Свет
Келог: Треба да има договор за потенцијално губење украинска територија
Специјалниот претставник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, изјави дека во моментов е невозможно да се вратат сите територии на Украина на нивните граници од 2014 година, затоа тие треба да бидат отстапени, но не и официјално признати дека и припаѓаат на Русија.
„Нема да се вратиме на границите од 2014 година пред Русите да го нападнат Крим. Ова е разбирливо. Така што мислам дека треба да имаме договор за потенцијално губење на територија. Но, слушајте, не мора да го признаете тоа“, рече Келог во интервју за „Фокс њуз“.
Тој го наведе примерот на балтичките земји чие членство во Советскиот Сојуз никогаш не беше признаено од САД.
„Рековме дека тие едноставно биле под советска власт. И мислам дека веројатно можете да го погледнете долгорочно, но тоа е дел од преговорите“, рече Келог.
Тој ја истакна потребата да се постигне одржлив и долгорочен безбедносен договор со сите страни.
„И ова во голема мера ќе зависи од Европејците. Во нивен интерес е да го сторат тоа“, заклучил Келог, јави Танјуг.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет во средата на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел изјави дека враќањето на Украина на нејзините граници од пред 2014 година не е можно.
Хегсет рече дека во преговорите меѓу Русија и Украина ниту една страна нема да добие се што сака, а тоа е став на американскиот претседател Доналд Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

