Свет
Келнер во Сен Тропе навредувал Италијанец оти му оставил бакшиш од 500 евра, барал двојно повеќе
Италијански турист вети дека никогаш нема да се врати во Сен Тропе, гламурозно одморалиште на француската ривиера, откако келнерот го малтретирал поради бакшишот што го оставил.
Човекот, опишан како „многу богат“ во локалните медиуми, оставил бакшиш од 429 фунти (500 евра), по што келнерот го следел до паркингот во ресторанот и му барал двојно повеќе.
Пријател на италијанскиот турист, чие име не е објавено, за францускиот весник Nice Matan изјавил дека неговиот пријател „мислил дека е дарежлив оставајќи 500 евра, а наместо тоа го искарале“.
Келнерот му рекол дека тоа не е доволно и дека може да се потруди малку повеќе за да стигне до 1.000 евра, бидејќи тоа е поблиску до 20 отсто од вкупната сума на неговата сметка, вели пријател на туристот.
Францускиот весник известува и за турист кој тврди дека видел ресторан кој бара од гостите да потрошат најмалку 1.288 фунти (1.500 евра) по лице ако сакаат да вечераат таму. Како и богатиот Италијанец, овој посетител вети дека никогаш нема да се врати во Сент Тропе.
Вестите за вакви настани ја поттикнаа градоначалничката на Сен Тропе, Силви Сири, да покрене иницијатива наречена Signal Conso, која на рестораните ќе им обезбеди уникатни QR кодови за клиентите лесно да пријават „нефер комерцијални практики“.
Градоначалничката го нарече однесувањето на одредени локални ресторани, пријавени од гостите, „обид за измама“ што може да предизвика „голема штета“ на одморалиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Осомничен се скрил во корпа за отпадоци додека бега од полицијата во САД
Општински работник во Охајо останал шокиран кога пронашол човек како се крие во корпа за отпадоци додека си ја вршел работата. Набрзо се покажало дека станува збор за осомничен кој бегал од полицијата откако не застанал на нивниот сигнал за време на сообраќајна контрола, објавува „Еуроњуз“.
Видео снимено од полициска камера на автомобилот го покажува човекот како скока од корпата и бега.
Полицајците веднаш тргнале за потера, а бегалецот ги изгубил чевлите додека бегал.
„Благодарение на импресивните атлетски способности и брзата реакција на нашиот полицаец Перез, осомничениот е безбедно уапсен“, се вели во соопштението на полицијата, пренесуваат локалните медиуми.
Свет
Австралискиот премиер по заканата од бомби: Не смееме да ја земаме безбедноста здраво за готово
Австралискиот премиер Ентони Албанезе денес изјави дека не ја зема својата безбедност „здраво за готово“ откако беше евакуиран од својот дом неколку часа во вторникот поради наводна закана со бомба.
Албанезе беше евакуиран од својот дом во Канбера доцна во вторникот по локално време по безбедносна закана и се врати неколку часа подоцна откако не беше пронајдено ништо сомнително, објави Ројтерс, повикувајќи се на полицијата дека нема постојана закана.
„Мислам дека е само потсетник, искористете ја секоја можност да ги предупредите луѓето и да ги намалите тензиите. Не можеме да ги земаме овие работи здраво за готово“, рече Албанезе на настан во Мелбурн денес.
Заканата со бомба беше испратена до претставник на Шен Јун, класична кинеска танцова трупа забранета во Кина, која требаше да настапи во Австралија овој месец.
Е-пошта напишана на кинески јазик и испратена до локалните организатори на групата вели дека експлозиви биле поставени околу домот на Албанезе и дека ќе бидат детонирани ако танцовата група настапи во земјата.
„Сите закани се пријавени до австралиските безбедносни служби и органите за спроведување на законот. Ги цениме преземените чекори за обезбедување на јавната безбедност и заштита на избраните функционери, вклучително и премиерот“, соопшти кинеската танцова трупа, пренесува Танјуг.
Свет
Иран за говорот на Трамп: Професионалните лажговци се добри во создавањето „илузија на вистината“
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, денес изјави дека тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, што ги изнесе за Иран во своето обраќање за состојбата на нацијата, се неточни и додаде дека „професионалните лажговци“ се добри во создавањето илузија на вистината.
Вака реагираше тој на изјавите на Трамп дека САД ја уништиле иранската програма за нуклеарно оружје за време на нападот во јуни минатата година, но дека Техеран „повторно“ се обидува да изгради нуклеарно оружје и дека тој нема да дозволи тоа да се случи, дека Иран веќе развил ракети што можат да ја загрозат Европа и САД и дека 32.000 луѓе биле убиени за време на неодамнешните протести.
„Повторувај лага доволно често додека не стане вистина“ е пропагандна максима измислена од нацистот Јозеф Гебелс, а сега систематски ја користат американската администрација и нејзините воени профитери, особено геноцидниот ционистички ентитет, за да ја унапредат својата подмолна кампања за дезинформација против Иран. „Сè што тврдат за нуклеарната програма на Иран, неговите балистички ракети и бројот на жртви за време на немирите во јануари не е ништо повеќе од повторување на „големи лаги“. Никој не треба да биде измамен од овие очигледни лаги“, напиша Багеи, пренесува Танјуг.

