Свет
Кина е против исклучувањето на Русија од Г20 и другите меѓународни организации
Кина се противи на исклучувањето на Русија од Г20 и другите меѓународни организации, изјави кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, на средбата со неговиот руски колега Сергеј Лавров на маргините на самитот на Г20 на Бали.
„Многу ни е драго што вие лично учествувате на самитот на Г20, што ја претставувате Русија на самитот, тоа е многу важна мисија. Ја поддржуваме достојната улога на Русија во рамките на Г20 и другите меѓународни платформи и сметаме дека никој нема право да ѝ ја одземе на Русија рационалната можност да учествува во мултилатерални формати“, рече Ванг Ји.
Кинескиот министер додаде дека има намера да разговара со Лавров за „прашања од заеднички интерес, како и за соработка насочена кон одржување стабилна динамика во билатералните односи“.
Шефот на руската дипломатија, од своја страна, рече дека Москва го поздравува реизборот на Шји Џјинпинг за генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и дека тој смета на развој на соработката со Кина.
Самитот на Г20 почна на 14 ноември на островот Бали. Претставниците на раководството на земјите учеснички ќе разговараат за прашања поврзани со безбедноста на храната и енергијата, процесот на дигитална трансформација и прашањата за здравствената заштита. Самитот ќе трае до 16 ноември, пренесе „Новости.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Франција издаде налог за апсење на Башар ал Асад
Француското правосудство вчера издаде налог за апсење на соборениот сириски лидер Башар ал Асад под сомнение дека учествувал во воени злосторства, особено во врска со смртта на маж со француско-сириско потекло во 2017 година. Истражните судии го сомничат Асад за соучесништво во убиства и напади врз цивили.
Весникот Le Parisien објави дека 59-годишен маж бил убиен кога неговата куќа, во јужниот сириски град Дара, била бомбардирана од хеликоптери на сириската армија во јуни 2017 година. Повикувајќи се на истражители, весникот наведува дека француското правосудство се сомнева дека Асад го наредил нападот и ги обезбедил потребните средства за него. Во тоа време, владата на Асад се обидуваше да ја преземе контролата врз Дара од опозициските сили.
Во 2023 година, француското правосудство издаде налог за апсење на Асад во врска со напади со хемиско оружје. Ова особено се однесува за тешките хемиски напади во регионот Источна Гута во близина на Дамаск во август 2013 година. Во нападот со нервен гас сарин загинаа стотици луѓе. Организациите за човекови права известуваат за повеќе од 1.000 смртни случаи.
Свет
Зеленски: Потребни ни се најмалку 200.000 војници за да се одржи мирот во Украина
Потребни ни се најмалку 200.000 војници за да се одржи мирот во Украина, изјави претседателот на земјата, Володимир Зеленски, посочувајќи на важноста на независноста на Европа во одбраната на континентот.
Украинскиот претседател ја нагласува потребата за европско единство и зајакнување на одбранбените капацитети во светло на зголемените тензии.
Зеленски додаде дека Европа мора да стане независен глобален играч, особено сега кога Русија започна агресивни акции. Учеството на Северна Кореја во конфликтот и географската близина на фронтот со Европа дополнително ја нагласуваат потребата од итен одговор.
Украинскиот претседател објаснува дека за ефикасна мировна операција ќе биде потребно распоредување на најмалку 200.000 војници од европските земји.
Тој ја отфрли можноста за намалување на украинската армија, што е едно од барањата на Кремљ.
„Ова го сака Путин. Нема да дозволиме тоа да се случи“, рече Зеленски, додавајќи дека неговиот тим работи на организирање средба со Трамп.
Зеленски нагласува дека членството во НАТО е најдобрата гаранција за постигнување прекин на огнот, иако некои земји, вклучувајќи ги САД, Германија, Унгарија и Словачка, имаат резерви по ова прашање.
Во последниве недели, Зеленски разговараше со европските партнери за можна мировна мисија, вклучително и францускиот претседател, Емануел Макрон, и британскиот премиер, Кир Стармер, кои го посетија Киев.
Во својот говор во Давос, Зеленски ги повика земјите од ЕУ да инвестираат повеќе во технологијата и одбраната, особено во производството на беспилотни летала и модерни системи за воздушна одбрана, истакнувајќи дека Русија има способност да мобилизира значително поголеми воени сили од која било европска земја.
Зеленски предупредува дека ако Путин победи во Украина, може да продолжи да напаѓа други земји.
Европа
Семејството се спаси, но не и 17-годишната девојка: заедно бегале од пожарот во турскиот хотел, а потоа таа исчезнала
Најмалку 76 лица загинаа во страотниот пожар што избувна во хотел во Турција среде ноќ, меѓу кои и една тинејџерка (17), чие цело семејство избега.
Стоматологот Мачит Каратасли и неговото семејство биле на одмор во хотел во ски-центар кога избувнал пожарот. Семејството кое беше зафатено во пожар додека спиеше, како и повеќето гости, среде голема паника успеало да побегне од хотелот. Меѓутоа, неговата ќерка Озум (17) не преживеала.
Според медиумите, семејството почнало да бега од пожарот, но во еден момент Озум истрчала во друга насока и исчезнала.
Семејството почнало да ја бара веднаш по несреќата, но за жал дошло до трагично откритие. Нивната ќерка не можела да го напушти хотелот и загинала во пожарот.
Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја синоќа изјави дека бројот на загинати во хотелот во ски-центарот Карталкаја се искачи на 76, а во врска со пожарот досега се приведени девет лица.
Пожарот што вчера рано наутро избувна на последните катови на хотелот „Гранд Картал“ од засега непозната причина траеше десетина часа, а во гаснењето учествуваа и пожарникари од околните градови, јавува Анадолија.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави дека среда, 22 јануари, е прогласен за ден на национална жалост за жртвите од пожарот.