Свет
Квебек бара меѓународна поддршка за борба против повеќе од 160 шумски пожари
Квебек бара поддршка на меѓународно ниво додека се бори со повеќе од 160 шумски пожари за време на, како што велат федералните власти, една од најлошите сезони на пожари во Канада досега, пренесува „Ал Арабија“.
Со повеќе од 480 пожарникари на терен, Квебек може да се справи со 30-ина пожари, рече вчера премиерот на Квебек, Франсоа Лего, додавајќи дека вообичаено напомош доаѓаат пожарникарите од другите провинции, но сега и таму имаат полни раце работа.
Во петокот попладне низ Канада гореа 324 пожари, од вчера тој број се зголеми на 413, а до доцна попладне вкупниот број повторно се зголеми на 420.
„Ситуацијата останува сериозна“, рече министерот за подготвеност за вонредни состојби, Бил Блер. „Сликите што ги видовме досега оваа сезона се едни од најтешките што сме ги виделе во Канада и тековната прогноза за следните неколку месеци укажува на поголем ризик од активни пожари од нормалното“.
Во Квебек се пријавени повеќе од 160 пожари, од кои најмалку 114 се надвор од контрола. Повеќе од 173.000 хектари изгореа годинава во Квебек во зоната на пожари под интензивна заштитна – областа каде што вообичаено има најмногу активни пожари – во споредба со 10-годишниот просек од 247 хектари, соопшти Агенцијата за превенција од шумски пожари во Квебек (СОПФЕУ).
Влажното време во Нова Скотија на атлантскиот брег ѝ овозможи на таа покраина да ги ослободи „канадерите“ и да ги испрати во Квебек, каде што изминатиот викенд се разгореа шумски пожари.
Лего рече дека дополнителни 200 пожарникари доаѓаат од Франција и од САД, а Квебек преговара и со Костарика, Португалија и со Чиле додека бара дополнителни ресурси.
„Со дадените проекции се очекува да имаме доволно ресурси за да го поминеме летото“, рече премиерот Џастин Трудо. „Ако работите се влошат, развиваме планови за вонредни ситуации“.
Пожарите принудија околу 10.000 луѓе да ги напуштат своите домови во Квебек, а повеќето од нив се во северозападниот регион Абитиби и источниот регион Кот-Норд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.
Свет
Мигранти плаќале 18.000 евра за превоз преку Ла Манш, биле сексуално експлоатирани
Виетнамска криминална мрежа беше пресечена со акција на полициите на Франција и Англија, со поддршка на Европол.
Оваа група шверцувала мигранти преку Ла Манш и организирала нивна сексуална и трудова експлоатација како и перење пари.
Главниот организатор, идентификуван како десна рака на водачот на оваа банда, го организирал шверцот, додека друг нивни соучесник бил задолжен за собирање пари и организирање на транспортот на мигрантите, кои плаќале од 15.000 до 18.000 евра за превоз преку каналот , соопшти Европол.
На пат од Полска за Франција, некои од мигрантите шверцувале метамфетамин во парискиот регион, снабдувајќи ги азиските групи за шверц на дрога со седиште во областа во замена за намалена цена на патувањето.
Уапсени се 16 членови на оваа група и одземени се разновидна луксузна стока, 100.000 евра во кеш и уште 298.000 евра на банкарски сметки.