египет, Израел и Катар завршија во вторник без напредок.
На 7 октомври минатата година, борците на Хамас го предводеа нападот врз градовите во јужниот дел на Израел во кој, според израелските власти, беа убиени 1.200 луѓе, а киднапирани 253. Во својата офанзива на Газа, Израел уби повеќе од 28.700 Палестинци, според палестинските здравствени власти, опустоши голем дел од Газа и расели повеќето од нејзините 2,3 милиони жители.
Лидерот на Хамас Исмаил Ханија претходно оваа недела го обвини Израел за недостатокот на напредок во постигнувањето договор за прекин на огнот во Газа. Тој додаде дека Хамас нема да прифати ништо помалку од целосен прекин на непријателствата, повлекување на Израел од Газа и укинување на неправедната опсада, како и ослободување на палестинските затвореници кои отслужуваат долги казни во израелските затвори.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети целосна победа над Хамас, но додаде во средата дека флексибилноста во ставот на Хамас може да ги придвижи преговорите за договор што ќе овозможи ослободување на заложниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија има сила повторно да го нападне Киев, изјави Зеленски за АФП
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.
Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.
Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.
„Русите можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право“, вели Зеленски.
Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.
„Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина“, истакна Зеленски.
Регион
Пленковиќ, хрватскиот премиер кој доби трет мандат најави прва седница за понеделник
Откако хрватскиот Сабор вчера ја поддржа 16. Влада на Република Хрватска, а третата предводена од лидерот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ, тој во изјава за медиумите рече дека првата седница на новата Влада ќе биде во понеделник и најави продолжување на посветената работа во интерес на хрватскиот народ.
„Благодарам на мнозинството во хрватскиот Сабор што ни ја укажа довербата да станеме Влада на Република Хрватска по трет пат и ние, како што правевме претходните осум години, посветено ќе работиме во интерес на хрватскиот народ, сите наши сограѓани, економијата, врската меѓу татковината и иселениците Хрвати и да спроведеме програма врз основа на која ја добивме довербата на хрватските гласачи“, рече Пленковиќ откако Собранието гласаше за неговата трета Влада
Тој им се заблагодари на сите партнери кои ја поддржаа Владата.
Пратениците во хрватскиот Сабор вчера гласаа за доверба на новата влада на премиерот Андреј Пленковиќ.
За доверба на Владата гласаа 79 пратеници, против беа 61 пратеник, а еден беше воздржан.
Свет
Убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец
Вчера од вооружени лица во централен Авганистан се убиени тројца странски туристи и еден Авганистанец, а четворица странски државјани и тројца Авганистанци се ранети, соопшти талибанското Министерство за внатрешни работи.
Според светските агенции не е позната националноста на туристите, ниту кој го извршил нападот за кој што се уапсени четири лица.