Свет
Кина дневно произведува 5 милиони дози вакцини, целта е да достигне 3 милијарди годишно
Кина веројатно ќе произведе три милијарди дози од вакцината против Ковид-19 до крајот на годината, изјави официјален претставник на Националната здравствена комисија.
„Имаме капацитет да ги исполниме нашите барања за сопствената побарувачка во втората половина на годината“, рече Зенг Зонгвеи, кој ги координира проектите за развојот на вакцини.
Владата ги објави најновите податоци кои покажуваат дека производството на вакцини е тројно зголемено од 1 февруари до 5 март, на пет милиони дози на ден.
Водечкиот производител на вакцини „Синовак Биотек“ истакна дека го удвоил годишното производство на две милијарди дози овој месец.
Кинеската национална фармацевтска групација „Синофарм“ објави дека од април може да испорачува 100 милиони дози вакцини, секој месец. Целта на групацијата е да го зголеми производствениот капацитет на три милијарди дози годишно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Одложено судењето на Трамп за тајните документи, датум за продолжување не е утврден
Федералниот суд во Флорида го одложи, без да одреди датум за продолжување, почетокот на судскиот процес против поранешниот американски претседател Доналд Трамп поради несовесно постапување со документи класифицирани како тајни.
Тоа е едно од четирите процеси што се водат против Трамп, а требаше да започне на 20 мај, но федералниот суд оцени дека тој рок е неодржлив поради бројните претходни претставки поднесени до судот.
Ајлин Кенон, судијката назначена од поранешниот претседател, не одреди нов датум.
На републиканскиот претседателски кандидат во моментов му се суди во Њујорк за сомнителни исплати пред претседателските избори во 2016 година.
Во судскиот процес против него во Флорида, Трамп е обвинет, заедно со двајца лични секретари, дека однеле доверливи документи во приватна резиденција во Мар-а-Лаго по напуштањето на Белата куќа во јануари 2021 година.
Според обвинението, Трамп со чувањето на овие документи ја загрозил националната безбедност. Меѓу нив имало и воени планови како и информации за нуклеарно оружје, кои во согласност со законот требало да ги врати во Националниот архив.
Тој беше обвинет и за обид за уништување докази. Најсериозните обвиненија може да му донесат затворска казна од десет години.
Неговите адвокати направија се за да се одложи судењето.
Свет
АстраЗенека ги повлекува вакцините против Ковид
АстраЗенека започна со повлекување на вакцината за Ковид-19 ширум светот поради „вишокот на достапни ажурирани вакцини“ кои таргетираат нови варијанти на вирусот, пишува британскиот Гардијан. Соопштението дојде откако фармацевтската компанија доброволно го повлече одобрението за ставање во промет на лекот во Европската унија во март.
Вчера Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека вакцината повеќе не е одобрена за употреба. Во соопштението за печатот, АстраЗенека рече дека одлуката е донесена бидејќи сега има голем број нови вакцини достапни кои се прилагодени на новите варијанти на коронавирусот. Ова доведе до пад на побарувачката за вакцината AstraZeneca, која повеќе не се произведува или снабдува.
„Според независни проценки, повеќе од 6,5 милиони животи беа спасени само во првата година од употребата, а над 3 милијарди дози беа испорачани ширум светот“, се вели во соопштението на АстраЗенека .
„Нашите напори беа препознаени од владите ширум светот и нашироко се гледаат како клучна компонента за ставање крај на пандемијата. Сега ќе работиме со регулаторите и нашите партнери за да се усогласиме на јасен пат напред и да го затвориме ова поглавје и да дадеме значаен придонес во борбата против пандемијата Ковид-19“, соопшти фармацевтската компанија.
Другите земји веќе престанаа да ја снабдуваат вакцината. Не е достапна за употреба во Австралија од март 2023 година, иако нејзината употреба веќе беше повлечена од јуни 2021 година поради широката достапност на понови вакцини.
Свет
Почина главниот шеф на пропагандата на Ким Џонг-ун
Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.
Тој почина поради старост и оштетување на органите за кои се лекуваше од 2022 година, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-би-си.
Ким Ки-нам беше водечки пропагандист во Северна Кореја со децении, долго време служеше на владејачкото семејство каде што придонесе за градење на култот на личноста на севернокорејските диктатори.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано наутро и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, соопшти КЦНА.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.
Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде на чело на одделот.
Ким Ки-нам наводно бил близок со Ким Џонг-ил, а во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.