Свет
Кина забранува влез за странци за да ги намали увезените случаи на коронавирус

Кина денеска објави дека ќе забрани влез за странски државјани со валидни визи и дозволи за престој со цел да го намали бројот на увезени случаи на коронавирусот.
Забраната стапува во сила в сабота, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи.
Министерството додава дека оние со дипломатски и деловни визи нема да бидат засегнати од забраната, а странските државјани што пристигнуваат во Кина за економски, трговски, научни или технолошки активности, сепак ќе може да аплицираат за виза.
Кина не регистрира речиси ниеден локален пренос на коронавирус изминатата недела, но бројот на увезени случаи се зголемува.
Мерките се спротивни на претходната позиција на Кина во поглед на затворање на границите. Пред неколку недели Пекинг ги обвини земјите кои забранија влез за патници од Кина.
Светската здравствена организација (СЗО) советуваше да не се воведуваат ограничувања за патувања во моментот на појавата на коронавирусот.
Респираторното заболување Ковид-19 предизвикано од коронавирус од декември зеде 3.227 животи во Кина. Инфицирани се вкупно 81.285, од кои 74.051 оздравен, соопштија кинеските власти.
Во целиот свет бројот на заразени се зголеми над половина милион, а умреа повеќе од 22.000 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Полска забрани пушење на сите видови цигари на работно место

Од 5 јули годинава, Полска воведе целосна забрана за пушење на работното место, вклучително и електронски цигари – дури и оние без никотин.
Прекршувањето на оваа забрана се казнува со 500 злоти (околу 7 илјади денари), а на вработените им се заканува дисциплинска мерка, па дури и отказ. Пушењето е дозволено само во посебно означена и затворена просторија, доколку работодавачот самиот одлучи да ја обезбеди.
Новите прописи воведуваат дополнителни забрани: продажбата на електронски цигари и производи што содржат никотин на лица под 18 години сега е забранета. Рекламирањето на овие производи е исто така забрането, а од јануари 2026 година е забранета и нивната продажба преку интернет. Електронските цигари без никотин ќе мора да бидат означени како штетни, додека количината на никотин во производите ќе биде ограничена на 20 mg/g.
Со ова, Полска се приклучува кон редот на земји кои строго ја регулираат употребата на сите форми на тутун и електронски цигари, без оглед на содржината на никотин, не само на јавни места, туку и во работната средина.
Свет
Мајка го фрлила новороденчето во полскиот тоалет во Романија

Жена во Романија го убила своето новородено дете на грозоморен начин, пренесуваат медиумите во регионот.
Според официјалното соопштение на Обвинителството при Окружниот суд, на 30 јуни 2025 година, во нејзиното домаќинство, жената родила без помош здраво девојче, тешко 3.440 грама, со јасни знаци на активно дишење.
Наместо да повика брза помош или да ги извести властите, мајката го фрлила бебето живо во полскиот тоалет во дворот на нејзината куќа.
Прелиминарниот извештај на Институтот за судска медицина во Бузау покажува дека причина за смртта е механичка асфиксија, односно задушување, предизвикано од присуство на фекална материја во респираторниот тракт, хранопроводот и желудникот.
Овие наоди потврдуваат дека новороденчето било живо во моментот кога било фрлено и дека починало во ужасни маки, вдишувајќи и голтајќи ја содржината од септичката јама, според написите.
Врз основа на овие докази, на 17 јули 2025 година, надлежниот обвинител покренал кривична постапка против жената, по обвинение за убиство на член на семејството, кривично дело кое романскиот Кривичен законик го квалификува како едно од најсериозните и предвидува затворска казна до 20 години.
Истиот ден, обвинителството поднесе предлог за 30-дневен притвор, кој судот го одобри. Жената е приведена, а истрагата продолжува.
Свет
Американските лекари предупредуваат: Четворица починати на Флорида од бактерија што „јаде месо“

Редок тип на бактерија, која предизвикува некроза на ткивото (позната како бактерија што јаде месо) усмртила најмалку четири лица на Флорида оваа година, соопштија здравствените власти на оваа американска сојузна држава.
Во изминатите неколку месеци се пријавени најмалку 11 случаи на инфекција со бактеријата Vibrio vulnificus во округите Беј, Брауард, Хилсборо и Сент Џонс – области во централна Флорида, популарни кај туристите и крајбрежните заедници.
„Во разни води живеат многу видови бактерии“, изјави инфектологот Даниел Иган од болницата „Орландо хелт“. Vibrio vulnificus е бактерија што сака солена вода. Властите засега не откриваат повеќе информации за починатите.
Иако ретка, инфекцијата со оваа бактерија може да биде многу сериозна. Центарот за контрола и превенција на болестите (CDC) годишно бележи помеѓу 150 и 200 пријави. Бактеријата може да предизвика некротизирачки фасцитис – сериозна инфекција, при што ткивото околу отворена рана бргу умира. Многу пациенти завршуваат на интензивна нега, а во некои случаи е потребна и ампутација.
Стапката на смртност изнесува приближно 20 отсто, а доколку бактеријата навлезе во крвотокот, може да достигне и до 50 проценти. Во многу случаи смртта настапува во рок од два дена по појавата на првите симптоми. Бактеријата се развива во топли, солени и мешани (солено-сладководни) води.
Лекарите предупредуваат дека со глобалното зголемување на температурите бактеријата може да се прошири и на области во кои претходно не постоела. Најактивна е од мај до октомври кога температурите на морето се највисоки.
Симптомите вклучуваат повраќање, дијареја, висока температура, треска, забрзано чукање на срцето и дезориентација. Кај здрави лица инфекцијата може да помине без сериозни последици, но многу поранливи се лицата со хронични заболувања или ослабен имунитет, вклучувајќи и болни од рак.
Во 2024 година CDC регистрирал 82 инфекции и 19 смртни случаи – речиси двојно повеќе од претходната година. Порастот се поврзува со невообичаено големиот број доцносезонски урагани на Флорида и на југоистокот на САД.
Бројот на случаи нагло се зголемил по ураганите Милтон и Хелена кога водите од поплавата потиснале топла солена вода кон копнените населени места, што довело до поголема изложеност на луѓето на бактеријата. Научниците предупредуваат дека климатските промени дополнително ќе го зголемат бројот на вакви инфекции. Потоплите океани создаваат посилни бури и подолги урагански сезони – идеални услови за ширење на Vibrio vulnificus.
Министерството за земјоделство на САД проценува дека годишните трошоци за лекување инфекции од вакви бактерии ќе достигнат 6,1 милијарди долари до 2090 година во споредба со 2,6 милијарди долари во 1995 година.