Свет
Кина пронајде извори на енергија доволни за 60.000 години
Кина објави дека направила голем чекор во потрагата по одржливи извори на енергија со откритието што може да го промени глобалниот енергетски пејзаж.
Имено, во рударскиот комплекс Бајан Обо, едно од најважните наоѓалишта на ретки минерали во светот, геолозите идентификувале огромни наоѓалишта на ториум – радиоактивен елемент, кој, според експертите, би можел да ги задоволи енергетските потреби на Кина во следните 60.000 години. Ова откритие од дури милион тони ториум многумина веќе го нарекуваат пресвртница во развојот на нуклеарната технологија и транзиција кон чиста енергија.
Откритието доаѓа во време кога Кина забрзано бара алтернативни извори на енергија за да ја намали зависноста од јаглен, да го стабилизира снабдувањето и да ги намали емисиите на стакленички гасови.
Бидејќи областите богати со ториум се мапирани на дури 234 локации во Кина, Пекинг одлучи да вложи напори во развојот на технологии што би можеле да ја направат основа за идните нуклеарни централи.
Ториумот е радиоактивен елемент, кој се наоѓа во природата во многу поголеми количини од ураниумот. Научниците го гледаа како можна замена за ураниумот во нуклеарните реактори со децении, но само во последните неколку години имаше сериозни инвестиции во развојот на технологии што би можеле да го користат. Главната предност на ториумот е тоа што може да произведе многу повеќе енергија од ураниумот – процените сугерираат дека ториумот има до 500 пати поголем енергетски потенцијал од ураниум-232, кој вообичаено се користи во нуклеарните централи.
Реакторите со ториум произведуваат помалку радиоактивен отпад, побезбедни и постабилни се и носат помал ризик од топење на јадрото. Дополнително, отпадот што се создава со неговото распаѓање е радиоактивен за пократок временски период, така што проблемот со долгорочно складирање на нуклеарниот отпад е значително намален.
За разлика од ураниумот, ториумот не може лесно да се користи за производство на нуклеарно оружје, што го прави поприфатлив од безбедносна перспектива. Конечно, ториумот е пообилен, поевтин за екстракција, а депозитите се порамномерно распоредени во светот.
Ториумот го има и во Европа, иако наоѓалиштата се помали од оние во Азија или Австралија. Во Европа најзастапен е во Норвешка, а значителни количини се откриени и во Финска, Шведска, Франција и во Португалија.
Поголемиот дел од ториумот во Европа се наоѓа во форма на моназитни песоци, кои често се појавуваат заедно со руди од ретка земја и титаниум. Норвешка е особено интересна бидејќи нејзините наоѓалишта се поврзани со големи наоѓалишта на ретки минерали во јужниот дел на земјата.
Иако Европа во моментот нема големи проекти за развој на реактори за ториум како Кина, интересот за ториумот расте токму поради тоа што нуди можност за користење на домашните ресурси за сигурно и стабилно снабдување со енергија, без зависност од увоз на ураниум или фосилни горива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон ја повика ЕУ да продолжи со усвојување нови санкции против Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон денес ја повика Европската Унија да продолжи со усвојување нови санкции против Русија, кои Унгарија ги блокираше, објави парискиот весник „Монд“ на својата веб-страница.
„Ќе продолжиме да го зголемуваме притисокот врз Русија. Мора да продолжиме со усвојување на 20-тиот пакет санкции на ЕУ“, рече Макрон во Париз на заедничка прес-конференција со неговиот фински колега Александар Стaб.
Финскиот претседател рече дека руската офанзива е стратешки, воен и економски неуспех на рускиот претседател Владимир Путин.
„Лидерот на Кремљ не сакаше НАТО да се прошири, а Финска и Шведска се приклучија на тој сојуз“, рече Стаб, додавајќи дека тоа е и воен неуспех за Путин бидејќи губи многу војници.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ноел Баро, денес, по пристигнувањето на состанокот во Брисел, изјави дека е убеден дека 20-тиот пакет санкции ќе биде усвоен.
„Прашањето не е дали ќе биде усвоен. Ќе биде, тоа е сигурно. Но, кога ќе биде усвоен, секој мора да ги почитува своите обврски“, изјави Баро пред новинарите пред почетокот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Свет
Путин: Русија се бори за својата иднина, вистина и независност
Русија се бори за својата иднина и независност, за вистина и правда, изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на доделувањето на државните награди на Хероите на Русија во Кремљ.
„Денес во Кремљ не се собираат само професионалци со огромно искуство и беспрекорна обука. Тоа се команданти кои од самиот почеток на воената операција се бореле заедно со своите војници, споделувајќи ги сите искушенија со своите другари. Тоа се луѓе со цврсти морални принципи и идеали, вистински патриоти на Русија“, рече Путин на церемонијата во Кремљ, пренесува РИА Новости.
Рускиот лидер истакна дека нивната храброст и решителност им помогнале успешно да извршуваат операции во најсложените области и насоки.
Денес, Русија го слави Денот на бранителите на татковината, а Путин им го честиташе празникот на војниците, заблагодарувајќи им се за нивната служба, лојалноста кон нивните заклетви и наследството на многу генерации предци.
Свет
Сибиха: Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник
Унгарија и Словачка не можат да ја држат целата Европска Унија како заложник, изјави денес украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, повикувајќи ги лидерите на тие земји да се вклучат во конструктивна соработка и да покажат „одговорно однесување“.
„Денес, на Советот за надворешни работи на ЕУ, повторив дека унгарските и словачките ултиматуми треба да бидат упатени само до Кремљ“, напиша Сибиха на својот профил на мрежата Икс.
Тој им се заблагодари на ЕУ и европските партнери за нивната поддршка на Украина, додавајќи дека рускиот претседател Владимир Путин погрешно ја проценил состојбата во Европа.
„Путин целосно погрешно ја процени ситуацијата во врска со Украина. Русија се обиде да ја заплаши и подели Европа, но наместо тоа се соочи со невидено единство и нова европска сила која се вооружува и се шири. Ја нагласив подготвеноста на Украина да промовира мир и се залагав за поголемо европско учество во мировниот процес, истовремено истакнувајќи го лидерството на Соединетите Американски Држави“, рече Сибиха, пренесува Танјуг.
Според него, подготвеноста на Русија да ја заврши војната или да преземе сериозни чекори кон мир сè уште не е видлива.
„Повикуваме на зголемен притисок врз Москва. Потребна е целосна забрана за влез на учесници во руската агресија и нивните роднини“, рече Сибиха, додавајќи дека ЕУ треба да инвестира во украинската одбранбена индустрија.
Тој, исто така, повика на воведување на 20-тиот пакет европски санкции против Русија. „Исто така, треба да ја направиме 2026 година, година на успешно спроведување на програмата SAFE за заеднички одбранбени иницијативи и континуиран придонес кон иницијативата PURL на НАТО за критично американско оружје“, смета Сибиха.
Тој додаде дека Украина е подготвена да ги исполни сите услови за полноправно членство во ЕУ. „Пристапувањето на Украина, Молдавија и Западен Балкан претставува геополитичка, безбедносна и економска неопходност“, заклучи Сибиха.

